Последното поглавје во „Љубов во време на колера“ завршува со долго патување во служба на една вистинска љубов, под лажното знаме на смртта (жолтото знаме на колерата).
Оние што го читале романот (филмот ја нема магијата на Маркес) ќе се сетат на ликот на Флорентино, кој чека половина век (поточно педесет и една година, девет месеци и четири дена) неговата муза од младоста да стане вдовица за да го исполни заветот на верност кон неа. По само шестотини дваесет и две љубовни авантури, грижливо документирани.
Под знакот на колерата и без право на пристани, Флорентино и Фермина пловат на парен брод по реката Магдалена, слободни од грижа за иднината.
Самонаметнатиот егзил е бедем пред светот за интимната слобода на остарените љубовници во „колерата“ на љубовта, а знамето на болеста развеано на бродот станува услов да се развее знамето на животот под неговата палуба.
Така завршува приказната на Маркес, односно, така започнува долго чеканиот живот (во заод) под изговор на смртта, во блескавата празничност на љубовта.
Приказна, чија продажба ја одржува жива и по смртта на нејзиниот автор (на оние што не го читале романот, им го препорачувам како празнично четиво и пример за едно чекање на нешто навистина вредно за чекање; начинот на чекање е опционален.)
Ја пишувам последната колумна во годината што завршува, во приказната што се обидува да ги преживее евтините (пред)празни(чни) распродажби: Македонија продолжува да тоне под знамето на лажниот живот и лажните ветувања, однадвор и однатре. Како дупнат брод на пареа без право на пристани и привидно слободна од грижа за иднината, во светло на новогодишните празници.
Македонија е (мртва) уморна од долгите непразнични чекања да дојде живот под изговор на своите жртвувања. И снемува пареа. Но блеска празнично накитена, со заоден блесок.
Се чини пригодно во таа празн(ичн)а светлина, да се погледне(ме) во личното и колективно (не)задоволство и (не)среќа и да одговори(ме) на прашањата на кои уште може да се одговори. Да направи(ме) увид во резервите од љубов и надеж, како светилници на духот. Како стоиме со нив? Стоиме ли воопшто и на што? Каде плови овој брод?
Кои сме? Што сме? – се непоставените прашања на кои незабавно стигнаа многу одговори однадвор во годината што измина, а малку одговори однатре. Којзнае колку време останува да се одговори на прашањето – каде патува оваа земја затрупана во розите на заветена верност (однадвор и однатре) како погребна кола?
Ако љубовта е можна во време на колера, можна ли е таа во време на колатерали – кога безмалку сè што вреди (или вредело) во државата е ставено во залог на профитот, однадвор и однатре. Од придобивките на АСНОМ, до придобивките да се биде жив во оваа земја. Од последниот здив на оние што умреле за неа, до првиот здив на уште неродените во неа.
Иднината (како и минатото и сегашноста) е колатерална штета. Човечкото достоинство одамна е тоа. Се активираат колатералите на асиметричните и неправични договори, а единствено нешто што „Македонија“ со задоволство ќе го кредитира се империјалистичките походи на западната воена индустрија.
Македонија е при врвот на меѓународната листа на невработеност на младите, а при дното на листата на покажано знаење на средношколците и наскоро „еднаква“ меѓу обединети за „слобода, мир и демократија“ во најсилната воена алијанса од создавањето на светот.
Незнаењето е (на) сила, слободата е сиромашна и принудена на егзил, а „мирот“ (ако се инсистира на препораките на Европската повелба на човекови права) може да ја врати Македонија во „оазата“ пред 2001 година.
Накратко, Орвел е „жив“, поточно жива е неговата приказна каде што војната е мир, слободата е ропство, а незнаењето е сила. Жива е од противречности.
Авторите на македонската „приказна“ веројатно би се срамеле од нејзините (рас)продажба по нивната смрт, но животот е неумолив – приказната мора да продолжи, макар во внатрешен егзил како бедем наспроти струите. Но колку надвор, во реалниот свет ќе преживее приказната за Македонија? Колку може да плови бродот на надежта спротивно од струите, без пареа? Колку може да цвета љубовта во време на невработеност, незнаење и немири?
„Споредете го“, советува духовниот учител и писател Ентони де Мело, „чистиот и едноставен сјај на розовата пупка со тензиите и немирите во својот живот. Розата има една дарба што вие ја немате: таа е совршено задоволна со себеси“. Мело уверува: „роза“ се станува кога сте задоволни со она што сте и кога не копнеете да бидете она што не сте. Обратното сценарио претпоставува тажна историја од несреќни напори за усовршување или половичен успех платен низ борби и страдања. Несомнено, меѓу мачното самопоттикнување и безусловното прифаќање на сè она што доаѓа однадвор (но и однатре), односно надвор од нив – лежи трнливиот пат на самопознанието. Како скалило до розата.
Но во светот на човекот и розата е општествено условена. Можеби на тоа мислеше Есенин кога пееше: „…во чадот нежни билки не растат во часот кога нè корнат бури од сите страни…“
Како се станува „роза“ во земја зафатена од плевел? Како се станува општество задоволно со себеси кога е модерно да се биде материјално незадоволен, а духовно испразнет и совршено задоволен со она што не сте. Останувањето „роза“ е уште потешко и поопасно: да се задржи трњето како штит во време кога се кастрат сите рози (иако трнот е повеќе пркос одошто бедем). Во студени времиња, како овие, розите се ретки и скапоцени, но затоа розите на лажните ветувања се многуројни и евтини.
Од празничната сцена политичарот му фрла бела камелија на својот народ како симбол на својата верност. Камелијата (вид роза) е цвеќе на верноста. Тоа е цвеќето кое Флорентино ѝ го праќа на Фермина во „Љубов во време на колера“ како завет на својата верност кон неа.
Споредете ја бујноста на таа роза, на тие свежо скинати ветувања со „вазната“ на набраните ветувања. Споредете го нејзиниот празничен сјај со тензиите и немирите во својот живот помеѓу празниците. Политичарот има една дарба што вие ја немате: тој изгледа совршено задоволен и со своите неуспеси и со букет свенати рози од ветувања.
Но ако љубовта и надежта се можни во време на колера, зошто не би биле можни во време на колатерали. Најнужни (ни) се тогаш. И Егзипери (како и Маркес) знаел дека времето што си го изгубил за твојата роза ја прави толку важна.
Вардете ја таа роза од љубов и надеж, но не заборавајте дека „во чад билки не растат дури се уриваат бури од сите страни“, дека и „земјата е брод“, а „кога ќе ги озаби морето вилиците на брод да се наоѓаш страшно е и гнасно.“ (Есенин) Не заборавајте на крајот, дека човекот (како и народот) има една дарба што розата ја нема: може да процути и по лошо кастрење.