Македонија вчера требаше да го прослави реткиот јубилеј, 75-годишнината од првиот весник на македонски јазик! Ама, заборави… Оти, Македонија денес нема ни мотив, ни интерес за јубилеи… Кому му дошло до чествување? Кој го есапи првиот весник, и покрај сите негатори на јазикот и на нацијата и кому му е гајле за минатото, кога во Македонија историјата редовно започнува одново, со секоја нова власт?
Синиша Станковиќ
Македонија вчера имаше поумна работа! И власта, и опозицијата, и новинарите, и сите оние што токму „Млад борец“ ги катапултира на политичката и на општествената сцена во државава… Постарите генерации одамна кренаа раце, помладите не ни чуле за „Млад борец“, а актуелните народоусреќители и нивните опоненти од довчерашниот режим немаат време за одбележување на настани од толку далечното минато, пу, пу, пу…, скраја да е, уште и комунистичко…
Иако, пред 30 години, на 22 март 1989-тата (токму на 45-годишнината од настанот кога на „слободната територија на Козјак“, антифашистичката младина го читала првиот број на весникот на својот мајчин јазик, отпечатен на шапилограф), со бројот 1.660 од новата серија на магазинот „Млад борец“, кој се продаваше по тогашни 1.500 југословенски динари, во Македонија како симболично да почна нешто ново. Нешто што по теркот од случувањата во Словенија, малку претенциозно, во дел од јавноста која лека-полека се будеше „од дремката на османлискиот бег“, следните месеци и со години потоа – беше нарекувано „Македонска пролет“…
А за да разберат помладите колеги што значеше „запролетувањето“ во периодот есен 1988 – зима 1989/1990, мора да се каже дека се работеше за една неверојатна турлитава од вистински борци за демократија, плурализам и цивилно општество од една, и националисти, антијугословени и антикомунисти (оние, полошите и од најзакоравените комунисти), од друга страна. Нормално, со секогаш неизбежниот амалгам од опортунисти, полтрони/супозитории и ѕиркачи од сенка… Бранот демократија што го плесна в лице „темниот вилает“.
И сите сметаа дека имаат право и дека конечно дошло времето да кажат сè што им лежи на душа. И буквално, на сите, за сите, „Млад борец“ ги отвори страниците… Така што, иако весникот навистина е формиран со одлука на Првиот конгрес на антифашистичката младина на Македонија, во Фуштани во 1943 година, тој е и ќе биде дел од македонската историја и како еден од носителите на демократските промени на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите од минатиот век. Без оглед на тоа што во меѓувреме, едвај испилената демократија ептен ни заталка… (Сигурен сум дека да излегуваше и денес, според тогашната уредувачка политика на Никола Младенов, на неговите страници ќе имаше место и за конзервативците, и за „античките“, и за југоносталгичарите…)
Иако на огромен дел од денешните проследувачи на политичките состојби во Македонија имињата нема ништо да им значат, чисто како урок за актуелниве кројачи на нашите судбини, треба да се спомне дека соговорниците на „Млад борец“, Вера Ацева и Крсте Црвенковски, на пример, двајца од многуте што во еден период биле избришани од историјата, пред 30 години предупредуваа дека „полтроните умираат скотски“ и дека „без опозиција – нема напредок“. А, дека вториот (по ред) претседател на Македонија, Богоја Фотев, сеќавајќи се на периодот кога и буквално бил ретуширан од фотографиите на македонското раководство, отворено резимираше дека тој „не бил за тие работи“. За жал, денес во Македонија се реткост и професионални медиуми со отворени страници, и политичари, барем и поранешни, кои отворено ќе признаат дека не се/биле „за тие работи“…
Таа, „Пролетта“, според традиционалниот македонски синдром, бргу измрзна во првите години на маратонската транзиција на државата што веќе три децении е на чекор до демократија и правна држава, ама сè некако потсопната си чмае пред разните порти, сè надевајќи се дека конечно ќе ја (нè) огрее сонце… А оние што како руки-новинари тогаш навистина веруваа дека одговорните „ги имаат на нишан“ и им порачуваа на странците – „да го следат сонцето, за да ја најдат Македонија“, се распослаа низ други медиуми, застапувајќи ја секој својата вистина, и нормално, се оддалечија, конфронтираа… И, „Борецот“ си умре, оти не се снајде во „демократските“ лупинзи и травестии…
Но, колку и да е патетична носталгијата (деновиве на социјалните мрежи прочитав дека и патетиката во помали дози е добра за луѓето што сè уште имаат душа) и колку и да сакам да го баталам таквиот личен пристап, сепак, не можам да го сфатам игнорантскиот однос на надлежните кон еден важен историски настан. Не дека не се обидов… Арно ама, се изнаслушав прикаски дека некој требало минатата година да се јави во собраниската комисија за култура, за според законот – јубилејот да биде вметнат во календарот на значајни настани во 2019-та, дека, повторно според законот, не се одбележувале годишнини на пет, туку само на десет години (дигресија: и кога законски, ете, можело, на 70-годишнината, во 2014-та, тогашната власт се направи наудрена – и тогаш јубилејот немаше виза за календарот на значајни датуми, па неколкумина „младоборци“ по сопствена иницијатива организираа средба на дваесетина поранешни новинари и уредници од разни генерации…), дека треба да испратам писмо до архивата со барање за одбележување, или да се обидам да се сретнам со спикерот на парламентот, или да алармирам „некого“ во Владата… И, ми се збурбати…
Ај, да сме живи и здрави, можеби во следните пет години ќе изградиме држава во која на „надлежните“ нема да им биде страв да се преиспитаат и да признаат дали ги бива „за тие работи“ и општество во кое повеќе ќе ги цениме сопствената историја, јазикот, државата…