Подетинувам. Не знам зошто, на ум ми падна детската игра, кога ќе направев глупост, бев губитник и како губитник морав да извикнам, да чуе цело маало: ,,Јас сум магаре! Јас сум магаре! Јас сум магаре!“. Не е на арно, во напредната возраст да подетинувам и да признаам сторени глупости и да си дадам изјава ,,јас сум магаре“. Во психијатријата, таа детинеста состојба ја нарекуваат – инфантилност.
Но, околностите и возраста сурово ме враќаат во реалноста, во општеството таа е наречена, „трета возраст“. Ако, се чувствувам како Шон Конери, ем ќелав, ем со мустаќи. Тој тврди дека: ,,мажите се како виски, колку постари, толку поквалитетни“. А, толку е убаво одвреме-навреме да си дете, па макар и дете-будалетинка, па макар и магаре. Ама, само ако правиш будалаштини, на своја сметка, тоа да не ја засега околината, семејството или не дај боже, државата. Не е препорачливо, ако си зелен, да зрееш на сметка на другите, особено не, на сметка на државата. На сметка на државата можеш само да трошиш, без срам и отчет, се разбира. Околната средина, општеството, не е инкубатор за дозревање недозреани и зелени. Е па, затоа, за ваша среќа и за среќа на државата, не се занимавам со ,,општествено полезна дејност“ (колку длабоко, филозофска фраза). Сега, ќе размислувам како возрасен: деновиве многубројни информации во медиумите, дека турски воени авиони и хеликоптери често го нарушуваат воздушниот простор на Грција, околу островите во Егејско Море, што доведе до напрегнатост на Егејот. Многу од тие острови се и ненаселени, но воздушниот простор е на Грција. А, Грција е името на „нашиот јужен сосед“, кое доаѓа од името на едно античко племе – Граеа, од областа Беотија, втора по големина рамнина во Грција, по Тесалија, племе што ја колонизирало јужна Италија, 800 години пред Христа. Племето Граеа, било познато по својата беспрекорна коњаница.
Италијанците им го пренесуваат на Европејците името Грециа, а ние на литературен македонски ја викаме ,,во Грчка на море“. Грција. Инаку, на старогрчки или на „катаревуса“ (прочистен) е Елас или на „димотики“ (последната, современа фаза на гр. јазик) се нарекува – Елада. Персијците (Иран), Турците и Арапите и денес го користат името Јунан (Јунани-стан) то ест Јонијци, од грчкиот, „Јонас“ за Јонско Море. Во средновековието, Грците се сметале себеси за наследници на Римјаните (Ромеи) и во османлискиот период биле нарекувани „Румели“ и до 1912 г. областите Јужна Македонија и Тесалија, остануваат како Румелија. Во текстот подолу, нема да ја споменам Северна Македонија, која исто така била дел од Румелија. За опомена ми послужи една ФБ-шега: ,,А, сега што да правам со тетоважата ’Илинденска Република Македонија’“. Да не избрза некој недозреан патриот да тетовира и ,,Северна Република Македонија“ на градите. Најинтересна и уникатна форма на име за Грците имаат Грузијците, тие ги нарекуваат „берѕени“ што на грузиски значи – мудри.
Тоа навлегување во туѓ воздушен простор, во меѓународната политика, се нарекува – „инцидент“. Има и рибарски инциденти, кога рибарски бродови влегуваат во туѓи води и нив ги апсат крајбрежните стражи, им ги одземаат ловот, мрежите и бродовите, ги глобат со високи казни, а понекогаш ги затвораат во затвор. А, „инцидентот“ може да се претвори во долг и комплициран помеѓу државен судски спор, во меѓународните судови. А, каков инцидент е кога држава влегува во името и во Уставот на друга држава (божем „суверена“) и се обидува да го измени и собори Уставот или името, небаре непријателски авион или хеликоптер, кој длабоко навлегол во територијата ,,самостојната држава“. Оваа ,,самостојна држава“ не особено ме прави горд. На едно интервју на ,,ТВ-парламент“ пред десетина години, новинарката ме праша: што е тоа што го прави Грција со нас? Грција, ни објави војна!
Засега без тенкови, одговорив, небаре го очекував прашањето, но новинарката не го очекуваше таквиот одговор, бидејќи за неа, војна е кога се пука. А не знае кутрата, дека грчкиот збор ,,полемика“ (полемос-војна) е војна без пукање, ама со зборови. На турски – кавга. А кавгите неретко завршуваат и со тепачка. Така се чувствував и тогаш и сега. Односот на Република Грција, кон Република Македонија е тешко нарушување на животниот и државниот простор и територија, особено на уставниот простор. Грција е пет пати територијално поголема од РМ и петпати повеќебројна по население. Грција е членка на ЕУ од 1981 г., а на еврозоната од 2001 година. Современата грчка држава е од 1830 година, а РМ е современа самостојна држава, од 1991 година или Грција е повозрасна од РМ 161 година, а се однесува недостојно, најблаго кажано – детски. Не сакам да кажам, инфантилно. А, каков ,,инцидент“ е 70-годишната агресија на Грција кон тогашната НРМ, кога без да праша никого, освен САД и В. Британија, го протера сопственото население, во време на Граѓанската војна 1946-49 г.
Се разбира, тие протерани, со себе ги понесоа и историјата и културата на родната античка држава, Античка Македонија од која побегнаа присилно, ама многу присилно. Ептен присилно. Потоа, со децении вршеше брутални притисоци врз сите нас: со безброј документи, да докажуваме кој од нас е ,,бегалец од Егејска Македонија“ а кој не е. Конечно од 1991 година и ние станавме со референдум ,,самостојна“ држава, наречена според Уставот – Македонија. А Уставот е Библија, барем во некои посамостојни држави. Многу државници даваат свечена заклетва, со положување рака токму врз Уставот, дека ќе го бранат и однатре и однадвор, ако некој се обиде да помести запирка или не дај боже, стави точка или нов амандман во него. Неодамна, такво ракоположување и заклетва врз Уставот го направи В.В. Путин. Од она што го видов, Уставот на Руската Федерација, светата книга за Путин, е дебел колку некое старо Евангелие. Колку што го видов македонскиот устав, е дебел колку еден туристички речник – прирачник „Научете германски во 1.000 збора“. Дури тогаш разбрав, зошто за нашата политичка елита Уставот не ѝ бил „Библија“.
А, замислете и ние да имаме државнички чин, полагање свечена државничка обврска – заклетва, врз Библијата или Уставот, со положување лева рака врз неа (бидејќи левата е најблиску сврзана до срцето). Левата рака за заклетви, нема никаква врска со македонската народна поговорка ,,лева рака – десен џеб“. Таква државничка заклетва направи врз ,,Персопничкото евангелие“ на чинот на инаугурацијата украинскиот претседател Виктор Јушченко, во јануари 2005 година, на свечена церемонија на плоштадот ,,Независност“. Присуствуваа над 60 државни делегации, генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, државниот секретар на САД, Колин Пауел и 500.000 граѓани. Инаку, на истиот плоштад ,,Независност“ можат да се соберат 1 милион граѓани. Јушченко даде заклетва, целивајќи го Персопничкото евангелие старо, тогаш 444 години а, денес 457 години. Се заколна на украински, дека ќе ги чува Уставот, суверенитетот на државата и слободата на граѓаните. Сосема непосредно, пред самото давање на заклетвата, на телефон му се јавил Џорџ Буш и охрабрувајќи го, му ја честитал новата должност. Џорџ Буш Помладиот, беше претседател на САД – двапати. Кога првпат го избраа, Фидел Кастро изјави: ,,Се надевам дека не е толку глупав, колку што изгледа“. Украина ја запаметив од судбоносната 2001 г. за „независна“ Македонија. Таа ѝ помогна на Македонија со продажба на 31 тенк „т-72“, хеликоптери „ми-24“ и 4 ловци „су-25“, подоцна продадени на Грузија. Во меѓувреме и братската Р. Бугарија, дополнително испрати и 150 тенка, со што дополнително го зацврсти ,,кубурот“, кој со векови го имаме, во секое време – ,,за секој случај“. Тогаш (2011 г.), на 20-годишнината од мојата независна и ,,самостојна“ Р. Македонија, на плоштадот ,,Македонија“ не присуствуваше НИКОЈ од „меѓународните фактори“ ниту барем нивните амбасадори, кои толку многу, секојдневно нѐ охрабруваат да продолжиме со реформите кон ЕУ и НАТО-интеграциите. Почнав да размислувам и да ,,читам“ дека чекаат ,,природно“ да ни здосади играчката РМ и да ја заменат со нова и дека таа, „Нова Македонија“ е вистинската причина за оваа игра – со плачка ,,разликите (промена) за името“. Ако не помогне надворешниот фактор, следува внатрешниот фактор. Претпоставувам, со референдум. Ако грешам, пак ќе извикам ,,јас сум магаре!“. Што ви пречи, јас сум магаре, а не вие.