Бугарските обиди за враќање на Македонија со векови наназад, негирањето на каква било самобитност преку непризнавањето на јазикот и писмото, не се битка само за историски и лингвистички прашања. Присвојувањето на народот, на историјата, јазикот и писмото е скриен обид за враќање на сегашна Северна Македонија во границите на Бугарија, не набргу, но долгорочно гледано и планирано. Тоа е, засега, маскирана борба за територијата како крајна цел
Едно од клучните државотворни стратегиски прашања што често ги поставуваат и самите граѓани е дали ќе ја биде Македонија. Ова примитивистичко формулирано прашање може да се прошири и да се постави со поинаква насока и суштина. Имено, прашањето е дали ќе ја има? Дали ќе постои како таква? Сигурно дека некои од читателите веднаш ќе бидат доведени во дилема како може да се поставува едно вакво речиси тотално бесмислено прашање во време кога државата фактички е членка на НАТО, а очекува одредување датум за почнување преговори со Европската Унија.
Не сметам дека ѝ припаѓам на категоријата граѓани што подлегнуваат на теориите за меѓународни заговори во кои Македонија е центарот на светот, но го имам правото да бидам послободен во размислувањето за такви теми. Тоа право се заснова на моето педесетгодишно искуство во новинарството (подолги години во неговите врвови), на живеење во иста држава со променети три-четири различни имиња во три различни општествени системи – строг комунизам, лабав социјализам и слободен повеќепартизам. И врз основа на сите настани што поминале низ годините, очекувани или изненадувачки, дури неверојатни.
Како еден од факторите што влијаат на дилемата да го земеме за пример договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и најпрво да укажеме на некои парадоксални формалности. Договорот е потпишан на 1 август 2017 година, нецела година пред да ја потпише Македонија спогодбата со Грција за името. Во членот 2, став 2, буквално пишува:. „Двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање покана за членство во НАТО во согласност со соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“.
Значи, да внимаваме: договорот го потпишаа Република Македонија и Република Бугарија. Република Бугарија со овој договор ја призна Република Македонија како таква и со тоа име. Никаде нема ни најмала трага од Северна Република Македонија или од северномакедонци. Договорот е важечки, врз него не е направена никаква корекција, ниту такво нешто е побарано од едната или другата страна, ниту во македонското собрание, ниту во бугарското, кои го ратификуваа договорот. Исто е и за јазикот. Договорот е потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на договорните страни – македонски јазик, во согласност со Уставот на Република Македонија, и бугарски јазик, во согласност со Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднава важност.
Не го познавам меѓународното право, ниту, пак, лично тврдам дека сум сосема во право, но според нормалната, најпроста логика, произлегува дека официјална Софија со овој договор не само што ја признала нашата држава туку ја има признаено и посебноста на македонскиот народ, како и неговите автентични јазик и писмо, без никаква додавка со зборови или со ѕвездичка (астериск – не Астерикс) за нивното словенско потекло. Конечно и да не сум во право, да размислувам крајно наивно и лаички, не ми е далечна помислата дека властите треба убаво да им го објаснат тоа на граѓаните, пред сѐ на Македонците во Македонија и надвор од неа.
Од каде сега, две години подоцна, еден надежен договор за искрено пријателство меѓу двата народа се исправа како сериозен камен на сопнување и покрај сиот труд на актуелните политичари за негова поддршка и спроведување (имплементација)? И зошто една во основа добронамерна желба за поблиски односи се претвора во чиста спротивност, повеќе како загроза од влошување одошто како надеж за подобрување на односите? Што навистина сакаат екстремните бугарски политичари, историчари и лингвисти?
Бугарските барања да не се признава самобитноста на македонскиот народ, да не се признава неговото историско постоење, да не се признаваат јазикот и писмото на тој народ не се нешто ново, како што со право изјавија некои македонски историчари. Новото е тоа што и новите, демократски власти, кога е во прашање Македонија, го покажуваат истото лице обликувано уште пред 150 години, преку царштината што застана на страната на фашизмот до диктаторското владеење на нивниот комунистички лидер Тодор. По македонското прашање речиси нема разлика меѓу нив и актуелното политичко раководство, иако е веќе 21 век, земјата напредува во демократијата и е членка на Европската Унија.
Нивните обиди за враќање на Македонија со векови наназад, негирањето на каква било самобитност преку непризнавањето на јазикот и писмото, не се битка само за историски и лингвистички прашања. Присвојувањето на народот, на историјата, јазикот и писмото е скриен обид за враќање на сегашна Северна Македонија во границите на Бугарија, не набргу, но долгорочно гледано и планирано. Тоа е, засега, маскирана борба за територијата како крајна цел, според нив изгубена низ лавиринтите на меѓународните договори и неповолните за нив околности. Нивните напори се евидентен прилог во настојувањата да се ревидираат и коригираат вистините што не им одат во прилог не само од средниот век туку и од Санстефанскиот договор, од Првата и Втората светска војна, кога Бугарија застануваше на погрешната, на поразената страна на историјата.
Најверојатно е претерано да се тврди дека официјалната и научна политика на Бугарија истовремено посакува да врши перфидна асимилација на Македонците, нешто што не им успеа во неколку историски наврати, но сега користејќи демократски инструменти, злоупотребувајќи пасоши и државјанства, но не исклучувајќи и ултиматуми и закани. Уште од времето на нивниот премиер, ресенецот Андреј Љапчев, позната е доктрината на кој начин се решаваат работите: со благо, со кроце и со малку ќотек. Може да се претпоставува дека оваа тактика, ако не се случи некој навистина демократски и разумен пресврт, Бугарија кон Македонија ќе ја спроведува сѐ до денот кога Македонија ќе биде примена во ЕУ, ако воопшто дојде таков ден.
Она што при склучувањето на договорот беше најавувано како потреба само за ревизија на учебниците се претвори во Пандорина кутија од која може да излезат сите зла и лошотии. Сегашните позиции покажуваат дека договорот, наместо круна на односите, може да се претвори во јаболко на раздорот, да дојде до судир на интересите меѓу политиката и народот, особено во Македонија. Сигурно нема да се дозволи Балканот и натаму да биде буре барут, но сѐ уште ќе биде лесно запалива материја. Бугарските позиции се многу посилни во секој поглед, но тоа не значи дека македонските се со наведната глава. Бугарија има свои граѓани што живеат во Македонија, има дел од Македонците што гаат симпатии кон таа држава, како што има дел што ја симпатизираат Србија или Грција, другите две соседни земји.
Не сум некој бугарофоб и никогаш не сум се вбројувал меѓу оние што знаат да шират омраза меѓу луѓето. И во овој текст не зборувам против Бугарија, туку се обидувам да соопштам нешто во корист на Македонија и да укажам на можни последици по неа, земајќи ги предвид бугарските постапки. Голем дел читатели на крајот од текстот ќе се запрашаат дали навистина е можно Република Македонија да ја снема од картата на светот, да се приклучи кон Бугарија или да биде поделена меѓу Албанија и Бугарија со Вардар како граница. Или да се најде некоја поинаква опција, мал или голем шенген.
Невозможно, нели? Пред триесет-четириесет години беше невозможно да се помисли, уште помалку да се верува, дека ќе се распадне Советскиот Сојуз, дека во крвава војна ќе се распадне Титовa Југославија. Но се случи, како да не било ништо пред тоа и сето тоа да се сфаќа како нормална, природна состојба. Оттаму произлегува дополнителното прашање: Не дали ќе биде, туку дали ќе ја има?