Какви сега 55 деца бели? Па, уште по кафе-барови. А зошто само бели? Каде се тука црните дечиња? Зошто само бели дечиња да седат по кафе-барови? И тоа 55, ни помалку, ни повеќе. Зарем црните дечиња не сакаат да пијат по кафе-барови? Ова е дискриминација. Русјаков, дали си ти нормален? Какви 55 деца бели? Па, и јас се чудам. Реков 55 децибели
Ми се пишува сценарио за сестрата на Мартин Лутер Кинг. Името ѝ е Мартина Лутер Кинг. Се извинувам, Мартина Лутер Квин. Знам дека не постои таква сестра, ама сеедно. Ми се пишува сценарио за неа. Фрлена е во втор план на својот славен брат само затоа што е жена. Ама Мартина не се дава. Ќе се избори за својот статус на херој. И тоа борејќи се за правото на сестрите да бидат еднакво битни со своите славни браќа. Затоа што Мартина Лутер Квин е поцрнкиња и поубиена во атентат од нејзиниот брат. А сакам да ја игра Мерил Стрип.
Океј, збунети сте, знам. Без паника, ќе објаснам. Гледав филм. „Енола Холмс“. Тоа ви е помалата сестра на Шерлок Холмс. Немам никаков проблем да гледам филмови за нови ликови во животот на суперинтересни книжевни јунаци. Внуката на Тарзан. Тетката на Рубин Худ. Балдаската на Доријан Греј.
Прекини, Русјаков!
Океј, каде застанав? Енола, сестрата на Шерлок. Вакви филмови се прават од комерцијални причини. Шерлок Холмс е безвремен јунак. Романите на Артур Конан Дојл сè уште се читаат. Филмовите на Гај Ричи направија планетарен успех. И серијата „Шерлок“ со Бенедикт Камбербач беше многу гледана. Затоа и не ме зачуди кога видов филм за неговата сестра. Веќе имав гледано филм за Шерлок Холмс во староста. Ќе има сигурно и за неговиот вонбрачен син, домашното милениче, дилерот на кокаин. Па, така, опуштено седнав да гледам филм за Енола Холмс. И не го догледав. Се изнервирав.
Енола Холмс, освен што ја бара исчезнатата мајка, се бори за правата на жените. Затоа што и мајка ѝ се борела за правата на жените. А ха, Енола е малку Шерлок Холмс, а малку Роза Луксембург.
Па, добре бре, мора ли ама баш сè да посерат? Мора ли секаде да ги напикаат своите човекови права? Права на ЛГБТИ-популацијата, права на црнците, права на жените. Немам јас ништо против борбата за човекови права, ама мора секаде да ги има? Дури и таму кај што не им е место? Што не си правите оригинални филмови, што не си пишувате сопствени приказни, мора да им го земате спокојот на веќе постојните ликови? Го видов Свети Петар како црнец. Го видов и крал Артур како црнец. Оној Спајк Ли, кој од филм во филм станува сѐ подосаден и попроѕирен, тргна да ми раскажува приказна за Виетнам и стигна до Блек Лајв Метерс. Како се стига од Виетнам до Блек Лајв Метерс и мрчење против Трамп? Така, со влегување во машината и кешот на неолибералната хистерија.
И што е следно? Конан открива дека отсекогаш го привлекуваат набилдани мажи каков што е тој самиот. Совршена улога за црнецот во фустан што на „оскари“ водеше „црвен тепих“. Или филм за сестрата близначка на Казанова. Историјата ја крие затоа што она спиела со повеќе жени од брат ѝ. Совршена улога за Џеки Чен. Или нов филм за Шафт. Поточно баба му на Шафт. Борец против робовладетелството. Ја игра Џони Деп.
Русјаков! Ќе престанеш ли веќе еднаш со овие твои будалаштини? Кажи нешто за одлуката на Владата да нема музика погласна од 55 децибели по кафе-баровите!
Какви сега 55 деца бели? Па, уште по кафе-барови. А зошто само бели? Каде се тука црните дечиња? Зошто само бели дечиња да седат по кафе-барови? И тоа 55, ни помалку, ни повеќе. Зарем црните дечиња не сакаат да пијат по кафе-барови? Ова е дискриминација.
Русјаков, дали си ти нормален? Какви 55 деца бели?
Па, и јас се чудам.
Реков 55 децибели. Веќе не смее да се пушта музика погласна од 55 децибели. Тоа е новата мерка против коронавирусот.
А јас погрешно те слушнав. Не се разбирам јас во децибели. Ниту во децимали. Најдобро стојам со децилитрите.
Каква врска имаат децилитрите?
Па, со доволен број децилитри алкохол полесно се поднесува волкаво количество глупости.
Наеднаш, среде разговорот меѓу Јас и Мене, се вклучува и трет глас. Се извинувам, јас сум од комисијата за заразни болести и пренесување будалаштини, ме интересира колку сте во колумнава?
Моментално двајца, со тебе тројца, ама нè имаше повеќе. Мартин Лутер Кинг, Конан, Казанова, Шафт, Свети Петар, крал Артур и други.
А, не може. Забрането е. Не смее повеќе од двајца во иста во колумна. И задолжително носење маска. Се разбравме?
Маска за во колумна? Маска за меѓу редови? А секс?
Што секс? Нема секс во колумни.
Има. Еве, ти ме онадиш во здрав разум, а не носиш маска. Ама не носиш и разум. Оти за вака безумни решенија потребно е присуство на маска и отсуство на разум.
Среќа некој ѕвони на врата. Уф, заборавив на гостите. Отварам. Лена, Иван и Марија. Влегуваат. Ги разменуваме прегратките и бакнежите за добредојде. Сакам да ја затворам вратата. Нечија рака ме сопира. Влегуваат двајца џандари. „Каде вие?“, прашувам. „Министерот рече дека може да дојдеме кога сакаме“, ми враќаат. „Па, одете му на министерот дома“, велам нервозно. Не ме перципираат, влегуваат. „Дечко, не гњави“, ми велат, „Ние мора да преброиме“. И едниот почнува да брои. „Еден, два, три, четири, пет, шест“. Се врти кон мене. „Ти си домаќин, ама овде има пет гости. Министерот рече само четворица“. Се ококорувам вчудовиден. „Како бе пет гости?“, свикувам, „И себе се броевте“. Едниот ме погледнува како да сум му опцул мајка. „А ние демек, не сме луѓе, а?“, ми вели, „Триста евра казна и среќна нова 49!“
Сироти полицајци. Искрено ми е жал за нив. Не постои полоша комбинација од ароганција и неспособност. Тие две човечки карактеристики, здружени заедно, носат безумни решенија. А сета оваа арогантна безумност ќе им се сруши, ни криви ни должни, на полицајците. Тие ќе мора како некои удбашки агенти во кожени мантили да им упаѓаат на луѓе по дома.
А таму ќе се соочат со гневот на домаќините. Сиот гнев, фрустрации и очај, триесет години собиран поради неспособната ароганција на политичарите ќе падне на плеќи на полицајци кои мора да ти упаЃаат дома. Па, уште оној повик за удбашење, односно кодошење на соседите ако имаат повеќе од четворица гости. Додуша, тоа на многумина ќе им ги збогати празните животи, па ќе имаат оправдување за постојано шпионирање на своите соседи. Морбидно!
А околу задолжителното носење маски на отворено, веќе пишав во претходна колумна. Можете да малтретирате, да се заканувате, казнувате, судите и затворате, јас на отворено маска не ви ставам. Жими кашлицава од прекумерно консумирање цигари!