2024 – нова македонска политичка вододелница

Како Македонија зачекорува во новата политичка реалност? Македонија знае за неколку политички циклуси што темелно ја преуредија политичката карта на земјата. Нормално, 1990 година ја исцрта новата демократска реалност во земјата и ги исфрли двете стожерни партии што сè до оваа година даваа премиери, претседатели и лидери на опозицијата. Некогашната системска партија, СКМ (потоа СКМ–ПДП, па на крајот СДСМ), шокантно ги изгуби првите избори, но остана во игра и само две години подоцна повторно ја презеде власта во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се дефинираше себеси како антипод на СДСМ, македонската верзија на националниот изблик што се случуваше насекаде на просторот на поранешна Југославија. Покрај тоа, на овие избори се роди и политичката форма на албанското национално движење.

Некогашната ПДП беше амалгам на некогашната албанска номенклатура во Македонија, на интелигенцијата и на политички репресираните лица за етничката албанска идеја. Во 1990 година Сојузот за реформски сили, во коалиција со МДПС, оствари завиден резултат и се закани да формира уште еден стожер, но подоцна ја изгуби поддршката. СРСМ и Андов беа првиот посериозен предизвик кон двата стожера. Исто така, редно е да се обележи пропаста на МААК. Таа партија ќе влезеше во Собранието при каков било пропорционален модел на гласање, но едноставно беше збришана поради природата на двокружниот мнозински систем.

Далеку побитна за Македонија беше втората вододелница од 1994 година. Тогаш Демократската партија беше заканата за изградба на нов стожер и сериозно му се доближи на ВМРО-ДПМНЕ, но и тие беа оштетени поради изборниот модел. Покрај тоа, катастрофалната одлука на Љубчо Георгиевски и на Петар Гошев за бојкот на изборите доведе со непосакувани последици за македонското општество и за македонската демократија. Бандитската приватизација и формирањето на новата македонска буржоазија по политички терк беа директен производ на бојкотот, како и невиденото забегување на делови од власта. Џабе беше трудот на остатокот од асномското јадро во СДСМ, кое се трудеше да ја суреди државата кога насекаде околу нив беше атмосфера на сеопшта економска и социјална пропаст. Овие избори завршија и со плурализација на политичката сцена кај Албанците кога се појави ПДПА, прво како расцеп, а потоа и како идеолошка алтернатива на ПДП.

ВМРО-ДПМНЕ ја научи лекцијата во 1994 година дека на изборите граѓаните одлучуваат за сегашноста, а не дека водат битки со историјата, па конечно партијата излезе прагматично. Дел од таа новооткриена енергија на ВМРО-ДПМНЕ беше и коалицијата со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски, односно новата закана за формирање нов стожер на македонската политичка сцена. Овие избори означија прва сериозна промена на власта во Македонија, по нејзиното формирање како држава во 1944 година. Наедно, албанската опозиција, иако имаше помалку пратеници, избра да влезе во власта без ПДП, па промената на политичката гарнитура беше целосна.

Фамозниот 15 септември од 2002 година го врати на власт СДСМ, како предводник на една прешарена коалиција. Овие избори сведочевме и на сериозна вовлеченост на меѓународната заедница во полза на промената. Исто така, 2002-та го изроди и ДУИ како нов етнички стожер, имајќи предвид како Али Ахмети се преобрази во политичар, а ОНА во партија.

Следната вододелница беа изборите од 2006 година. Македонската политичка сцена се фрагментира, па излегоа отцепени крила, со различни идеолошки и државни концепти од СДСМ, во форма на НСДП, од ВМРО-ДПМНЕ, преку ВМРО-НП и од ЛДП, како ДОМ на Лиле Поповска. ВМРО-ДПМНЕ избра да направи коалиција со ДПА, иако тие ги изгубија изборите, па тоа ја внесе Македонија во сериозна политичка приказна.

Сепак, реформскиот залет на првата влада на Никола Груевски и националниот шок по грчкото вето од 2008 година повторно доведоа до поларизација во Македонија, како и до враќање на стожерите во форма на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но и востоличување на ДУИ како мини-стожер.

Во 2016 година на изборите, иако граѓаните ги избраа повторно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сепак дојде до промена и до нова вододелница. Зоран Заев дојде на власт, со јасна поткрепа од меѓународната заедница, а сега веќе е јасно дека цената дошла во форма на извитоперување на македонските стратегиски позиции, во врска со клучните национални прашања. Ветената брза интеграција во Европската Унија не се материјализираше, како ни најавениот економски бум и демократизација.

Веројатно треба да ги споменам и изборите во скопска „103“ од 1993 година, кои ја најавија 1994 година, со сите проблеми во изборниот процес, кои веќе се манифестираа во скопската општина Кисела Вода. Локалните избори од 1996 година беа предвесник на сломот на власта од 1998 година, кога беше јасно дека СДСМ и ПДП ги изгубија Скопје и главните урбани центри во Македонија. Секако и референдумот за територијална организација од 2004 година создаде јасна основа за коалицијата од 2006 година. Никола Груевски едноставно го консолидираше тоа мнозинство под покривот на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година што му овозможи владеење до 2017 година. Во овие предвесници сега ќе се вбројат и локалните избори од 2021 година. Тогаш се увиде дека македонската политичка сцена веќе изгледа поинаку, дека СДСМ е во процес на фрагментација што може да го однесе во целосна пропаст (Максим Димитриевски во Куманово и „Шанса за Центар“), како и дека обединувањето на сите опозициски етнички албански партии може да го детронизира ДУИ.

Веќе в среда во Македонија ќе се случи нова вододелница. ВМРО-ДПМНЕ ќе го потврди својот статус како стожер, повторно преку еден „голем шатор“, кој опфаќа буквално сè, од крајно десно до центар лево. Оваа партија заслужува посебна студија како успева да се трансформира и да кооптира нови луѓе во своите редови, кои секогаш го отсликуваат актуелниот политички момент и ја следат еволуцијата на граѓанството во Македонија. Ќе видиме и дали СДСМ се наоѓа во смртоносна агонија, како и дали движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски ќе го освои местото во македонскиот партиски систем што му припаѓа на левиот стожер, она од крајно лево до центар десно. Неговите претензии се да освои и да го консолидира асномското јадро, кое беше основа на стожерот на СДСМ. Исто така, и коалицијата Вреди е во трка за прва посериозна промена на власта кај етничките Албанци во Македонија, по востоличувањето на ДУИ во 2002 година. Плурализацијата на сцената кај етничките Албанци е насушна потреба за продолжување на македонската демократизација. Овие избори ќе дадат одговор и на прашањето дали Левица била само одговор на бурните настани од 2014 година, стремеж на новите генерации, израснати прво во независна, а потоа во рамковна Македонија, или едноставно протестна партија што отсликала една отсечка од историјата.

Во секој случај, македонската политичка сцена конечно ќе зачекори во нова епоха. Долгата и катастрофална деценија, која започна во 2014 година, е завршена, а во пензија (иако не и во заборав) заминуваат политичките лидери што ја обележија оваа деценија на македонски порази. Како Македонија ќе зачекори во новата епоха? Одговорот на ова прашање ќе ни го дадат новиот шеф на државата и новиот шеф на владата по 8 мај 2024 година…