Архитектура(м)… архитектура(ш)… архитектура

(по повод 95-годишнината од раѓањето на Љубен Најденов)

Секој успешен поединец гледа напред. Ова е одобрено и потврдено во оваа секојдневност (нека ти текне: „…Напрет /со тврдо Т/ кон посветлата иднина“ ОУ В.И. Ленин – Скопје). Но… има поединци што упорно гледаат назад… и тие не се одобрени во оваа секојдневност. Затоа сѐ поретко се среќаваат (разбирливо: кој сака да му се проверува минатото???)… и… бидејќи сакале или не, природно тие еретици се произведуваат, државата се досети: за да ги има и нив под контрола (другите се сите загледани во иднината, а таму е измислено сѐ што се однесува до посреќната иднина), најдобро е да ги држи на купче и блиску и… ги крсти „интелектуалци“… и им даде навидум достоинствена титула „колумнисти“ и таму нека се занимаваат со слободна нецензурирана мисла, а тие (ако се паметни) слободата секако ќе ја разберат како либерти. Еве еден таков… изгледа опитен и сигурно знае дека колумнизмот не е нова појава и дека поставените рамки задолжително го носат колумнистот (се разбира секој поединец во свое време) до познатата резултанта предвидена дури и во религијата.
Исповед… мислам подобро е да се исповедате в црква, но исповеданието во средствата за јавно информирање остава можност да се добие впечаток… на модерност (никогаш не разбрав што значи зборот) и дека колумнистот е добриот, во не толку добрата содржина на колумната (ви текнува? Јас тоа го напишав пред години… и еве се случи).
Колумнистите ги има во сите професии, но најапсурден е случајот кога колумнистот доаѓа од сферата на архитектурата (тие сметаат дека со архитектурата започнува цивилизацијата). Ех… еве еден таков.
Неговата исповед ја пренесувам колку што можам разбирливо:
„…рецкано је куде снају Цоју…Трп Руен, учен в Дверце тзе (според кирилскиот ракопис од 6 век на н е дело: КНИГ В ЛЕС, ШТИЧКА 15)… што сакав да кажам“…
Еве ме: Архитектура М, Архитектура Ш. Архитектура (секогаш тоа трето лице еднина)… и (не е именка, Глагол е)…. (Морам да се вратам назад.) Што сакав да кажам? Врати, врати сѐ. Само врати. Вратите се границата на димензиите во кои се среќаваат феноменот и ноуменот… Еве оваа на перонот 5, на пример. Влезната врата на галеријата „Остен“. Неочекувано решение (проектантот не беше ни известен кога се уриваше)… парафраза на Магрит. Постмодерна… од другата страна, друга врата, помала (излетува гулаб – половината од телото останува внатре – половината со крилјата излетува надвор)… Јазик на постмодерната. Се сеќавам: во тоа време излезе од печат култната книга на проф. Чарлс Џенкс, 1978?
Почина професорот Љубен Најденов. Тоа сакав да го кажам. Во некои хронологии ќе го најдете вака: роден 1931 г. во Горна Џумаја, кралство Бугарија. Почина во 1979 г. во Скопје, СФРЈ… редовен професор на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје… постдипломските студии ги заврши на „Беркли“, неколку наведени изведени објекти, уште неколку збора за теоретскиот придонес и… Готово… Како? Чекај, не затворај вратата. Тој беше продекан за настава, зошто нема ништо за тоа во биографијата и не е наведена „Летница“ (каде е ресторанот „Летница“ во центарот на Охрид?), a хотелот „Десарет“? Мораше ли и тој да се руши? Најденов беше индекс број 1 во првата студентска генерација при оформувањето на Техничкиот факултет во Скопје и првиот дипломец. Тој прв во својата генерација ги заврши постдипломските студии на „Беркли“ со највисоки оценки во 1965 (неговите скулптури изработени во текот на студијата до денес ги красат куќите на публиката што ги откупи) и Здружението на архитекти на град Скопје востанови награда со неговото име „Повелба Љубен Најденов за теоретски придонес во историјата на македонската архитектура…“
Професорот Љубен Најденов е настан што досега не се случил во историјата на постоењето на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Предаваше Основи на проектирање. Тој испит се полага во втора година, но на неговите предавања просечно беа присутни 400 студенти! И не беа слушателите само од втора година туку доаѓаа студенти и од трета и од четврта и од класите на други професори… Во предавалната се носеа столчиња од другите цртални, а професорот Најденов предаваше само на 80 квадратни сантиметри површина, колку да може да стои! Секаде околу него беа поседнати гладни студенти. За збор. Во зима по прозорците се слеваа капки како да паѓа дожд однатре… „Во библиотеката во ’Беркли‘ до рака ми дојде книга на македонски како на велепразен. Коста Солев. Ја прочитав за да се наситам“. Ова го спомнуваше…
Така беше почитуван професорот. Важно е да се напомене: според правилникот за работа на Архитектонскиот факултет во Скопје, предавањата не се задолжителна обврска на студентот! (доволно е студентот да биде редовно присутен на вежбите и ќе го обезбеди правото да го полага испитот)… Тоа олеснување студентите обилно го користеа. Само на предавањата кај професорот Најденов сите сакаа да бидат присутни…
Сите бевме свесни за феноменот, и студентите и другите професори. Овде ми е неопходна досетката од студентските денови. Мисла, не знам…, но ќе ја кажам изворно: љубовта е ватра – љубомора дим. Ако нема ватра – нема нити дим. Ете, звучи малку откачено српско-македонски…, но вистинито е.
На почитта, професорот возвраќаше со почит и реши да ја прифати одговорноста продекан за настава и реши да ја реформира наставната програма и да создаде нов образовен систем на факултетот. Приближно вака:
1. Факултетот треба да произведе архитекти во Македонија за Македонија пред сѐ;
2. Тоа подразбира дека студентите треба сите поединечни предмети да ги учат на реалните градови и населби во Македонија, а не на апстрактни примери.
За да не навлегувам во подробности, нудам сликовит приказ: генерацијата 1968-1973 ќе ја студира Битола…, ќе работи урбанизам на Битола, геологија, геомеханика, градежни материјали, водовод, канализација на Битола, ќе ја истражува архитектонската историја на Битола, конструктивните системи ќе ги моделира за Битола, климата на Битола, археолошкото наследство на Битола…
Наставно-научниот совет и претставникот на студентската организација сфатија кои се придобивките од системот на Најденов: факултетот следи сѐ што се случува во светот, но го применува на еден македонски локалитет. На тој начин студентите пред да влезат во реалноста на професијата веќе ги проучиле геоморфолошките и културолошките карактеристики и ја доживеале димензијата на македонскиот простор…

3. Третата точка не помина арно: професорот Најденов предложи Архитектонскиот факултет во Скопје да се отвори спрема другите архитектонски факултети на СФРЈ! Тука некако не се разви дискусија…, сите факултети во СФРЈ имаат иста програма и исти испити… Само треба протокол, според кој, професорот што предава општествени згради во Загреб (на пример) да држи предавање во Скопје, а нашиот професор да оди во Загреб (Белград, Сараево, Љубљана, Титоград). Начелно другите факултети ја поддржаа идејата… Има финансиски последици, но тоа не е разработувано во предлогот… Седницата заклучи дека е неопходен нов термин за седница за што ќе бидат известени членовите… Штама.
Потоа се урнаа „Летница“ и „Десарет“… и се појави фотографија на професорот во печатените медиуми со инсинуации за неправилно богатење (изградил куќа и купил француска кола марка „ситроен“)…, потоа професорот испрати одговор со документација по сите инсинуации, потоа редакцијата не го објави одговорот, потоа професорот достави писмо во кое бара одговор за одговорот… Штама…“
Знам дека ваквиот начин на пишување колумни е непопуларен денес. Да пишуваш за професор на факултет и да го славиш?! Но да дозволиме, нека заврши напливот.
„Професорот го дочека инфарктот на нозе… продолжи да ја извршува воспитната задача на факултетот, но се откажа од продеканската титула и реформата на факултетот (слична судбина ќе го снајде и Богдан, 500 километри погоре на север многу подоцна) и ја следеше препорачаната терапија, која предвидуваше сериозна физичка активност (денес, мислам, таква терапија не се препорачува за инфаркт на миокардот)… Професорот сакаше да знае, бараше специјалист што не нуди надежи, туку дијагнозата ја кажува в лице… и отиде во Прага на клиниката кај професор Хејхал (тој на пациентите не им ја ублажувал вистината)… Љубен Најденов се врати со дијагнозата: вие немате шанси!
Тоа утро, редовно од прагот на неговата куќа, професорот го започна трчањето по планинарските патеки на Водно. Сѐ додека не ја заврши обврската, според службената терапија, не го испушти последниот здив. Професорот Љубен Најденов го пречекори прагот на соништата на прагот на неговата куќа во Трнодол… Сам… по комплетираниот тренинг, без сведоштво за последните зборови…
Првата година помина и се појави иницијатива за помен од страна на негови студенти во рамките на факултетската зграда. Катедрата по Основи на проектирање не покажа особен ентузијазам… Штама… по пет години, по иницијатива на негов студент, САМ (Сојузот на архитектите) издаде подлисток со цитати од неговите предавања и скулптури што Најденов ги реализирал во „Беркли“. Факултетот не учествуваше… потоа едно здружение на архитекти востанови повелба со неговото име… Мислам дека такво здружение не постои повеќе… Штама… Што сакав да кажам?
Навистина. Што сакаше да каже колумнистов? Изгледа дека гневот ја препокрил поентата… мислам вака: да беше се родил професорот Најденов во Гленсдејл ќе беше дел од архитектонската енциклопедија на светот и ќе ги напишеше култните книги „Јазикот на облиците“ и „Безвремениот начин на градење“, а Кристофер Александар ќе беше доцент на неговата катедра во „Беркли“ и најверојатно ќе доживееше најмалку 85 години како славниот професор Кристофер Александар. Но иако судбината му ја пружи таа шанса, професорот Најденов не ја прифати! Професорот Најденов сакаше што побрзо да се врати во Македонија и собраното знаење да го кристализира во татковината… мислам: да беше се родил во друго време, на пример, во времето на македонскиот стоицизам, ќе беше поместен во сеќавањата на гностичките манастири над Богомила, кои се темелат на еудаимониа. Но нему Севишниот му ги определи Горна Џумаја и Архитектонскиот факултет во Скопје за да не може да се заборави суштината поради која Македонците го создадоа образовниот систем.
„Ако во државата се градат многу болници и многу затвори, проблемот е во образовниот систем “… Почит за тебе професоре Љубен Најденов…:
И… мислам: историјата му прилега само на оној што ја чува, почитува и ја пренесува таму од каде што извира. Таму од каде што и самиот тој потекнува. Така се заслужува именката чувар на постоењето, кое било и е и кое треба да биде непроменето и по него. Така му се оддолжува на животот: монументално, антикварно и критички. Историјата не е наука. Историјата е насушна потреба. Историјата е крајната цел на животот.

Вангел Божиноски