Во општество што јалово се труди да проектира инклузивност како шведска маса од која може да јадете колку сакате, престанавме да бидеме заинтересирани за личноста и професионалните квалитети, сведувајќи ги луѓето на статистичка бројка. Иако инклузивноста на малцинските групи звучи добро во теоријата, нивната инклузивност во општеството станува проблематична кога се фокусираме исклучиво на создавање однапред одредени демографски цели како „вистински“ краен исход на тој процес. Сиве години на функционирање на некаковси фантомски балансер во Македонија, никој не постави прашање како се чувствуваат оние што се дел од административниот апарат на државата влезени по етнички клуч. Дури и ако ги заработиле своите позиции преку чиста компетентност, тие се наоѓаат себеси во дилемата на сопствените способности, прогонувани од идејата дека таму се само за да исполнат одредена квота. Малку работи се толку штетни како некому да му кажете дека успеал само поради неговата етничка припадност, пол или идентитет. Да бидеме реални, нема забележителни разлики во интелигенцијата меѓу половите, ниту пак постојат јасни варијации врз основа на етничката припадност. Додека социоекономскиот статус може да влијае на пристапот и способноста за стекнување вештини, потенцијалот не е попречен од овие фактори. Затоа, мерењето на потенцијалот е од витално значење ако искрено се стремиме да ја подобриме социјалната мобилност. Балансерот во македонското општество не е ништо друго од средство за социјален инженеринг без валидна статистичка оправданост во менаџирањето на нееднаквоста во општеството по етнички линија. Дали некој размисли дека балансерот определил квота за групата без да води сметка за индивидуалноста и уникатниот потенцијал на секој одделен припадник на таа група неврзан за предрасуди или ограничувања. За жал, во Македонија размислуваме по етнички клуч. Да беше поинаку, државата немаше да ја доведеме до ова дереџе.
Многумина што жалат за балансерот велат дека станува збор за проактивен пристап насочен кон решавање на историските неправди и системски нееднаквости преку давање повластен третман или можности на поединци или групи што биле историски обесправени или недоволно застапени во македонското општество. Поточно, балансерот е мерка на позитивната дискриминација насочена кон зголемување на работните места за луѓето што се историски недоволно застапени во различни области на нашето општество. Што би рекле политичарите – дискриминирани при стекнување позиции во државниот апарат. Да не бидам политички коректен, балансерот е друго име за квоти. Ригидни и нефлексибилни квоти што балансерот ги претвора во проценти. Фокусот со балансерот е ставен на демографијата и треба да биде средство за борба против дискриминацијата. Но, за цело време на примената на балансерот никој не кажа дека станува збор за средство на реверзибилна дискриминација, што често може да доведе до тоа квалификувани кандидати да бидат одбиени за помалку квалификувани само поради тоа што се припадници на одредена етничка група во општеството. На овој начин балансерот станува алатка на дискриминација со која треба да се бориме против дискриминацијата.
И да сакам да го прифатам балансерот како позитивните акциски мерки за справување со постојните недостатоци или недоволната застапеност на одредени малцински групи во општеството, не гледам како може да оправдам дискриминација во правото каде што поединците се третираат поповолно само врз основа на нивните заштитени карактеристики. Тука нема место за принципот на еднакви можности и меритократија, обезбедувајќи дека поединците се оценуваат според нивните способности, квалификации и заслуги наместо непроменливи карактеристики. Балансерот како мерка на позитивната дискриминација може да се смета како овековечување на стереотипите, поткопување на правичноста и прекршување на правата на поединци, кои може да бидат обесправени од таквиот повластен третман. И наместо акцентот во државава во контекст на меѓуетничките односи да го ставиме на поттикнување на различноста, инклузија и еднакви можности преку мерки што промовираат еднакви услови за игра без прибегнување кон дискриминаторски практики, ние се расправаме за понатамошната потреба од балансерот.
Па, Европската Унија ли треба да ни каже кога е доста од реверзибилна дискриминација и дека функционирањето на балансерот генерално е незаконско и забрането со одредбите за антидискриминација од Уставот, бидејќи вклучува поповолно третирање на поединците исклучиво врз основа на нивните заштитени етнички карактеристики. Што, секако, може и предизвикува огорченост и реакција, бидејќи станува збор за нефер и неправедни практики при вработувањето. Наместо да зборуваме за мерки дизајнирани да доведат до поразновидна и инклузивна средина преку отстранување на системските бариери и обезбедување еднакви можности за сите поединци без оглед на нивното потекло или карактеристики, ние заглавивме со балансерот. Затоа е потребно негово укинување, за да престанеме да живееме во статистичка илузија на еднаквост и недискриминација.