Би сакал да укажам нешто за природниот гас, за кој на големо се зборува во Република Македонија како еколошко гориво, плус засилено внимание им се дава на инвестициите за изградба на гасоводна мрежа низ целата земја и на тој начин би се
создале услови за еколошко греење. Не, тоа е погрешна перцепција!
Грејната сезона заврши во април, како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми, кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и, генерално, од светската економска криза. Да потсетам, меѓу другото, среде зима се постави прашањето дали ќе функционираат системите за топлификација во градот Скопје. Греењето на просториите припаѓа во енергетскиот сектор. Со оглед на непредвидливите ситуации во овој сектор, како и сложеноста од технички аспект, треба уште сега интензивно да се работи на подготовки за следната грејна сезона и долгорочно за идниот период. Да појдеме од сегашната состојба во нашата земја.
Ако корисниците (домаќинства, комерцијални и јавни згради) не се приклучени на топлификациски систем, тогаш изборот на начинот на греење (системот и горивото) е комплексно прашање. Бидејќи сѐ уште нема дистрибуциски мрежи за природен гас, на корисниците им преостанува решение со огревно дрво или со електрична енергија. Во градските средини греењето со дрва не е пожелно заради загадување на воздухот од неквалитетното согорување (неефикасни шпорети и печки и нередовно чистење на оџаците). Исто така, голем број згради немаат оџаци и простор за складирање огревно дрво. Значи, на големиот број граѓани им преостанува да одберат греење со електрична енергија, а наједноставно и најевтино решение е со електрични греалки и електроакумулациски печки (со електроотпорен грејач), кое е најлошо решение.
Од друга страна, греењето со топлински пумпи (и тие користат електрична енергија) е најдоброто решение, и тоа поради неколку причини. Тие трошат четири-пет пати помалку електрична енергија во споредба со електроотпорните греалки за ист греен капацитет. Во зависност од средината од која се одзема топлина и од средината во која се предава топлината, постојат топлински пумпи воздух-воздух, воздух-вода, вода-вода и сл. Најприменети се топлинските пумпи воздух-воздух, всушност тоа се клима-уредите што служат и за ладење во летниот период. Пожелно е топлинските пумпи да имаат инвертер со кој се овозможува континуирана промена на бројот на вртежи на моторот, а со тоа и квалитетна регулација и висока енергетска ефикасност. Кај топлинските пумпи воздух-вода и вода-вода дополнителна бенефиција е добивањето санитарна топла вода, и тоа со четири-пет пати помала потрошувачка на електрична енергија во споредба со електричните бојлери.
Постојат топлински пумпи со поголем капацитет од неколку десетици или стотици киловати наменети за централно греење (и ладење) на разни видови згради, како и со капацитет од неколку мегавати наменети за топлификација на поголеми населби и реони. И уште еден позитивен факт: при работа на топлинските пумпи нема штетни емисии на гасови, значи нема ниту локално загадување.
Би сакал да укажам нешто за природниот гас, за кој на големо се зборува во Република Македонија како еколошко гориво, плус засилено внимание им се дава на инвестициите за изградба на гасоводна мрежа низ целата земја, и на тој начин би се создале услови за еколошко греење. Не, тоа е погрешна перцепција! ГРЕЕЊЕТО СО ПРИРОДЕН ГАС НЕ Е ЕКОЛОШКО РЕШЕНИЕ бидејќи природниот гас е фосилно гориво (исто како јагленот и нафтата) и во голема мера учествува во глобалното загревање на Земјата, односно во климатските промени. За ова планирам да подготвам напис со подетално објаснување, кој ќе биде објавен наскоро.
Според Меѓународната агенција за енергија (International Energy Agency), со седиште во Париз, иднината на техниката на греење треба да се гледа во употребата на топлинските пумпи, при што електричната енергија за нивниот погон треба да се произведува од обновливи извори на енергија.
Освен во некои поединечни случаи, во кои неколку општини повремено даваат субвенции за купување инвертер клима-уреди (топлински пумпи), нема друга финансиска поддршка од страна на државата и општините. Би требало да се воведат субвенции за купување на сите видови топлински пумпи, но само за оние со висока енергетска класа. Во зависност од комплексноста на системите за греење со топлински пумпи, понекогаш се потребни стручни совети и објаснувања, а за тоа можат да помогнат центрите за енергетска ефикасност (ако ги има) во општините, како и компании со добро обучен технички кадар.
Ристо Цицонков
(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет)