Можеме постојано да ѝ наоѓаме мани и недостатоци на нашата држава (како што некои милуваат да ја нарекуваат Македонија) и можеме постојано да ја бараме вината во некој друг – одредена политичка структура или надворешен фактор, и сѐ така до бесконечност, но дали некогаш сме се запрашале што сме направиле ние за нашето општество, компанија или семејство. Одговорот е многу едноставен – сите ние сме неми набљудувачи и го чекаме Годо да дојде и да ни ги реши проблемите
Секогаш кога постоела одредена опасност и требало да се донесе судбоносна одлука, легендарниот самурај познат како будалата од Овари се осамувал. Во темните катчиња на својот дворец и далеку од очите на сите, го рецитирал следниот стих: „Човековиот живот од педесет години под небото, не е ништо во споредба со староста на овој свет. Животот е само минлив сон, илузија. Дали има нешто што трае вечно?“ Овој своевиден ритуал на будалата на Овари го потсетувал дека животот е минлив и затоа е потребна постојана активност, која понекогаш подразбира преземање ризични чекори, бидејќи безволноста и неактивноста се поразителни за човекот.
Всушност, споменатиот стих со својата внатрешна содржина е чиста егзистенцијална филозофија, иако стихот е напишан неколку века пред да се родат Серен Кјеркегор и Жан Пол Сартр. Но што точно нѐ учи егзистенцијалната филозофска мисла. Францускиот филозоф Сартр ја сфаќаше егзистенцијата како нешто што ѝ претходи на есенцијата, односно дека постоењето ѝ претходи на суштината, а егзистенцијата е материјализирање на есенцијата во реалноста. Со други зборови, страшливецот не се раѓа како страшливец, напротив, неговите постапки го обликуваат како страшливец. Со оваа егзистенцијална рокада, во центарот на универзумот стои човекот, а не некои надворешни сили.
Да го оставиме настрана филозофирањето и да ја погледнеме практичната страна. Доколку еден човек или општеството во целина сакаат да напредуваат, потребни се постојана проактивност и продуктивност, бидејќи постојаната инцијатива води кон прогрес. Можеме постојано да ѝ наоѓаме мани и недостатоци на нашата држава (како што некои милуваат да ја нарекуваат Македонија) и можеме постојано да ја бараме вината во некој друг – одредена политичка структура или надворешен фактор, и сѐ така до бесконечност, но дали некогаш сме се запрашале што сме направиле ние за нашето општество, компанија или семејство. Одговорот е многу едноставен – сите ние сме неми набљудувачи и го чекаме Годо да дојде и да ни ги реши проблемите.
Пасивноста го уништи ова општество и затоа нефункционалноста е составен дел од македонскиот живот, затоа насекаде има незаконие, корупција, вработувања врз принципот седи дома и земај плата, затоа младите ја напуштат нашата држава и сѐ така без крај. Не е доволно само да се удираме во гради и да се фалиме, не случајно македонскиот великан Гоце Делчев велеше: „Ќе бидете многу наивни ако им верувате на нашите зборови, гледајте ги нашите дела!“
Навистина, какви се нашите дела? Ништо особено, во спротивно ќе имавме напредно општество во секоја смисла на зборот и немаше да живееме во безимена родина. Дојдено е времето што вели – ќе нѐ биде или не, следствено доколку продолжиме со досегашна рамнодушност, неподвижност, безволност и неактивност, ќе ја изгубиме државата, компанијата или семејствата.
Да завршиме со будалата од Овари. Всушност, станува збор за фамозниот Нобунага, кој својот живот го изгуби на 49 години, сосема ненадејно, кога беше предаден од близок пријател. Колку и да звучи чудно, Нобунага беше безначаен самурај, опкружен од моќни непријатели и сите предвидувања велеа дека ќе биде уништен. Но тоа не го исплаши и во текот на неколку децении успеа да ги порази сите и да ја обедини распарчената јапонска нација. Будалата од Овари честопати велеше дека нашите пројави и постапки ни овозможуваат да се откриеме себеси, какви навистина сме.