Можеби е згодно да се потсетиме и на златните стихови (етичките совети) на Питагора, оставени уште пред две и пол илјади години, за умереноста во храната и активностите, а во духот на правилото/стихот: „Мерата е име за она што не создава мака“. Би додал – и мера во паниката што настојува сите расположливи добра од продавниците да ги натовари на „бродот“ и така да нè потопи, зашто нашето поведение е знак и за другите. Што би рекол Буда: биди своја сопствена ламба. Или Ное
Земјата е брод – пееше Есенин, само неколку години по големата пандемија на грип што ќе однесе милиони судбини низ целата планета пред еден век. Но песната не беше ниту за земјата, ниту за бродовите, а најмалку за пандемијата, туку „Писмо до жената“, онаа што го полни земниот „брод“ со живот наспроти сите пандемии и бури низ историјата.
И како што обично бидува со многу писма до жените, и овде повеќе се опеваат сопствените (машки) бродоломи, одошто женските Пирови победи на палубата на судбината. Таа, како и Земјата (која, како што добро насетил Питагора), е топчеста и според усетот на Анаксагора – лебди, се чини го избрала човекот за бродар на своите вечни немирнини.
Приближно така е устроен нашиот однос со неа: таа да се врти, а ние да го бараме поволниот ветер. А за време на бури ги спуштаме и едрата и сидрата. Нејсе.
Човештвото е повторно на „бродот“ што никогаш и не застанал во ниедно пристаниште да се одмори и, еве, повторно се ниша на брановите на стравот – вечното „море“ на човечката судбина, која се препишува одново, како врз палимпсест (пергамент/хартија што ги „помни“ претходните ракописи). Овој пат, во струите на коронавирусот – малото чудовиште што „демне“ во поздравот и средбата со блискиот: пријателот, соработникот, соседот, или безмалку кај секој – преку допирот на она што е мерка на вредноста на сè, а самото (речиси) без сопствена вредност – парите како некакво „добро“.
И ако веќе навикнавме (во духот на неолиберализмот) да го прифаќаме како неизбежност сето функционално лошо што се „раѓа“ во играта со тоа функционално „добро“ (парите) врзано за животот на земјата, би можеле, од проста принципиелност (ако не друго), да ја прифатиме и можноста за некаква условно „добра“ порака во „писмото“ на короната до човештвото, а во име на заемната игра на принципите јин и јанг (во духот на неоконфучијанизмот) или што е исто со народната „секое лошо за некакво добро“ (адресата од каде што стигнува „писмото“ и до кого е испратено е нешто сосема друго и сè уште – во духот на шпекулативното).
Така на пример меѓу пораките од „шишето“ исфрлено од струјата на короната е потсетувањето дека сите сме на истиот брод и веројатно поважното: дека треба и да се однесуваме така, имено – како патници на еден брод.
Безмалку целото човештво е на бродот, како на Ноева арка, но овој пат без животните и самиот Ное. Затоа, пак, секој еден би можел да биде Ное за другите.
Поведението на патниците, додека трае бурата надвор, станува од пресудно значење за судбината на бродот: може да го разниша до превртување или да ја смири и онака немирната пловидба низ струите. И како што обично е ред во време на невреме, се советува да се остане во „кабините“, под „палубата“. Навидум, „осудени“ на неслобода. Но само навидум.
И таму и такви, или – и тука и вакви, човекот (во духот на егзистенцијализмот) е осуден на спротивното – на слобода: слободни сме да ја понесеме „тежината на светот на сопствени раменици“. Во спротивно, лизгајќи се на скиите на егоизмот и неодговорноста, во состојба сме да ги „насанкаме“ сите други, ако не целиот свет, тогаш дел од него, кој би можел лесно да го прелета и светот. А светот е топка, кога не е ѕид. Освен кога е и двете: и топка и жив ѕид, како во фудбалот.
Таму сме, до ѕидот застанати (како поетот пред жената), како за почесна стрелба: еден до друг, најпосле совршено еднакви во очите на короната, исклучително толерантна (до слепост) за сите разлики меѓу нас.
Короната ја смири топката и на фудбалските терени.
Откако некое време се „биеше“ во жив ѕид без публика, Јурген Клоп (еден од најдобрите менаџери во светот на фудбалот) според кого „фудбалот е најважното од најмалку важните нешта“, ќе изјави дека „изборот меѓу фудбалот и доброто на поширокото општество не е натпревар… па, денес натпреварите воопшто и не се важни.“
Короната ја има топката, а човештвото е во панична дефанзива.
Но и овде, надвор фудбалските терени, се чини еднакво ефикасна филозофијата на напредна одбрана позната и како „gegenpressing“, а популаризирана од Јурген Клоп, разбрана како силен напад веднаш по губењето на топката (оттука позната и како своевиден хевиметал-фудбал на теренот). Несомнено, кинеските власти ја „усвоија“ оваа филозофија во дуелот со короната, а кинески доктори веќе слетаа на „чизмата“ во одбрана од копачката на короната.
Короната ги измести правилата и надвор од фудбалските терени: тие останаа без публика, а на политичките терени „играчите“ се поздравуваат како фудбалери. Само кон поздравот со удирање во гради, вирусот покажа милост: им го остави на политичките елити како знак и во кризни времиња, но сеедно ги остави без публика. Иронично, но короната ги преуреди и човечките приоритети во согласност со човечките потреби.
Дури и мерките за привремено отуѓување и самоизолација излегуваат во пресрет на солидарноста и единството. Италијанците ја пеат националната химна од балконите како во времето на обединувањето, а симптомите на короната стануваат ноти/знаци во музицирање на старите хитови. И во „осуденоста“ на растојание, луѓето се „осудени“ на потребата од блискост.
Можеби во деновите без допирни поздрави, короната ќе нè потсети на важноста на допирот. Можеби времето на принудна отуѓеност ќе ја направи појасна и Марксовата мисла за отуѓувањето на човекот од самиот себе и отуѓувањето на човекот од другиот човек во „здравите времиња“ на капитализмот – мисла за која нема време во брзата распределба на улоги на трудот, а чија автоматизација прави од луѓето сè помалку мислечки суштества.
Нејсе. Надвор од овие страници короната испишува заразна симфонија на стравот и паниката, а токму на страниците на оваа (Нова) Македонија пред неколку дена, Лада Шоптрајанова ја раскажува приказната за музичката корона – добриот хомоним на коронавирусот… Во музиката, короната е знакот со кој неодредено се продолжува траењето на некој тон, акорд или пауза: ако композиторот ја запишал на последниот празен такт на ставот од една симфонија или поема, на пример, со неа замислил подолга пауза меѓу двата става…
Оттаму, „ќе се најдеме на короната!“ е добро позната крилатица на оркестрантите – забележува Шоптрајанова, како последно прибежиште од збрката и грешките. Прагматична пауза за повторно составување и синхронизирање.
Надвор од нотите, неа би ја разбрале како ветувачко време во траење на инкубацијата на вирусот.
Пауза за преиспитување и преуредување на приоритетите во согласност со потребите на човекот и заедницата.
Можеби е згодно да се потсетиме и на златните стихови (етичките совети) на Питагора, оставени уште пред две и пол илјади години, за умереноста во храната и активностите, а во духот на правилото/стихот: „Мерата е име за она што не создава мака“.
Би додал – и мера во паниката што настојува сите расположливи добра од продавниците да ги натовари на „бродот“ и така да нè потопи, зашто нашето поведение е знак и за другите. Што би рекол Буда: биди своја сопствена ламба. Или Ное.
Порано или подоцна, ќе го видиме и `ртот на добрата надеж, како многупати од бродот на Земјата. Ако не – ќе се најдеме на короната.