Америка гледа кон бездната

Едвард Лус

Доналд Трамп не е единствениот што избегна куршум. Половина сантиметар налево и патронот што го погоди неговото уво ќе направеше маченик од Трамп. Не може да се каже какви последици би предизвикала неговата смрт. Обидот за атентат врз Трамп ќе има силен одек во американската демократија. Неколку секунди откако беше опкружен од агенти на тајната служба, Трамп ѝ извикуваше на толпата „борете се, борете се, борете се“. Фотографијата на која покажува стегната тупаница со американското знаме во заднина ќе стане амблем на неговата кампања.

Општество што има доверба би ги чекало фактите за пукањето пред да донесе заклучоци. По тоа мерило, Америка е блиску до работ. Двајца од републиканците што имаа аспирации за потпретседателската функција ги обвинија демократите за поттикнување омраза кон Трамп. Фаворитот, сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс, рече дека реториката на кампањата на Бајден „водела директно до обидот за атентат на претседателот Трамп“. Тим Скот, сенаторот од Јужна Каролина, рече дека „запаливата реторика на демократите става животи во ризик“. Илон Маск, сопственикот на Твитер, социјалната мрежа на која беа објавени овие изјави, брзо се осврна на заговорот за тоа како атентаторот можел да се доближи толку блиску: „Или се работи за екстремна неспособност или е намерно“, напиша Маск.

Многумина од левицата еднакво брзо тврдеа дека пукањето е фингирано или оти претставува лажна операција за зголемување на изборните изгледи на Трамп. Сепак, забележливо е дека ниту еден висок демократски функционер сè уште не ги подгреал тие гласини. Идентитетот на осомничениот стрелец, 20-годишниот Томас Метју Крукс, не понуди одговори. Иако беше регистриран републиканец и ентузијаст за оружје, тој уплатил и мала донација кон продемократска група. Веројатно е дека како и повеќето американски атентатори, Крукс дејствувал сам и поради лични заблуди. Но тоа нема да ги спречи политичарите да ги обвинат нивните идеолошки противници за пукањето.
Најголемото прашање е што ќе направи Трамп со тоа. Ниту едно искрено објаснување за лошата клима во Америка не може да го игнорира фактот дека самиот поранешен претседател е највлијателниот експонент на политичко насилство во земјата. Тој ги опиша како „неверојатни патриоти“ оние што упаднаа во Капитол Хил со ножеви и јамки на 6 јануари 2021 година. Тој се потсмеваше на нападот врз Пол Пелоси, сопругот на поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, откако еден од неговите поддржувачи го удри со чекан по главата. И тој ги охрабри екстремистичките милиции да „бидат на штрек“ непосредно пред изборите во 2020 година. Во помирни демократии, инцидент во кој партиски лидер за малку избегна убиство од полуавтоматска пушка од типот „АР-15“ ќе доведе до двопартиски повици за контрола на оружјето. Нема шанси партијата на Трамп да се премисли за таа тема. Бројот на пушки „АР-15“ во Америка се проценува на 44 милиони, што ги става во перспектива споредбите со претходните периоди на политичко насилство во САД.

Oстанува да видиме дали Трамп ќе добие трајно засилување на симпатиите. Но веќе може да се извлечат три заклучоци. Првата е дека републиканската национална конвенција во Милвоки неделава ќе биде во знакот на неуспешниот атентат.

Кампањата на Трамп е многу вешта во истакнување на неговите пораки. Фотографиите со стиснатата тупаница на претседателскиот кандидат што храбро се крева по атентатот ќе ја преполнат бината на конвенцијата. Се очекува Трамп да го именува својот кандидат за потпретседател во следните два дена. Очекувајте нацијата да биде обземена од восхит или од страв од употребата на инцидентот од страна на републиканците. На првата претседателска конвенција на Трамп во Кливленд во 2016 година, улиците околу главната сала беа преполни со приватни милиции. Работата на полицијата на улиците на Милвоки неделава ќе биде невообичаено тежок предизвик, дури и според американските стандарди.

Второ, Џо Бајден веројатно ќе добие барем привремено одложување од внатрешната дебата на демократите за тоа дали треба да се повлече како кандидат на неговата партија. Иако се чини дека е многу подолг период, 17-те дена откако Бајден разочара на дебатата на „Си-ен-ен“ со Трамп беа потрошени за сè пожестоки расправии меѓу демократите. Страстите зад тој спор, околу тоа кој би имал најголеми изгледи да го порази Трамп во ноември, остануваат исто толку релевантни. Но фокусот сега ќе се врати на Трамп. Кампањата на Бајден соопшти дека ги суспендира своите политички огласи што го напаѓаат Трамп. Ќе биде изненадувачки ако тоа трае повеќе од неколку дена. Остануваат уште пет недели до конвенцијата на демократите во Чикаго. Исто така, би било изненадување доколку не заживеат повиците за повлекување на Бајден.
Прерано е да се шпекулира – како што некои брзо направија, дека веќе добрите изборни изгледи на Трамп сега веќе се неизбежни. Во 1981 година, Роналд Реган доби огромен пораст на популарноста откако беше застрелан од вооружен напаѓач. Тој поттик испари во рок од неколку недели. Но фер е да се каже дека веќе егзистенцијалните избори сега се значително понапорни од порано. Насилството веќе беше имплицитно во голем дел од реториката. Сега е експлицитно. Секогаш е примамливо да се истакне дека оружјето и политичкото насилство се главен елемент на републиканците. Тоа е точно во споредба со другите демократии. Но условите во 2024 година се единствени. Куршум за малку ќе го убиеше човекот што вети одмазда доколку биде вратен во Белата куќа. Духот на одмазда ја прогонува Америка.