Зголемениот национализам претставува значителен ризик по структурата и институциите на системот на ООН, кои се суштински, но имаат потреба од обнова и заживување, а сега се изложени на губење на нивната моќ, распад, па дури и пропаст. Таков исход би бил трагичен, не само за тие институции туку и за целото човештво
На меѓународната заедница итно ѝ требаат нови алатки, идеи и иницијативи за да се справи со заедничките закани и предизвици со кои се соочуваат 193-те членки на Обединетите нации (ООН). Седумдесет и петгодишнината од постоењето на светската организација, која беше одбележана на 24 октомври, претставува можност да издвоиме пат кон партнерствата што ни се потребни за да одговориме на предизвиците со кои ќе се соочуваме во годините и децениите што доаѓаат. Како резултат на пандемијата на ковид-19, која е најскапата и најдалекосежната криза по Втората светска војна, потребата за институционално обновување и закрепнување е очигледна.
Меѓу најзастрашувачките закани и предизвици, покрај пандемијата на болеста, се брзата промена на светската клима, насилните конфликти и раселувањето од големи размери во послабите држави и софистицираните сајбер-напади. Заедничко за овие предизвици е дека тие се над можноста на секоја земја да ги реши самостојно. Меѓународната соработка е клучна, но таа соработка е загрозена од обновувањето на национализмот што се заканува на самата структура на меѓународниот поредок изграден пред 75 години.
Зголемениот национализам претставува значителен ризик по структурата и институциите на системот на ООН, кои се суштински, но имаат потреба од обнова и заживување, а сега се изложени на губење на нивната моќ, распад, па дури и пропаст. Таков исход би бил трагичен, не само за тие институции туку и за целото човештво.
Ние сметаме дека постои и друга патека. За да помогнеме во промовирање кооперативни одговори на најгорливите светски проблеми во денешно време, со задоволство ја даваме нашата поддршка на „Патоказот за иднината што ја сакаме и ОН што ни се потребни“, презентиран минатиот месец пред претседателот на Генералното собрание на ООН на Светскиот форум за управување со ООН75. Откако ја браневме надворешната политика на нашите земји како нивни претставници во Њујорк и ги обликувавме на чело на нашите министерства за надворешни работи, од искуство знаеме дека оригиналните идеи од надворешните засегнати страни можат да помогнат во придвижувањето комплексни мултилатерални организации кон позитивни резултати.
Поединци и организации од целото светско граѓанско општество имаа можност, за време на годинашното одбележување од основањето на ООН, да помогнат во создавањето на „Иднината што ја сакаме и Обединетите нации што ни се потребни“ што беше главното мото на овој настан. Светскиот дијалог на генералниот секретар веќе опфати над милион луѓе низ светот преку истражувања, формални анкети и стотици дискусии. Ваквите дискусии и дебати служат како потсетник дека системот на ООН, во текот на изминатите неколку децении, нуди неопходна поддршка на ранливите категории луѓе, ги штити основните човекови права, го унапредува одржливиот развој и спречи трета светска војна.
Доколку сите членки постапат соодветно на Декларацијата на ООН75 и со поддршка на светското граѓанско општество, тие можат да негуваат нов дух на меѓународна соработка со две заемно неизоставни цели, како што се институционално зајакнување и силно, „зелено“ закрепнување од пандемијата.
Особено, ние, заедно со другите партнери, ги повикуваме светските лидери да ја зголемат амбицијата за дванаесетте обврски на Декларацијата. Тие треба да се согласат секоја да ја прошират со внимателно развиени предлози и акциски планови за зајакнување на институционалниот капацитет, подобрување на политиката и зајакнување на јавно-приватните партнерства, а сето тоа ќе биде развиено во извештајот за следење од генералниот секретар на ООН, кој ја има обврската според Декларацијата.
Ние исто така се залагаме за Светски самит за инклузивно светско управување, како што се побара во неодамнешниот извештај за новата верзија на ООН на центарот „Стимсон“. Самитот ќе се одржи до септември 2023 година, а се работи да се надгради и опреми светскиот систем на управување за решавање на главните прашања со кои се соочува меѓународната заедница и воведување нов договор со граѓаните за зајакнување и обновување на довербата во нивните мултилатерални институции.
Во пресрет на оваа средба на лидерите во 2023 година, два самита на Г20, слични на оние што се одржаа во Лондон и во Питсбург, на кои се исцрта патот за излез од светската финансиска криза во 2008 година, треба да бидат свикани во 2021 година, со фокус на координирани макроекономски, социјални и еколошки политики за промовирање на трајно закрепнување од ковид-19.
Овие дискусии меѓу лидерите на најголемите економии треба да бидат усогласени, со поширока стратегија за обновување по ковид-19, која ќе бара одобрување од сите 193 членки на ООН, како и поддршка од меѓународни финансиски институции, Светската трговска организација и други светски и регионални тела.
Во 2015 година, кога нашата комисија за светска безбедност, правда и управување го презентира својот извештај „Соочување со кризата на светското управување“ на одбележувањето од 70 години од постоењето на ООН, насловите и трендовите го претскажуваа враќањето на опасниот национализам, поттикнат од зголемената миграција, економска нееднаквост и лидерите што ги лишуваат другите од позитивните човечки квалитети и повеќе сакаат да прават поделби отколку да обединуваат. По пет години, просветлено раководство е потребно повеќе од кога било, поддржано од идеи и политички притисок од граѓанското општество низ светот. Со оживување на соработката за да одговориме на многуте денешни предизвици, можеме да се погрижиме дека „иднината што ја сакаме“, за денешната помлада генерација и за сите идни генерации, ќе стане иднината што ја добиваме.
Авторите се поранешна американска државна секретарка и амбасадорка во ООН и поранешен нигериски министер за надворешни работи и амбасадор во ООН. Двајцата сега се копретседавачи на Комисијата за светска безбедност, правда и управување