Знаеме дека ни се подготвува конечен удар за наша анихилација. Пописите го докажуваат тоа. Тоа го направија со Евреите, не успеаја, го прават и со Македонците, и тоа нема да им успее, иако методолошки поинаку ја изведуваат операцијата – балкански мелтинг пот, асимилација. Ова е, драги мои, геноцид и ние нема да бидеме мирни сѐ додека не го спречиме тоа. Тоа е нашето фаќање за мечот!
Легендата вели (сите народи си имаат свои митови и легенди, народни преданија, па и ние Македонците си имаме) дека некогаш Господ решил на народите да им ја подели земјата. На Евреите им ја дал Ветената Земја, на Италијанците – Италија, на Грците – Елада… Претставниците на народите стрпливо чекале во ходникот каде што Господ ги давал тапиите. Во ходникот останал само еден човек. Господ излегол и го прашал што чека. Па, чекам да ми дадеш земја. Ја раздадов целата, што не се јави порано. Е па, чекав… Добро, имаш среќа, но и голема одговорност. Си оставив едно парче земја за мене, Македонија се вика, тебе ќе ти ја дадам да ја чуваш. Да ги чуваш земјата, морињата, реките, езерата, планините. Да ги чуваш културата, јазикот, традициите.
Цела Македонија да ја чуваш. Ќе ја чувам, решително рекол Македонецот.
И ја чувал, ја чувал Македонецот Македонија, ама не ја дочувал цела. Затоа Господ решил летото господово 2024-то во мисија да го испрати лично својот миленик Александар Македонски, за да види што се случува со неговото племе. И што видел Александар, синот на Филипа Втори? Ужасни слики. Луѓе ноеви, кои на најмал потрес ги пикаат главите во земјата. Исплашени, дезориентирани, па и доста сиромашни.
Народ што поминал неколку лоботомии: грчка, бугарска, српска, албанска, англосаксонска. Им викале дека не се Македонци, им менувале лични документи и извод на раѓање, им додавале букви на презимињата, им менувале имиња, од Киро ги правеле Киријакос. Плус полуендемски: комунистичка лоботомија, па транзициска сдсмовска лоботомија, преспанска лоботомија и пак бугарска лоботомија. Гледа Александар, се веат знамиња слично на тоа што е на неговиот штит, ама не е тоа сонце. Нејсе. Како еден од најучените луѓе на своето време, Александар сфатил дека неговиот народ е омразен во светот, разбрал дека постои антимакедонизам и дека на Македонците не им се признаваат ниту територијата, ниту државичето, ниту писмото старо, ниту верата рисјанска, ниту пак јазикот, и дека се обидуваат да смислат нова нација. Дека ако го избришат кодот македонски ќе ја избришат и цела Македонија и нејзината слава и како име и како наследство и како цивилизација и како народ, национ.
Па, овие ме бришат и мене!, извикал Александар и се фатил за мечот.
Во консултации со Господ направил голем македонски собор, ги собрал сите Македонци, и живи и мртви, од Клеопатра до Македонците што го пречекале Светиот апостол Павле, Константин и Елена, богомилите, Јустинијан, Михаил, Персеј, Самоил, Марко Крале, Дичо Зографот, Мисирков, Миладиновци, гемиџиите, Коцарев, Гоце, Јане, Карев, Пирузе, Ченто, Панко, Драган Богдановски… И засвети силно сонцето, се роди нов ден и силен глас одекна во светот: Славна Македонија е жива!
Ова не е расказ со научнофантастична содржина, ни случајно, ова е отворање на синџирот на македонската ДНК, која никој не може да ја избрише, а е наша заштита. Кога Александар инстинктивно се фатил за мечот, тој нам ни кажал како треба да постапиме ние. Тој нас нѐ видел како вазали во сопствената земја, очајни и закопани со главите како ноеви. Од реален егзистенцијален страв, оти поединецот нема заштита ниту дома, уште помалку надвор.
Каква позиција има денес Македонија во надворешните односи? Никаква! Држава што за 30 години ги сменила знамето, уставот неколкупати и на крајот името на држава. Потпишала договори за самоуништување. Држава што во образовниот систем ќе учи историја што други ќе ѝ ја пишуваат. Држава што има маглива цел кон што се движи, а заборава на својата куќа. Простете, ама тоа е продадена држава. Шитната!
Од соборот и силната светлина, ако се вратиме на дневната светлина (дневна политика), што гледаме? Прво една порака од премиерот на Атињаните, Мицотакис, кој апла му се заканува на македонскиот колега Мицкоски, како и на целиот народ, дека од него и само од него зависи дали Македонија ќе стане членка на ЕУ (таа е таа маглива цел). И тоа не е далеку од вистината, зашто Мицотакис во битката за Македонија е вооружен со европско моќно оружје, кое се вика вето (и еден куп историски лаги). Тој ламенитра дека тој (Он, демек Господ) ни дозволил да влеземе во НАТО. А домашните гавази, кои од 1991 година потпишуваа јавни и тајни дилови со Атињаните, не само државата туку и нас граѓаните нѐ ставија во вазалска позиција.
Па, тогаш зошто и да излегуваме на гласање, кога и онака сѐ се знае?! Ќе признаете, многу глупава позиција. Но, има смисла изборот на демократско гласање ако се почитува волјата на тие над 1,2 милиони избирачи што рекоа дека не сме за промена на името. Дека сакаме членство во НАТО-Бато само со уставното име и никако поинаку. Дека ни се гади кога гледаме како јавно ни го корумпираат целиот систем, ни купуваат пратеници за ситни пари, дека ни киднапираат пратеници кога треба да се гласа за паѓање на старата влада (во однос на македонските интереси типично злосторничко здружение), дека ни се гади кога нѐ убедуваат дека правиме проблеми, а ние сакаме слобода на говор и слобода на избор. Дека е мачно и неиздржливо да се гледа како ни ги сечат насилно природните врски со нашите браќа и сестри Македонци и Македонки во соседните земји и дека знаеме дека ни се подготвува конечен удар за наша анихилација. Пописите го докажуваат тоа. Тоа го направија со Евреите, не успеаја, го прават и со Македонците, и тоа нема да им успее, иако методолошки поинаку ја изведуваат операцијата – балкански мелтинг пот, асимилација. Ова е, драги мои, геноцид и ние нема да бидеме мирни сѐ додека не го спречиме тоа. Тоа е нашето фаќање за мечот. И треба да знаат дека нашите деца ги учиме секаде каде што во учебниците пишува „северна“ Македонија, тоа „северна“ да го пречкртаат со дебел фломастер. Тоа е нашиот отпор. И тоа е светлата иднина за нашите деца. Македонија повторно славна!