На времето се играше фанта. Една исцртана линија на тврда земја без трева, неколку играчи и фрлај од алуминиумските парички од еден, два и пет динари. Потоа, тој што е најблиску, ги врти монетите што се наредени на неговата дланка и порачува можност. Имаше и дечки што се кладеа настрана од главните играчи. Потоа картите за комар поевтинија и полесно се шверцуваа од Стамбол, Трст или Солун, за на крајот да почне и продажба во нашите трафики. Кладби имаше и на маалските фудбалски натпревари, во играње џамлии, кладби за кинобилети и натфрлување со плоснати камчиња преку Вардар и жабарниците. Имаше кладби за сѐ и сешто само ако си мераклија за тоа. Атрактивни беа борбите на маалски петли. Бевме како јужно од Рио Гранде дел Норте. Вистински Мексиканци. Поцрнети од сонцето, со домашни петли под мишка. Маалскиот милиционер беше доволно да се појави на почетокот на долгата правлива улица, за сите кладби да престанат, а голем број играчи да се разбегаат преку Вардар. Тој често запленуваше пари бидејќи играчите понекогаш немаа време да си ги приберат. Но, тоа беа смешни износи. Потоа, како што се развиваше општеството и џепарлакот беше сѐ побогат и подостапен, се случија и табланет, пиле, покер, бриџ, домино и реми. Брзата пара беше кај барбутот. За миг соголен, за миг полни џебови пари. Човекот отсекогаш се кладел за што било. Во денешно време, таа индустрија е целосно стопандисана и ставена под контрола на некој голем брат.
Несериозно, мошне сериозни настани за човештвото. Секојдневно гледаме дека се накрева силна војска. Закажан е меч помеѓу Соединетите Американски Држави и Теократската Исламска Република Иран. Има интензивни преговори, ама како да ги нема, односно дипломатијата намерно како да му го препушта местото на милитаризмот. Пред извесно време имавме прелиминарен меч на рингот во Централна Америка. Играта со Мадуро како да беше увертира во мечот на годината. Беше најавуван помпезно, а заврши ефикасно и за кратко време со панч – удар и нокаут. Во секој случај, тој беше рангиран на повисоко место од оној во случајот Гренланд. За чудо, иако и Канада и Мексико беа потенцијални предизвикувачи на листата за дуели од политичката лига на светот, дојде до тајно усогласување за недоразбирањата помеѓу промоторите, а потоа мечот со и во Иран повторно да има привилегија за средба на декадата. Навивачите од целиот свет, кои сѐ уште не го почувствувале мирисот на барутот, беа по малку разочарани од кусата пресметка во Венецуела. Многумина загубија кладби. Тешко дека некој ќе го игра тангото на смртта помеѓу Русија и Украина, а уште потешко дека ќе го преземе приматот на словенските докажани борци. Не сакам ни да замислам односно да се враќам назад во минатото, па да претпоставам каква сила ќе беа тие две армии доколку продолжеа да еволуираат од тврд комунистички режим во демократија. Се разбира, не квазидемократија на елитите што умеат да цицаат од ткивото на општеството со многу софистицирани методи прилежни на еден докажан ајдук. Ако не освоиш територија со чизма, тогаш ти си само лажица во кујна што ја меша помијата. Веројатно тоа е стратегијата на оние од „зад Карпатите“. Но цената е навистина застрашувачка.
Светот е дотолку накосен што за сенешто се клади. Трагично. Со своите постапки, тоа ни го нудат тешкашите од ормускиот ринг. За жал, ова е грд израз. Влогот постојано се зголемува и сите се во исчекување што ќе се случи. Сигурно е дека тоа ќе биде слично на атрактивен блокбастер со хепиенд за потоа сите да бидат „среќни и весели“ до крајот од животот. Се разбира, до новата „улична“ тепачка. Така е бидејќи светот е навистина глобална улица. Воениве циклуси некако зачестија, па ред е да се запрашаме што е чарето за една одамна протежирана и веројатно разурната економија заради која се сите овие мешаници.
Како и да е, се вршат опсежни подготовки помеѓу тешкашите, кои навестуваат судир од епски размери. Всушност, станува збор за реванш-меч од пред неколку месеци што го започна Израел, а го „завршија“ САД. Во свет изложен на неверојатни амплитуди во речиси сите области од животот, сѐ е можно, а најтешко да се дојде до толку посакуваниот мир. Зарем економијата нема друг излез за своите основни платформи освен да побара помош од политиката, иако со гордост ги истакнуваше разликите и подвоеноста на интересите? Политиката бара излез од ќор-сокакот потпирајќи се на воени опции и вооружување. Како поинаку да се разбере потегот на една Германија, која сака да издвои 100 милијарди евра за да ја поврати старата војничка слава од минатото? Неодамна и Јапонија ја крена сведнатата милитаристичка глава. На што се должи заживувањето на иницијативата на „вечниот“ Џонсон по секоја цена да се испратат европски трупи во Украина за да го чуваат мирот? Дали е тоа лична потреба за самодокажување на еден кикс-мајстор од Истанбул и инает кон инаетот за сопствен авторитет или само продолжена рака на нечии длабоко отуѓени општествени длабочини? Трката во вооружување е вреќа без дно, но исто така профит, кој за жал е на перманентно високо ниво од памтивек. Зошто има сѐ помалку здрав разум дури и таму кај докажаните демократски општества? Тие упорно се подготвуваат за голема војна, а ние дури и со навивачки жаргон во разговорите се кладиме на тоа дали ќе ја има или не. Човек едноставно да се запраша кон што стреми оваа наша цивилизација или посилниот дел од неа.
„Денес е историски ден. Имаме чест и задоволство да објавиме дека е постигнат договор за иранското нуклеарно прашање“. Вака во 2015 година започнува говорот на Федерика Могерини, европската шефица на дипломатијата, која заедно со американскиот, кинескиот, иранскиот и другите колеги го потпиша договорот што носи мир. Сите се кладеа дека така и ќе биде. Но отстапката ја прави претседателот Трамп во 2018 година заради непридржувањето на Иранците до договорот. Оттогаш наваму, Ормускиот Теснец е причина за постојана тензичност. Ако се вратиме назад пред годините, можеби ќе го добиеме вистинскиот одговор. Во 1953 година од власт е соборен регуларно избраниот премиер на Иран, Мохамед Мосадек, кој бил наклонет кон големиот сосед СССР. Национализацијата на нафтената индустрија е капакот САД и Британија со државен удар на власт да вратат свој човек. Тоа е големиот шах Мохамед Реза Пахлави. Следува период на нестабилност и демонстрации крваво задушувани од страна на неговиот режим. Веќе видено, нели? Кон крајот на 1970-тите започнува исламска револуција, а од Париз на власт доаѓа Рухолах Хомеини. Повторно тензични односи помеѓу Иран и САД и Западот, кои траат и траат…
Што понатаму? Трилерска напнатост, силна армада на САД и не помалку ефикасната на Израел, закана светот да пламне. Неизвесност пострашна од војна. Дали сѐ ќе заврши со пријателски допир на боксерските ракавици на противниците во ормускиот ринг, зависи од големите прокси-планери. Денот Д е предмет на кладба за можеби договорна војна? Цивилизацијата повторно се шминка, но никако темелно да ја промени својата руба. Во секој случај, силата нема да го моли Господ, та дури и тогаш кога со Иран управуваат свети лица.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































