Архитектонската школа во Македонија генерално е под влијание на модернизмот. Постои отпор кон класицизмот. Дали истото тоа произлегува од потеклото на дел од интелектуалната /архитектонска и ина/ елита, при што од својот срам и несогласување со некои нови сознанија и историски интерпретации за своите корени, ги принудува на неотстапување и наметнување на своите вистини и на другите да не се вртат кон минатото. Или, пак, тоа генерално е резултат од односот на комунизмот кон минатото, од што произлегуваат континуираните напади на сѐ што асоцира на историцизам.
„Сместена помеѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток, архитекти на Југославија одговорија на контрадикторни барања и влијанија, развивање поствоена архитектура и во согласност со и различни од дизајнерските пристапи што се гледаат насекаде во Европа и пошироко. Архитектурата што се појавила – од меѓународните стилски облакодери до бруталистичките ’социјални кондензатори‘ – е бетон утопија манифестација на радикалната разновидност, хибридност и идеализам што ја карактеризираше и самата југословенска држава“.
Воинот на коњ, Јустинијан, мостовите, градбите покрај Вардар, спомениците на хероите се скандализираат, проблематизираат и упорно се потура тезата за залудно трошење пари, се иронизира на тема за скромната македонска реалност, која леб нема да јаде, а ваму, дури сега се дрзнува да гради неокласични градби и ангажира мајстори леари во Фиренца, скапи врби, фасади итн. Од архиврвовите и дел од „душегрижните професионалци“ ултимативно се бара и гласно апелира да се престане со „градењето на етноцентристичката кауза и силното идеолошко загадување“ и да се воспостави мораториум на градителските зафати до изборите во април 2015.
„Погледни сега во Забавниот парк Скопје 2014: Оригиналноста отсуствува во целост, делата се безлични, мизерен обид за копирање на соцреализмот, на нациреализмот и барокот! Повеќето се нестабилни композиции, Воинот е во хаос, столбовите поставени без вистинска потреба (ни оптичка)! Размерот безличен: Карев со кратки ножиња, Крали Марко дегенериран и со абнормално тенки нозе, Јустинијан со мало раче, Шатев е колку капијата! Ченто паѓа оптички и физички, па се потпира со капутот на трупец, Коњот од воинот – на опавчето…“
Појдовната рамка што секогаш треба да се зема предвид е нерамномерен економски степен на развој, на овој дел од ридестиот Балкан, кој секогаш бил и останал дел од Европа. Немањето политичка супресија, војни, делби, распарчувања, негирања, сето тоа го забавило сиот развој и се разбира и правото на сопствено размислување и за архитектонските обликувања, градење, за сопствен поглед и право на споменични обележја на својот плоштад, фонтани, триумфални порти.
Скопје по земјотресот беше прогласен за Град на Солидарноста и во него се влеа многу братска помош. Беа изградени населби со фински, норвешки, шведски бараки во населбите, руски монтажни комплекси.
Некои капитални објекти, како што се театарот, универзитетскиот комплекс, Градскиот ѕид, Транспортниот центар, на падините на Водно никна и елитна населба на просторот околу црквичето во Капиштец и пошироко. Паралелно почна да се гради и околу Охрид, Елешец, Лагадин. Она што остана недоречено и помалку загадочно беше центарот на Скопје. Ентузијазмот како да подзапре, градителскиот занес папса. Најверојатно, снема и средства од братската југословенска помош и пошироко и се прелеа во раскошни пространи градби на падините на Водно. Сето тоа беше изведено мошне итро и, се разбира, во тесен круг, во кој беа другарите од политичката врхушка и, се разбира, ескорт од личности од јавниот и културниот живот за приказната да биде поубедлива. Градежната оператива го расчисти теренот, го распарцелизира и ги удри темелите на првото прелевање на капиталот од фондовите на постземјотресно Скопје во приватни имоти, кои сега во посттранзицијата се вистинско богатство. Многу од нив им се продадоа на новопечените богати махери и трагата полека се покрива и брише. Многу од бетонот и преостанатиот градежен материјал од солидарната братска помош се вградија и околу охридското крајбрежје подалеку од погледот на граѓанството и на изглед плиткиот комфор ја докусури и ја испразни касата. Градскиот плоштад остана празен и безличен.
Тито по земјотресот ја одбил понудата Џ. Ф. Кенеди да помогне Скопје да се изгради како отворен град. Можеби тогаш имало некаква можност за едно поинакво архитектонско размислување, но тоа не се случило и Скопје е предадено во рацете и на милоста на соцреалистички визии (наметнати и нарачани од политичката врхушката) на почитуваниот Кензо Танге. Тогаш е направена и најголемата узурпација на поширокото централно подрачје каде што никнува „фамозниот градски ѕид во кој се вселува политичката елита, која подоцна истиот тој, во транзицискиот метеж, секој посебно ќе го откупи за багателни цени. Според некои информации од луѓе што биле дел од збиднувањата, половина од парите од солидарната помош се прелеани во Нов Белград, дел се потрошија во бетонските ѕидишта за реконструкцијата на градот Скопје по засновањето на метаболистичкиот проект на Кензо Танге и архитектонски фантазмагории, како футуристичкиот УКИМ, МОБ, проекти што претходно се одбиени на десетина конкурси во земјата и во светот. Нешто тивко отиде и се вгради во подножјето на елитните градби на Водно, Лагадин, Елешец, Елен Камен, Охрид, Струга, Преспа.
Во „архиповикот и отпорот“ и за неразумното непродуктивно трошење буџетски средства, во жолчните камп-дебати и излагања на „архиексперти“, кои сѐ уште честито не го владеат ни македонскиот јазик, во реакциите на дел од домашната (незадоволна) јавност, која сега како да стивнува, можеби треба да се детектира, препознае и разобличи еден подлабок историски дискурс, во кој се наѕира ехо за почеток на крајот на окупаторската доминација во архитектурата на плоштадот и поширокиот приод, кој денес конечно се именува Македонија.
И ако досега секоја разгледница и секој документарен прилог низ ТВ-мрежите низ годините, како по правило, беа визури со Ристиќева, Настиќева палата, мотиви од отоманското минато, чаршијата, Јајапашината џамија, амамот… со ред градби што се проектирани и направени во македонското ропско минато, денес на плоштадот доминираат градбите на „Мериот“, „Телеком“, Градската куќа. Спомениците на историските личности и херои од скриеното и долго премолчувано македонско депо и происход.
Првпат во сопствената историја, моќната македонска градежна оператива („Бетон“, „Гранит“ и редица други) си изгради свој плоштад, со свои содржини, споменици, музеи, порти. Првпат во историјата скромните Македонци – Трајче, Мирче, Стојче, Страше… се исправаат и стојат гордо се фотографираат со воинот, Гоце, Јане, Карпош. „Скопје 2014“ израснува во вистински бедем на македонската гордост, самопочит, себечувствие, вечност. Прашањата и дебатата за еклектизмот, стиловите, кичот се неубедлива аргументација на оние што некогаш го нагрдија и испокрадоа Скопје и нивните потомци.
Скопје со фонтаните, мостовите градбите се препорачува во рубриките на угледни светски весници како место што мора да се посети. Наспроти архитектонски евалуации за кич, евтин микс на гипс, пластика, шизофрени визури со лавови, воини, споменици, фонтани… според многумина добронамерни, градот го има еден од најубавите плоштади во регионот, а во промотивните секвенци изгледа како место од светот на бајките.
Изграденото, и покрај тоа што некои делови се во застој, привлекува сѐ поголем број туристи во последните години. Голем број љубопитни и добронамерни посетители секојдневно се присутни на најубавиот плоштад во регионот. Фотографираат, се информираат, уживаат во обиколката, се информираат за содржините, спомениците. Новиот изглед на Скопје не остава никого рамнодушен. Населението во голем дел е задоволно од новата неокласична архитектура, која се коси со строгото социјалистичко минато, ќе пренесе Еуроњуз.
Барокот и проектот „Скопје 2014“ еден ден ќе бидат историско наследство. Прашањата и дебатата околу еклектицизмот, стиловите, се неубедлива аргументација на оние што во минатото го нагрдија и испокрадоа Скопје. Времето и поколенијата ќе кажат кој бил во право.
– Скопје не е филм, не е трилер во кој ние погодуваме што е главниот настан. Тоа е концентрација на борбата на човекот за слобода со резултат што инспирира натамошни борби и неприфаќање на поразот – ќе рече Жан Пол Сартр во 1963 година.
П.С. Подната фонтана, која е дел од проектот „Скопје 2014“, беше пуштена во употреба во 2015 година и за нејзината изградба беа потрошени 2,5 милиони евра, за разлика од другите фонтани, оваа беше вистинска атракција за туристите и децата, кои секое лето трчаа и се натпреваруваа со водените водоскоци, осветлени во најразлични бои. Сега се чини никој не си спомнува дека таа е надвор од функција и дека треба да се обнови.