Ако ова е пиар, нека трае засекогаш

Со години, нашиот град Скопје постепено се претвораше во слика на запоставеност и безредие. Од некогашниот горд град со душа и стил, Скопје стана метафора за неред, отпад, запуштеност и безнадежност. Ѓубрето се натрупуваше по улиците, тревниците се претвораа во џунгли, а парковите, кои некогаш беа белите дробови на градот, личеа на заборавени агли од некој напуштен индустриски простор. Секојдневието на скопјанецот стана навика за прифаќање на урбаниот хаос – дупки по улиците, запуштени кејови, диви депонии, урнатини и безличност.
Секоја локална власт ветуваше дека „ова ќе се промени“. Во предизборието секогаш имавме исти слики – ветувања за нови паркови, велосипедски патеки, почист воздух, повеќе зелени површини, повеќе грижа. Но реалноста секогаш беше спротивна. Наместо напредок, гледавме стагнација и деградација. Скопје ги загуби сјајот и достоинството, и тоа не поради некој конкретен непријател – туку поради негрижа, неработа и целосен недостиг од систем и одговорност.
И тогаш, нешто се смени. По последните локални избори, градот доби нова власт. И буквално, прекуноќ, се случи нешто што скопјани одамна не го виделе: чистење, ред, активност, живот. Плоштадите повторно почнаа да личат на плоштади, кејот се чисти, улиците се мијат, кантите се празнат, зеленилото се коси, и најважно – се чувствува дека некој конечно почнал да работи. Нема магија во тоа, нема чудо, само едноставна работа што одамна требаше да се случи.

Но, како и секогаш, веднаш се појавија „грижливите души“, тие што одеднаш стануваат експерти за сè. Почнаа да објаснуваат дека тоа било „евтин пиар“, дека било „театар за јавноста“, дека било „само за слика“. И тоа го кажуваат истите луѓе што со години не направија ништо за градот да изгледа подобро.
А мене, како аполитичен граѓанин на Скопје, тоа навистина не ме интересира.
Не ме интересира кој е на власт, не ме интересира од која партија е, ниту дали е тоа „евтин пиар“. Ме интересира само едно – резултатот.
Дали градот конечно функционира? Дали е почист? Дали можам да прошетам по нормална улица без да газам во ѓубре? Дали децата имаат каде да си играат, дали воздухот е подобар, дали Скопје конечно дише? Ако одговорот е „да“ – тогаш нека биде тоа пиар колку сака.
Затоа што вистината е едноставна – граѓаните не живеат од политички изјави, туку од конкретни дела. Ако некој со „евтин пиар“ успее да го исчисти градот, да воведе ред, да направи да функционира јавниот превоз и да ги среди парковите – тогаш нека прави пиар секој ден. Ако утре некој со пиар ни ги качи платите на 2.000 евра – цел народ ќе аплаудира.
Народот не сака празни приказни, туку резултати. Сака ред, чистота, инфраструктура, функционалност. Сака да гледа дека нешто се движи, дека нешто се гради, дека некој навистина работи за доброто на сите, а не само да зборува.
Затоа и поентата е јасна: граѓаните не ги интересира кој ќе си припише заслуги, ниту дали нешто е „маркетинг“, „кампања“ или „спин“. Граѓаните сакаат резултат. А кога резултатот е видлив, кога улиците се чисти, кога Скопје блеска барем малку како што заслужува – тогаш сите тие „аналитички“ објаснувања за пиар стануваат неважни.
Ако треба, нека биде пиар, ама нека биде со резултат. Бидејќи празниот град полн со ѓубре не е ништо друго, освен антипиар за сите нас. И затоа, како скопјанец што го сака својот град, ќе кажам едно: не ме интересира кој е на власт и кој ќе се фали – нека има ред, чистота и работа. Скопје конечно нека биде град достоен за своите луѓе. И ако тоа е пиар, тогаш конечно гледаме пиар што вреди.