„Ако умрам ил загинам“ испеа
легендарниот народен пејач
Јонче Христовски… и во неа на крајот порача… „вие на гроб да ми дојте,
песна да запеете… оро да заиграте“
МАКЕДОНСКА ФОЛКЛОРНА ДИЕЦЕЗА
Од сите европски народи, само македонскиот има шанси да опстане како етникум со сите свои изворни својства затоа што има силен и богат фолклор и чувство за национална припадност, која ја изразува преку својата музика, уметност, поезија и литература… Многумина беа истражиле, па констатирале дека ниту еден балкански, а уште помалку европски народ, нема испеано толку многу песни за својата земја како Македонците.
На колегиумот на Културно-уметничката програма на МТВ во далечната 1994 година, во својство на уредник на Забавната програма предложив да се редуцираат емитувања на програми во кои доминираа југословенските рок и поп-нумери и содржини и да пристапиме кон изработка на видеоспотови на македонски изведувачи, сѐ со цел подигнување и поддршка на домашната музичка продукција. На колегиумот присуствуваа уредници на редакциите, Катица Трајковска, Љупчо Тозија, Љубе Цветановски, Петар Костовски, Соња Д. Гиздавиќ, а во Културно-уметничката програма на МТВ уредници беа и имиња како Петре Андреевски, Димитар Масевски, Љупчо Константинов, Миле Брзанов. Од некои колеги идејата беше окарактеризирана како неумесна, несоодветна, избрзана, а од некои од поширокиот колегиум на МТВ оценките беа построги и тоа беше протолкувано како своевидно ембарго, при што тогаш го заработив и еретичкиот епитет, благонадежен родољуб.
Но идејата беше сосема нешто друго. Тоа беше еден од првите обиди во новонастанатата ситуација институционално да помогнеме да го поткрепиме и да го заштитиме и подигнеме нивото на сопствената музичка и останата медиумска продукција, а на нашите тогашни локални ѕвезди да им бидеме поткрепа во гледалиштето и пошироко. Освен групата „Леб и сол“, ние во југословенски рамки и немавме некои истакнати интерпретатори и имиња. Па, така, и покрај осамостојувањето, во медиумите продолжија да доминираат југословенските големи ѕвезди. Во рамките на зацртаната стратегија, за создавање и афирмирање на сопствената естрада тогаш се случи и конкретна соработка со вмрежување на нашите програми со жанровски истородни програми во Словенија. Беше договорен и реализиран видеомост со словенечката телевизија. Тогаш популарните Дарио и „Миг 21“ учествуваа во популарното шоу „Погледни и погоди“ каде што настапија рамо до рамо со „Бекстрит бојс“, Си џеј Луис, „Бони ем“, а тогаш анонимната Ребека во емисија со светски познатите „Кели фемили“, Диџеј Бобо. Возвратно, од Македонија подготвивме и емитувавме заедничка програма од МОБ во Скопје, во која учествуваа интернационални ѕвезди, како „Трогс“ од Лондон, Костас Кардалис, интернационална ѕвезда од Грција и др. Интересно е да се напомене дека поради реновирање на скопскиот аеродром, од Амстердам не допатуваа светски познатите „Спајс грлс“, а учеството го откажа и Демис Русос. Според образложението на неговиот менаџер, патот од Охрид до Скопје бил проблем за габаритниот грчки пејач. Подоцна дознавме дека во откажувањето имало и политичка заднина. Имено, мегаѕвездата Демис Русос бил дел од високите политички сфери во грчката партија ПАСОК. Потоа продуциравме уште десетина емисии во соработка со ТМР од Марибор и Радио-телевизија Словенија, во која заеднички беа претставени македонски, словенечки и светски ѕвезди, кои беа модерирани и претставени од нашата позната телевизиска ѕвезда Ирена Спировска. „Гараж“, „Шоуто мора да продолжи“, „Ах каква ноќ“ беа само дел од емисиите од забавена, поп и рок-жанр. Видеоспотови, фестивалите како „Цветници“, „Макфест“, „Златно славејче“… со десетина плејбек-композиции и со ентузијазмот на прилепчаните Пеце и Златко со поддршка на Македонската радио-телевизија го создадовме и организиравме „Мелфест“, кој изнедри редица таленти, меѓу кои и легендарниот Тоше Проески.
Сето ова е записнички нотирано и видеодокументирано и може да се провери во архивите на МРТВ. Така беше тоа во деведесеттите, во почетокот на независноста во која малкумина веруваа и искрено и посветено дејствуваа. Сѐ продолжи да тече и истекува како вид силен продукциски тек, продолжеток на една неверојатна силна духовна и професионална продукциска кондиција. Потоа следува распуштање, најпрвин на хоровите, потоа народните и забавните оркестри на Македонската радио и телевизија, фестивалот „Цветници“ и другите слични манифестации, а сѐ во името за трансформирање (растурање на т.н. продукциска компонента) на јавниот сервис и негово сведување на нивото на дузина новоотворени „телевизии“, кои со несоодветни технички и продукциски компоненти и главно странски програмски содржини успеаја да се наметнат и во име на плурализацијата, божем демократијата, независноста, ја дозакопаа духовната вертикала – македонската естрада. Благодарение на ентузијазмот на господинот Стојан Троицки, некако од ова медиумско турбофолк-цунами, успеа да го одржи фестивалот „Макфест“, а неуморниот и искусен Григор Копров успеа да создаде и веќе со децении да го организира, раководи и да го одржува „Охрид-фест“.
И за крај уште едно потсетување и навраќање на темата… Од сите европски народи, само македонскиот има шанси да опстане како етникум со сите свои изворни својства затоа што има силен и богат фолклор и чувство за национална припадност, која ја изразува преку својата музика, уметност, поезија и литература.
А Рацин запишал: „Сето она што не можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе го нашло своето место во песната“.
Секоја песна, стих, фреска ни овозможува да ги почувствуваме страста, болката и радоста на уметниците. Секоја нивна приказна е момент на триумф што ги надминува културните и географските бариери. Тоа е прослава на духот и непоколеблива способност на уметноста и песните да ги поврзуваат и обединуваат луѓето. Тие се потсетник за тоа како уметноста може и мора да преживее дури и во најтешките и најсложени општествено-историски контрадикции и околности.
На Македонија не ѐ е потребно одобрение да се сети која е, историјата на Македонија не е и не треба да биде предмет на преговори, таа треба да се почитува.
Блаже Конески ќе подвлече и дека „народ што создал такви прекрасни песни нема да заостане во разгрнувањето на својата уметничка литература, нема да заостане во изградбата на целокупната своја национална култура“.
Аљоша Симјановски