На овие страници на весникот „Нова Македонија“ сум запишал дека досието „Дувло“, „Рашомон“, досието „Темел“, „Големото уво“, досието „Креатор“, „бомбите“ на Заев се службено детектирани политички злоупотреби во функционирањето на разузнавачките служби во Македонија. Зар може некој да го тврди спротивното дека нашиот разузнавачки систем функционирал и сѐ уште функционира под сенката на неговиот претходник од социјализмот и претставува еден од главните внатрешни извори на конфликти и опасности што ја држат Македонија далеку од можна либерална и демократска иднина. Овие институции, без сериозна контрола станаа совршен внатрешен непријател на демократијата и алатка за политичка контрола и пресметка во рацете на неокомунистичката власт. Колку и да изгледа глупаво и демоде триесет години потоа од независна Македонија, армијата на духовите на комунистичкото минато сѐ уште вгнездена е таму каде што се концентрирани репресијата и моќта. Во разузнавачкиот и безбедносен сервис на државата. Една ваква констатација нормално дека ги разгорува старите стравови кај граѓаните од неконтролирана моќ на „тајната полиција“, овозможувајќи ѝ на секоја власт да ја поткрепи легитимноста на своето владеење. Особено онаа на рециклиранитe комунисти. Во 2024 година сѐ уште да се пишува за наследниците на злогласната тајна полициска служба на комунистичкиот режим е депримирачки и разочарувачки, но многу поголемо е разочарувањето кога знаете дека „тајната полиција“ во Македонија останува непробојна и неодговорна – неприкосновен победник на неуспешната трансформација на земјата. Да, и покрај сите демократски избори низ кои помина државава од независноста, вистинските победници на транзицијата на Македонија кон демократија се безбедносната елита – поранешните членови на домашниот разузнавачки сервис и нивната генерација наследничка, кои ги штитат делото и идеологијата на своите постари колеги и поддржувачи во политиката, создавајќи свое. Кое го гледаме и живееме. Се сеќавам на една констатација на еден докторанд, припадник на службата, кој го осуди отворањето на идеолошки формираните досиеја во 2001 година, велејќи дека со тоа се нанел сериозен удар на ефикасноста на службата зашто се разоткрила мрежата на информанти, толку потребна за нејзиното функционирање.
Тоа е таа непроменета наследена ментална матрица на чуварите на комунистичкото минато во Македонија – да се занимаваат со идеолошки креираниот внатрешен непријател како автократска дискурзивна премиса на безбедносните закани на политиката, поттикнувајќи го, наместо да го намали обемот на државната репресија. И денес тој, како професор, ќе ми ја анализира безбедносната ситуација, ментално загноен од идеолошкото минато на оваа земја. Што повеќе може да очекуваш од човек што сѐ уште жали за идеолошките информанти на минатото.
Домашните разузнавачки организации, „реформирани“ на хартија со променето име, остануваат „златна кокошка“ на власта (која и да е) сѐ додека се способни непречено да може да ги зголемуваат информативните способности на политиката. Време е новата власт да ја прекине неславната историја на прислушување, следење и политичка репресија на неистомисленици и разузнавачкиот сервис во државата и да го направи одговорен и идеолошки прочистен да ја врши работата за која вистински е креиран. Доволно живеевме со идеолошкото бреме на разузнавањето во Македонија, преку кое се одржуваше во живот државната репресија на минатото. Но власта ќе мора прво да го прекине синџирот на сомнежи дека продолжило прислушувањето и по „бомбите на Заев“ и дека разузнавачкиот сервис е одговорен за создавањето и одржувањето во живот на политичката репресија во последниве седум години на владеење на претходната власт. Како и да одговори за новите политички затвореници во Македонија во 21 век и нивната изложеност на тортура и нечовечко и понижувачко постапување.
Многу прашања чекаат одговор, а познавајќи ја службата, не треба да се чека и да ѝ се даде време за да се реорганизира, консолидира и акомодира со новата власт. Повеќе од три децении нова генерација раководи со безбедносната заедница во Македонија. Ветераните од времето на комунизмот и раната транзиција се пензионирани, ангажирани во приватниот сектор или се дел од политичкиот естаблишмент. За жал, новата генерација размислува по старо, како докторандот што го споменав претходно. Тоа е заедница што е споена со семејни врски и мрежи што ги вкрстуваат политиката и бизнисот и која сѐ уште сака да го контролира минатото. Затоа не успеа декомунизацијата на македонското општество, не успеа лустрацијата и секако идеолошки го заробија нашето историско минато. Времето не работи за новата власт. Искрено не верувам дека моќта на разузнавачкиот безбедносен сервис е толку непробојна. Само треба да се дејствува, а власта во моментов ги има сите лостови за тоа. И, секако сум против да останеме во незнаење за нашите современи угнетувачи. Зашто нема да е добро за демократскиот развој на Македонија да заборавиме без да истражиме.
Проф. Звонимир Јанкулоски