Балансер

Балансер или вага, терезија. Сеедно. Тоа се синоними за едно и исто нешто, но ние во текстот, драг читателу, од разбирливи причини, знаеш, ќе го користиме поимот балансер, кој мамето ѝ го расплака на европската демократија, правда и вистина, а пред сè, заедно со Бадинтер, и на суверенитетот на кревката Република Македонија, која еве веќе четврта деценија од својата (не)самостојност како бебе што сите го подритнуваат се обидува да застане на нозе. И никако не може.
Колку што е стар како изум балансерот (вагата), толку е стар и неговиот симболизам на мерка и правда, но и на судија што ги верификува нив. Оттука балансерот во рацете на судиите е и на вратата на судските институции како симбол на правдата. Но ниту еден друг симбол во модерната либералкапиталистичка цивилизација, во која и ние многу несреќно се бутнавме по Југославија, не е толку многу извалкан како тој од перверзијата на политиката. Некогаш во длабоката антика, свет од асировавилонскиот астролошки зодијак на халдејските пастири покрај Тигар и Еуфрат, кои ја проектираа душата во ѕвезденото небо за да ја откријат астрологијата а потоа и астрономијата, балансерот влезен во модерната западна демократија е целосно десакрализиран. Нашиот македонски случај со него, за што ќе кажеме нешто, од убаво, поубаво и најубаво го кажува тоа.
Балансерот за античкиот магиски свет со религиозна душа покрај реална практична имал и религиска, небесна димензија. Тој е корисен како мерка на правдата и вистината не само за живите туку и за мртвите, како што е тоа случај со Стариот Египет каде што Озирис ги мерел на него душите на мртвите на прагот од задгробниот живот. А истата улога тој ја има и во христијанството на Страшниот Суд. Него во раце тука го држи Свети Михаил, водачот на небеските војски против злото во Откровението на апостол Јован. А тој е всушност Исус Христос, кого Јунг неоправдано го класифицира како бог на мртвите. А кои всушност, и во нашиот македонски случај, се поживи од живите. Но за тоа друг пат и во друг текст, драг читателу.
Доволен е тој вовед во темата во која веќе констатиравме дека од светиот халдејски зодијак балансерот дојде во модерната западна цивилизација не како свет, религиски, туку како обесветен симбол за практична намена на политиката, која со него го постави во една „демократска“ варијанта Страшниот суд на земјата, симнувајќи го од небото и одземајќи им ги така правните прерогативи на Свети Михаил и на Озирис. Сега тоа го прават новите судии од Брисел и Вашингтон во име на новиот, по оној на Македонците во антиката со космополитско лице, корпоративен колонијализам, а во име на новиот „еднодимензионален консумеристички човек“ (Маркузе), чиј мозок слегнал во цревата, што го произведе „демократизмот“ на либералкапиталистичката цивилизација на канибализмот на „слободниот“ пазар и Златното теле на капиталот.
На тоа се сведува и политиката на балансерот како симбол на Мерката, Правдата и Вистината, кои се во посед на моќните. Тие со нив речиси во континуитет ги понижуваат помалите и слабите за свои геостратегиски и, следствено на тоа, колонијалистички цели. Таков е случајот, драг читателу, и со македонскиот балансер, кој има трансилвански нарав и се храни долги години од нечиј врат што го стиснал со своите волчешки секачи. Туку, in medias res да не заобиколуваме, иако постојано сме во средиштето на темата, нашиот балансер (од авион се гледа) беше идеално вклопен во она што се вика experimentum makedonicum на Европа, сега покриена со божем хуманистичката маска ЕУ под која се крие новата прераспределба на моќта на моќните и новиот „демократски“ западен неоколонијализам. Нека ми биде дозволена оваа функционална стилска тавтологија.

А во тој македонски експеримент на Европа, кој од 1913 наваму еве столетие и кусур, историските факти го потврдуваат тоа, е зацртано ништење на Македонците. За таа цел, покрај другите, пак, е и обновен врз македонски грб на двапати по Хитлер европскиот фашизам: во 1948 со убивањето на Македонците во Егејска Македонија под претекст на одбрана од комунизмот, а всушност за чистење на македонската територија за Грците, болниот европски Едипов комплекс. И англосаксонските бомбардери перфектно си ја завршија „демократската“ работа со напалм-бомби. Така и се оствари пророштвото на германскиот писател, космополит и хуманист Томас Ман дека „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Македонскиот пример во Европа е најилустративен како потврда за тоа пророштво. Тоа е првата. Втората обнова на европскиот фашизам по Хитлер се случи во Преспа во јуни 2018 со одземање на темелниот архетип на македонскиот идентитет Името. И тоа беше идентитетска смрт на цел еден народ испланирана во новата Менгелеова лабораторија на новата ЕУ „демократија“ во мрачните ходници и канцеларии на бриселските политбирократи низ кои ги влечат Македонците како Јозеф К. на Кафка без да знаат за што точно се осудени, а ги чека како и Јозеф „демократскиот“ нож во каменоломот (каква фасцинантна метафора за Европа) во „светската ноќ“ (Хајдегер) под полна месечина. Par exellence неофашинаци романтизам со европски (сега и евроамерикански) шмек.
Но ајде, велиш, драг читателу, доста вртиме како „киша око Крагуевца“, што велат браќата Срби, кои како и ние добро ја искусија западната бомбардерска демократија во 1999, цели 78 дена затрупани со западните бомби на „демократијата“. Балансерот. Тој заедно и со Бадинтер (мислиме и на законот и на неговиот перверзен француски креатор) е проектиран од Вавилонската ороспија, која од Откровението на Јован директно се пресели во Брисел сега. Конкретно, без заобиколување, Бадинтер како правен балансер е специјална направа за стигматизација и понижение на Македонците, замислена како апертхејдска доминација на малцинството над мнозинството, со што Европа се разголи докрај како антидемократска. А Бадинтер потоа бргу-бргу како моќна алатка за понижение на демократијата и Македонците го измисли и балансерот. Притоа, драг читателу, само да кажеме дека Бадинтер не постои на ниедно друго место во светот. Ни во Африка, ни во племињата во Амазонија. Само во makedonicum-експериментот на ЕУ во многу аспекти адекватен на оној на Хитлер кон Евреите. И Македонците како нив сега се обележени со македонска Давидова ѕвезда на смртта. Идентитетска. Но да не ги испуштиме од вид покрај Бадинтер и балансерот како негово копиле за кое, иако не е нивно, треба да се грижат Македонците и да ги задоволуваат сите негови бескрајни каприци на расипано дете.
Најголемиот дефект на европскиот (и американски) балансер во Македонија, настрана од неговата примарна улога за понижение и деструкција на македонскиот суверенитет, е неговото апсолутно антидемократско лице поставено на етноцентричен, а не на космополитски темел. А тоа, драг читателу, е концептот на моделот на Римската Империја, за разлика од космополитскиот хуманизам на Македонците, кој по линија на генот (чудна е генетиката) го наследи Западната европска цивилизација. Можеби, имено, и затоа е тој анимозитет кон Македонците залегнат како „архаичен остаток“ (Фројд) во западната етноцентрична и колонијалистичка психа.

Така. Но, конечно, да се префрлиме од теорија на пракса за да видиме како функционираат Бадинтер и балансерот во Македонија. Функционираат исклучиво во корист на малцинството (албанското) на сметка на узурпираното и понижено со нив мнозинство. Оти нив, на пример, ги нема ни во Франција за Арапите и негроафриканците, ни во Германија за да ги заштити Турците, кои ги има шест-седум милиони, ни во Англија за фаворизирање, како Албанците кај нас, на Пакистанците, Индусите, црнците итн.
Сега некои конкретни факти за илустрација на ЕУ-балансерот кај нас. Тој не е демократски. Со него и со Бадинтер пред него од ЕУ, а и од Вашингтон, Македонците беа скенирани како диво племе на кое му е туѓа меѓуетничката коегзистенција, па требаше да се заштити тука едно екстремно омилено малцинство, форсирано во еднаков паралелизам со мнозинството. Со тоа западната (анти)демократија создаде етничка, а не човечка демократија, онаа на универзалниот концепт на „човекот човештво“ за која се залага германскиот (далеку од Меркел и Шолц) филозоф со христијанска ориентација Шлаермахер. Филозофијата е присутна и денес кај Македонците, наследена по генетска антрополошка линија од нивните антички предци. Со балансерот се форсираа паралелни етнички институции, со што се дојде, по многу други такви примери, и до барањето за формирање посебна албанска академија, а, за пример, такво нешто не побарале ни Арапите во Франција за да го растураат францускиот суверенитет, ни Турците кај Германците, ни Пакистанците и Индусите кај Англичаните, а ни Македонците (да идеме докрај со аналогијата за европската демократија во experimentum makedonicum) во Грција и Бугарија, а па зошто не и во Албанија како демократско балансирање ни со албанскиот балансер во Македонија, кој патем произведе и неколку политсоцијални паразити (Албанци), кои поради етничкиот (читај албанскиот) балансер беа фиктивно вработени и добиваа плата без да одат на работа. Веројатно планетарен феномен. Потоа балансерот вработуваше во Македонија, како ничија земја, и Албанци од Албанија и Косово. Посебно ексклузивен тука е примерот со онаа директорка во болницата за токсикологија на Клиничкиот центар, која не знаеше македонски, па македонските пациенти, понижувани не знаеја што да прават со неа. И никој не ѝ можеше ништо, бидејќи балансерот беше врховен бог над секој закон. Потоа само уште еден пример, драг читателу. За да се дозасити таа етничка незаситна за „демократија“ малцинска заедница што преферира да биде мнозинска и над мнозинската, се измисли и едно фантомско Министерство за политички систем (ако можеш да ми го објасниш кажи ми), во кое, пак, се трупаа до небото евроамериканските миленици и пак да се заситат тие и западната „демократија“. А како што видовме на крајот и на ТВ, тоа министерство да ти било формирано, покрај другото, и за албанските министри во македонската влада да играат рекреативно мал фудбал и кошарка во неговите пространи сали.

А којзнае уште и за што друго, не знаеме. Потоа балансерот како магичен инструмент беше воведен и во образованието, па за незадоволното малцинство беше како некој вид ЕУ демократска deus ex machina воведен и на универзитетите. На албанските студенти им беше потребна пониска кота отколку на македонските за запишување. А на тој начин, за што ни денес не се свесни, албанските борци за трибалистички, а како што ги викаат тие човекови „права“, влегуваа во стапицата на понижение и самопонижение на Албанците, кои мораа и на квалификувани места да се вработуваат неквалификувани само поради балансот, како и нивните студенти да се запишуваат на студии со пониски квоти, нешто што имплицира воленс-ноленс дека тие се ментално на пониско ниво во однос на студентите од мнозинскиот етнос. Итн. Тоа се примерите за најновиот демократски монструм на ЕУ-балансерот во Македонија, инаку за смислен притисок и понижение на Македонците, како да се тие некое нецивилизирано племе што треба да се цивилизира. Како да не излегле од палеолитот, чиј трибализам е присутен во племенската свест на друг, а не во космополитската на Македонците.
Доволно. На крајот сме, драг читателу. А кои се резултатите од балансерот како алгоритам што ги решава сите проблеми на западната „демократија“? Неговиот „успех“ е тотален неуспех. Тој ја воведе од Брисел кај нас етничката демократија како испробан европски колонијалистички експеримент.
Брисел оцени дека Македонците се најпогодни за таквиот експеримент, кој, веројатно, треба и на друго место да се примени. Сличен како и оној со Србите во 1999 во име на некаков балансер за и од Вашингтон, врховниот политички папа на Западната цивилизација, сега да му се обезбеди максимален територијален и секаков друг вид просперитет на, од него за специјална употреба како геополитичка стратегија, фаворизираниот етнос. Тие добро го проучиле него и го следат примерот на отоманските Турци на тој план.
На крајот во врска со балансерот, кој има поширока симболичка врска од вагата како негов архетип, ми иде во таа смисла во свеста, драг читателу, сликата на одење по високо оптегнато јаже над отворена бездна. И таа слика мене сега ми иде во свеста од детството кога неа ја гледав под шаторите на циркусот. Треперев од страв, вживувајќи се во страшната сцена, да не се урнат долу акробатите што се движеа балансирајќи по оптегнатото јаже горе. Дури подоцна сфатив дека сепак тие се безбедни од пад со фактот дека се врзани со за гледачите невидлива спасоносна сајла за појасот. Тоа е трикот. Е, сега, зошто го пишувам тоа, драг читателу? Затоа што таа слика е аналогна со европскиот и во случајот американскиот политциркус под нивниот распнат шатор во Македонија во кој фигуративно балансерот е јажето високо оптегнато по кој чекорат двајца одбрани акробати, едниот разбирливо Албанец, а другиот Македонец, со таа разлика што првиот од нив е врзан за појасот со спасителна сајла и тој тоа го знае, па чекори без гајле над зјапнатата празнина под него, а другиот (тоа е Македонецот) е пуштен да чекори без таа спасителна сајла. Тоа е трикот на западната демократија во Македонија. Тоа е нивниот експеримент со балансерот во кој некој е цврсто осигурен со спасително јаже, а другиот ѝ е препуштен на празнината, бездната под себе. На падот! И така се прави според ЕУ во Македонија, драг читателу, етничка рамнотежа, меѓу два етноса од бриселска Европа посматрани како диви племиња. Посебно Македонците како такви. Во меѓувреме по укинувањето на балансерот од Уставниот суд, сега наместо него се подготвува закон за рамноправна етничка застапеност безусловно во сè. Тоа е ново-старата вест за нашата ЕУ племенска демократија.