Не поминаа ниту три месеци од завршувањето на последните собраниски избори за да се потврди оцената дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е човек со сто лица. По шокот што го доживеа по изборниот пораз и неуспехот да остане на власт, најверојатно кај него се оживеани идеалите за една поинаква Македонија, познати од воинствените денови во Шипковица во 2001 година. Немајќи сила да се помири со реалноста ја засили стратегијата за сеење страв, достигнувајќи кулминација со изјавата дека доколку ги нема Албанците ќе ги нема и Македонците на оваа денешна територија насилно ословена како Република Северна Македонија.
Страв лозје чува, падарот грозје јаде, но Али Ахмети не е веќе падарот. Тука веќе се создава проблемот.
Всушност, ако се прави генерална оцена, може да се заклучи дека целата кариера, војничка и цивилна му е заснована на сеење страв. Ширење страв меѓу членството и раководството на својата партија, меѓу жителите Албанци што не се на негова страна и меѓу Македонците каде и да се.
Стравот го наметна како ладно оружје во замена на огненото што го употребуваше во војната. Секогаш кога сакаше да оствари некоја од идеите на својата партија заедно со идеите се ширеа заканите и ултиматумите, редовно поддржувани и од неговите американски невидливи советници и партнери. Со отворени закани за дестабилизација на меѓунационалните односи, до предизвикување меѓуетнички инциденти и поведување нова војна, Ахмети јава по македонската земја веќе две децении.
Тоа го можеше сѐ до пред неколку месеци кога за првпат во својата дваесет и тригодишна официјална кариера се соочи со поразот и со немоќта предизвикани од губењето на власта. Токму до оној момент додека неговите сонародници, поранешни сопартијци, колеги и пријатели од Влен не рекоа „мечка страв мене не страв“ и му го зедоа стравот, не плашејќи се веќе од изградениот култ, од неговите постапки и методи за решавање на внатрепартиските конфликти.
Се разбира, тука е и браната поставена од ВМРО–ДПМНЕ со Христијан Мицкоски, одбранбен ѕид подигнат да се запрат штетните долгорочни последици предизвикани од владеењето на Зоран Заев и од Социјалдемократскиот сојуз, верни поданици на Али Ахмети во времето на нивната коалиција.
Не е сеење магла туку е сеење страв и најновата иницијатива околу некаквата замислена нова прераспределба на уставниот и политичкиот систем, најверојатно поткрепена и со идеи за поинаква територијална административна поделба. Платформата што ја готви ДУИ со пишувачот Пол Вилијамс, која наскоро ќе ја видиме, не е мастика што ќе се изџвака и плукне. Самото нејзино појавување ќе предизвика нова бура на македонското политичко небо, ќе внесе нова вознемиреност меѓу граѓаните и повторно ќе ги отвори вратите на стравот за иднината на државата и за местото на Македонците во сопствената држава.
Прашањето ќе биде за местото и правата на Албанците, цел ќе бидат Македонците.
Додека беа на власт, од ДУИ изјавуваа дека се посветени на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и на европската интеграција и отфрлаа секакви монтирани политички обиди за дестабилизација. Денес може да се заклучи дека таквите изјави биле или сѐ длабоко лицемерство. Сето она што го прави сега ДУИ или го изјавува Али Ахмети е спротивно на нивните наводни залагања и изјави. Едно е во теоријата, друго во практиката, би рекле луѓето.
Не е никаква тајна дека интегративците во неколку наврати ги предадоа Македонците на меѓународна сцена. Тие не дадоа ниту грам поддршка во напорите да се зачува името, до денес во поголем дел ги поддржуваат грчките ставови за спогодбата, како и бугарските ставови за историјата, идентитетот, јазикот и писмото на македонскиот народ.
Колку што македонската политика имаше разбирање и волја за поволно решавање на актуелните национални барања на Албанците, толку албанските политички лидери немаа чувство на блискост и партнерство за националните емоции на Македонците. Речиси со сигурност може да се тврди дека доколку албанските политичари застанеа зад македонските ставови ниту соседите ниту меѓународната заедница ќе имаа доволно храброст да ги поставуваат уцените и ултиматумите.
За заплашување на народот денес не се нужни тенкови на улица, борни коли и водни топови на плоштади, војска и полиција на секој агол. Сѐ се одвива, се инсталира, преку осмислени и добро подготвени техничко-пропагандни детали и психолошко-социолошки трикови за кои Американците се врвни специјалисти. Стравот не се втерува со демонстрација на сила, туку со перфидни методи или акции, често навидум спонтани.
За да се рашири стравот, да земе дури и национални димензии, понекогаш се доволни само еден говор, еден политички потег, еден донесен или изменет закон, да се истакне еден бајрак или некој симбол, еден крст или едно минаре, еден неосновано обвинет или невин затворен, само еден пуштен глас, едно кратко интервју. Или, обратно: долг молк без никаков одговор од официјално место.
А познато е дека очите на (во)стравот се многу големи, не само ноќе.
Проектите за втерување страв кај народот како да станаа посакуван општествен модел, патриотска задача, корисна општествена дејност, партиска света обврска. Тие не се ниту нови, ниту непознати, особено во општества што немаат демократија или имаат лабава, недоизградена демократија. Стравот се засејува како пролетна сеидба од која дури подоцна се гледа што ќе се пожнее од тоа што ќе се посее.