Атомска бомба

Ќе почнеме со Њутн, кој нема ништо со проектот: атомска бомба. Но сепак. Во еден запис-рефлексија, тој вели: „Не знам како ме гледа светот. Но самиот себе се гледам како дете што си игра на брегот од морето и се радува кога ќе најде чист белутрак или убава школка, додека големиот океан на вистината лежи затворен пред мене“. Така. А детето што си игра со камчиња на брегот од брзотечната река во која двапати не се влегува, оти не е истата, е времето крал кај Хераклит. Кај Исак Њутн тоа е детето научник, кое во океанот на вистината затворен пред него ги бара, отклучувајќи го, шифрите на Создателот во него. Така Њутн во него ја откри космичката шифра на гравитацијата, силата што ја држи вселената, сосе ѕвездите и планетите, нејзината голема слика за да не се распадне и исчезне. Таа, имено, ја обезбедува патеката по која планетите и земјата се движат околу сонцето. Идејата за општиот закон на гравитацијата Њутн ја начнал во 1666. Тоа е втората половина на 17 век, во кој тој ја дефинира својата механичка теорија на космосот, прецизна како механизмот на швајцарски саат. Во филозофијата, во таа смисла, негов сијамски близнак е Кант.
И така, драг читателу, Исак Њутн со шифрата на гравитацијата ја отвора големата врата на големата тајна на физиката во до него со девет катанци затворениот океан на вистината. Да. Тој е пионер во тоа, пророк на експлозијата на науката што ја истражува тајната на материјата, која толку многу го возбудуваше во филозофијата и Шопенхауер. И таа експлозија се случува, имено, во 20 век, две полни столетија по неговото епохално откритие, објавено како откровение, на гравитацијата. Тоа е век на физиката жедна за, теолошки да се изразиме, на спознавање на духот на материјата од страна на научниците енормно лакоми за знаење како Фауст, симболот на западната картезијанска цивилизација, која за него си ја продаде и душата на Мефистофел (ѓаволот). А дали нешто слично се случи и со генијот на физичарите во 20 век, чиј научен резултат е и атомската бомба, тоа е темата, имено, на нашиот есеj, драг читателу. Дали тука не се повторува трампата на новиот Фауст со Мефистофел на новото време?
Да. Но во секој случај за да дојдеме до полниот сјај на физиката и атомската бомба и Хирошима како „црно сонце“ на нејзиниот блескав апогеј, секако тргнуваме од атомот, кој е во основа материјален факт, но со неизбежна мистична аура. Некој вид кантовска метафизика, иако германскиот филозоф на најмонументалниот метафизички систем по Платон не се занимавал посебно како неговиот сонародник Шопенхауер со антрополошкиот песимизам на цивилизацијата, кој, како што се покажа, е парадоксално последица и на експлозијата на науката и технологијата каде предност има физиката.
Атомот како факт, како микрослика на космосот, прв го дефинира Демокрит (470-360 пр. н. е), зачетник на материјализмот. Според него, светот се состои од атоми и празен простор во кој тие вечно се движат. Како и да е, тој ја сугерира идејата, познанието дека е тоа најситниот дел од материјата. Но дури физичарите во 20 век ќе обзнанат, имено, дека атомот е космос во мало. Тргнувајќи од оваа (хипо)теза тие, и како астрофизичари, ќе почнат слој по слој да ја раскриваат палимпсестната тајна на феноменот Атом. Така, англискиот физичар Ј. Ј. Томпсон 1897 на самиот крај на 19 век и почетокот на 20 век, на универзитетот „Кембриџ“, го открива електронот, екстремно мала честичка, но која е дел од масата и тежината на атомот. Тој има електричен полнеж. Потоа во 1911, пред тоа негов студент, Ернест Рутефорд од Универзитетот во Манчестер го открива јадрото на атомот како негова основна маса. Во микросликата на атомот како микрокосмос тоа ја сугерира сликата на сонцето околу кое по правилно трасирани патеки кружат како планети и соѕвездија електроните. Навистина фасцинантно.

Да. А по Томпсон и Рутефорд со, како што ќе се покаже, бескрајната тајна на атомот се занимавале и Алберт Ајнштајн, Нилс Бор и уште една цела плејада славни физичари на 20 век. За сè пак со досега кажаното станува збор за статичната слика на атомот. Дури потоа следува откривањето од страна на генијот на физичарите на неговата perpetuum mobile динамична слика со атрибутот или префиксот енергетска. Сега во контекст на тој важен поим мала дигресија. Поимот што е толку многу значаен за модерната епоха и науката на физиката во неа, а се вика енергија. Надвор од атомот, општо познато е дека тој поим стапи на сцена на цивилизацијата со парната локомотива на Џемс Ват. Кога него во една пригода го прашал еден негов пријател писател што работат со неговиот соработник тој одговорил: „Продаваме енергија“. Тоа, таа изрека е важна во темата на овој есеј. Енергијата во модерното време ја покренува со силен ритам индустријализацијата на општеството, парната локомотива на Ват како нејзин основен симбол. А потоа доаѓа и динамото на Тесла во спрега со водопадите на Нијагара. Енергијата на Ват и неговата машина тука имаат практична цел. Од неа почнуваат капитализмот и Златното теле на капиталот. За разлика од неа, пак, во физиката, која во 20 век се занимава главно со неговото величество Атомот, енергијата како поим и (сè уште во добра мера) метафизички факт е во подрачјето на теориската физика. Сè уште, затоа што материјата интуитивно како божјо откровение во свеста на физичарите исто така наеднаш се сфаќа како еден вид на трансцедентална од создателот преобразена енергија. Ајнштајн, според милоста божја, е првиот од физичарите кому му е дадено ова откровение, и тоа со толку многу едноставната, а бескрајна во космичката тајна формула Е=МС2. Во неа е вглобен универзалниот закон на синергијата меѓу масата, енергијата и светлината. Во таа чудесно едноставна и магична формула, без сомнение, Ајнштајн се очешал од тајната на Бог. Тој откри дека материјата е и енергија, нејзин резервоар од кој извира таа. Во само еден квант таа може да биде под одредени услови и огромна. Тука е сега енергијата што спие во атомот, која на крај, како што ќе видиме, ќе биде искористена, потшепната од антихристот за правење и на атомската бомба, тема на нашата колумна. Имено, таа енергија во случајот се ослободува со цепење на јадрото на атомот со помош на неутронот, кој нема електричен полнеж како електронот пронајден пред него. Италијанскиот физичар Енрико Ферми прв го врши тој потфат или експеримент во акцелераторот создаден за таа цел. И веќе со тоа се создава феноменот што се вика верижна реакција, која на крајот како резултат доведува до ослободување голема енергија со разорно дејство. Тоа се случува во триесеттите години на минатиот век кога Хитлер и германскиот фашизам се во силен подем.
Еден човек, унгарскиот научник и хуманист Лео Шчилард знаел каква опасност ќе предизвика верижната реакција кај атомот што води до атомска бомба. За тоа пишува Јакоб Броновски во својата книга „Подемот на човекот“. Во 1934 Шчилард напишал спецификација за патент во која првпат се спомнува феноменот верижна реакција. Но тој сакал да го задржи патентот во тајност за да не се забрза патот кон злото. Него тој го депонирал во британскиот Адмиралитет, но веќе во 1939 без негова дозвола тој стануваа објавен. Од тој миг почнува борбата на Шчилард за спречување на појавата на атомската бомба. За таа цел пишува многубројни писма, меѓу другото и до Ајнштајн и други познати научници. Се разбира тука се и државниците на развиените западни земји. Му пишува и на американскиот претседател Рузвелт: „Создадена е нуклеарна енергија, војната е неизбежна. Нека претседателот одлучи што ќе направи со неа“. Неговата хуманистичка борба продолжува и по непосредното завршување на Втората светска војна во 1945, претчувствувајќи ја катастрофата што ќе се случи. Пишува меморандуми против употребата на веќе произведената атомска бомба. Еден од нив, пак, му го испраќа на Рузвелт, но, за несреќа, тој не стасува до него, бидејќи тој во меѓувреме умира, а него, како што ќе се покаже потоа, за несреќа, го заменува Труман. Тој истата 1945-та (6 и 7 август) наредува да се фрлат две атомски бомби, на Хирошима и Нагасаки во Јапонија. Резултатот: за само една секунда по нивното фрлање се убиени илјадници луѓе и престорени во пепел и двата убави јапонски града. Да. И сè тоа, драг читателу, се вклопува во воената филозофија на Труман, кој во екстаза изјавил дека ни еден мир не е толку триумфален и величествен како што е тоа воениот триумф. А во таква екстаза, типично американска, бил и пилотот што ги фрлил пеколните бомби. До крајот на животот ја држел над креветот во спалната соба сликата со атомската печурка.

Всушност, изговорот на Труман за неговиот катастрофичен потег е да ги натера Јапонците да се предадат, иако тие биле апсолутно воено поразени. Сепак по сè изгледа, како што се покажа набргу тоа, станува збор за болен нарцизам на идниот планетарен хегемон Америка, кој ја презема на себе моќта на Хитлер и го заведе новиот либерален фашизам. Во таа смисла луцидно и вели генералот Камингс, лик од романот „Голи и мртви“ на Мајер, дека Германците не ги бидува за фашизам за разлика од екстремно виталните за тоа Американци. Нешто што се покажа набргу тоа по Хирошима и Нагасаки со американското демолирање и колонизирање за материјален профит на цели држави и народи.
Катастрофата што ја демонстрираа Хирошима и Нагасаки спепелени од атомската бомба го фрли човештвото во страв и јанѕа од нови такви катастрофи, но опаметувањето не дојде. Меѓународно беше усвоено дека атомско оружје можат да поседуваат само пет земји: Америка, Русија, Кина, Англија и Франција. Благословени. Но сепак без нивна дозвола атомски бомби направија и Индија и Пакистан, а потоа и Израел за да се чува од Арапите. Но тука е и малата азиска држава Северна Кореја. Нејзе за таа цел ѝ имаат веројатно помогнато Русите и Кинезите, а на Израел – Американците. Заради рамнотежа на силите. Што е ефектот од тоа? Тоа дека сите што имаат атомско оружје се многу побезбедни од оние што го немаат него. Во некоја смисла апсолутно безбедни, евентуално ако некоја од атомските сили не ја фати патолошко танатосно лудило и страст за целосно усмртување на човештвото, што е, според некои знаци денес, извесно. Израелскиот колеж во Палестина поддржан од Западот го сугерира тоа.
Човекот како да не извлече никаква поука од Хирошима и Нагасаки. Бргу ги заборава големите катастрофи. Сега секој што може се труди да производе атомска бомба, црниот симбол на големата експлозија на науката во дваесеттиот лек. Секој гледа спас за себе со нејзиното поседување. Сега повеќе од веројатно неа се труди да ја произведе и Иран, но не му е дозволено. Дозволено му е на Израел, но нему не, бидејќи бил многу опасен, а Израел не и покрај она што сега се случува во Газа. И вистина е дека поседувањето атомска бомба е некој вид самозаштитеност на народот што ја поседува неа, посебно ако станува збор за мал народ како што е тоа случајот посебно со Северна Кореја, па нема гајле од агресивниот американски хегемон. Така. А мене воленс/ноленс, драг читателу, по аналогија ми искрснува мислата како ќе беше убаво и малечката, скусена до едно догорче од цигара, Македонија да имаше атомска бомба. Тогаш не ќе се случеше ни онаа европска нацифашистичка Лисабонска декларација, ни терористичката 2001 по која Американците и Европејците ни ги набутаа терористите во владата и парламентот, ни смртоносниот Преспански договор, ни француската рамка на крвожедните за наше исчезнување Бугари, ни овој најскорешен идиотизам на бриселските политидиоти со јазикот и идентитетот, тие што сега се ставаат во улогата на Господ, кој пред нив и нивниот затворен психопатолошки ум им ги поделил на народите идентитетите, а по нив и на животните, растенијата, па и на материјата и стварите. Ама европските малоумници не го знаат тоа.

Сеедно, и без атомска бомба ние ќе опстоиме, оти се покажа, парадоксално, дека сепак нашата најсилна од сè атомска бомбa, имено, е идентитетот, дури и кога, драг читателу, би се запалила Библијата, а тоа изгледа и ќе се случи во западната од поодамна сатанистичка цивилизација, која не ја усвои Радосната новозаветна вест што им ја предадоа како спасителна штафета Македонците и апостол Павле.
Приказната со атомската бомба е долга и трауматична. Со неа по Хирошима и Нагасаки стапи на сцена на човештвото силниот антрополошки песимизам, што во некоја смисла воленс/ноленс нè потсетува на непоправливиот песимист Шопенхауер, кој како старозаветен пророк пред изгревот на најблескавиот научен, но и најтрауматичен и најтрагичен 20 век рече дека овој свет е најлошиот од сите можни светови што постојат во универзумот. Двете светски војни на европскиот колонијалистички Запад заедно и со Хирошима и Нагасаки како крунско финале на ѕверското лице на човекот го потврдија тоа. Но човекот, посебно западниот, кој, како што знаеме, си ја продаде душата на Мефистофел (ѓаволот), не се опамети. Напротив, за него големите катастрофи како да се некој вид спектакл и садистичко самозадоволство. А може атомската бомба и Хирошима и Нагасаки всушност се почетокот од Откровението, или Апокалипсата, последната од 77-те книги на Библијата. Повеќе од сигурно.