Под…. Може да се изведе заклучок дека кризата во Македонија не е граѓанска, не е предизвикана од народот, кризата е институционална. Неа со своите постапки (или непостапки) ја произведува власта со нејзините институции, а граѓаните ги трпат тешките последици. Во такви околности грчкиот премиер не може да биде очекуваниот спасител, дотолку повеќе што со слични, ако не и полоши појави, се бори во неговата земја
Би било крајно необјективно и новинарски нечесно ако не се поздрави навистина историската инспиративна посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Република Северна Македонија (за секаква употреба) како што се именува државата по исполнувањето на неговата желба. Официјалните власти го пречекаа со сите почести што му се прават на еден кум, му оддадоа признание за неговите заслуги што Македонија ќе стане членка на НАТО и евентуално некогаш на ЕУ. И со сето нужно внимание и домаќинска строгост од македонска страна да не чуе некој збор или песна каде што би се спомнале Македонија и македонскиот народ.
Откако ќе стивнат фанфарите што ги раздуваа апологетите на спогодбата со Грција, откако се случи кулминацијата на тој акробатски историски преспански скок со самата посета, се поставува прашањето, што ќе прави Македонија по заминувањето на Ципрас. Што ќе се смени во неа, што ќе биде подобро за нејзините граѓани, ќе биде ли надмината повеќеслојната долготрајна криза. И што ќе се случува по добиените лицемерни европски аплаузи за промената на името и истовремено примените шлаканици за одложувањето на разговорите, за општата неповолна политичка, економска, финансиска и општествена ситуација. Ако се исклучат пародичните хитови посветени на столчето на НАТО и на ЕУ, вистинскиот одговор би бил – нема да се случува ништо, или сосема малку, но далеку под очекувањата, подобронамерно кажано.
И покрај некои долго присутни недоветни тврдења дека Македонија не одела напред само поради нерешениот спор за името со Грција, реалноста покажува друга слика врз која сега се фрла и нова светлина. Тие изјави биле само изговор за покривање на неспособноста на владејачките гарнитури неволни и неспособни да ги унапредуваат и демократизираат процесите во државата. Проблемот не е во Грција или во Европа, проблемот е во самата држава, која сѐ уште минува низ транзициски период и низ константна криза.
Таа криза ја предизвикуваат внатрешни фактори како што се несредениот политички и правен систем, недореченостите во Уставот, неспроведувањето на законите, злоупотребата на власта, лошата, несредена, недообучена и бавна администрација, финансискиот криминал, корупцијата, непотизмот и ред други неповолности што ја прават неа покомплексна. Цел црно-бело обоен пејзаж. Може да се изведе заклучок дека кризата во Македонија не е граѓанска, не е предизвикана од народот, кризата е институционална. Неа со своите постапки (или непостапки) ја произведува власта со нејзините институции, а граѓаните ги трпат тешките последици. Во такви околности грчкиот премиер не може да биде очекуваниот спасител, дотолку повеќе што со слични, ако не и полоши појави, се бори во неговата земја.
Децениската криза се должи и на уште еден факт, кој се премолчува, на кој не му се посветува соодветно внимание и кој безмалку е „табу-тема“ во македонската политичка јавност. Имено, власта во Македонија како мултиетничко општество, речиси две децении ја сочинуваат две партии, една македонска и една албанска, придружени (особено македонските) со коалициски сателити што од избори до избори орбитираат од поразениот кон победникот. Таквата позиција може да се оцени како бипартиска поделба на власта не на граѓанска основа како што бара Уставот и каква што се стреми да биде државата, туку на национална. Македонската партија (било СДСМ, било ВМРО-ДПМНЕ) во игрите за добивање или останување на власт недоволно ги штити историските тековини на припадниците на македонскиот народ, а албанската (која било) агресивно и без пардон ги остварува сите националистички идеали на директна штета на граѓанското општество и државотворната интеграција.
Сигурно ќе се согласиме дека таквото национално, дури со примеси на националистичко позиционирање и манифестирање недопирливост, е далеку од модерната европска политика и прокламираните идеали на ЕУ, македонско-албанската поделба е повеќе сегрегациска одошто интегрирачка за граѓаните во едно општество. Но освен овие можеби непријатни забелешки, треба да се биде објективен и да се каже дека ваквата политика од доста меѓународни и домашни фактори се оценува како најсоодветна за зачувување на мирот во државата, а и за опстанокот на самата држава. Колку се во право едните или другите многу е рано да се заклучува.
Всушност, целата политика, речиси сите политички решенија се во рацете на двајца лидери, еден Македонец и еден Албанец, кои однапред се договараат и за најситните прашања. Тој стил на работа доведе до тоа да биде дезавуирана парламентарната и извршната власт, да биде нарушена демократијата, да им бидат одземени правата на народните избраници, да се претвори судството во извршен и покорен слуга, да може да биде злоупотребен, делегитимиран или лимитиран во неговите овластувањата дури и претседателот на државата. Тие ги супституираа речиси сите институции и воспоставија своја логика на функционирање, придонесувајќи на овој начин за целосна партизација на општеството. Тогаш кога не може да се усогласат го повикуваат (а може и сам да си се повика, ако оцени) таканаречениот „странски фактор од меѓународната заедница“, чие мислење на крајот се прифаќа беспоговорно.
Со текот на времето големите партии и двајцата нивни лидери во Македонија стануваа (станаа) држава во држава. Македонска карактеристика стана тоа што безмалку уште од првиот ден по стапувањето на нова власт, победничката партија (партии) се идентификува со државата, ги презема нејзините прерогативи, законите ги спроведува не како што се напишани, туку како што тие ги толкуваат. И по правило и по хоризонтала и по вертикала уште првиот ден се корумпираат, не се разликуваат од претходната власт. Исто, на ист начин, но со различни луѓе, течат договорите, врват милионските тендери и тајните анекси, се делат субвенциите, парите за наводни иновации, за мали и средни бизниси и слично. Набрзина се забораваат заветите за отвореност, транспарентност, принципиелност, демократичност, за чесност, за државотворна лојалност и слични формални флоскули.
Искуството во минатото како и примерите во сегашноста јасно ја истакнуваат на површина вистината дека партиите на власт водат сметка само за своето членство, а воопшто не ги интересира какви последици од тоа има државата и колку тоа му штети на јавното добро. Оттаму произлегува ефектот што институциите се партизирани, а како такви се слаби, неефикасни и некредибилни. Клиентелизмот, клептократијата, негативната селекција со поставување партиски неспособни кадри, придонесуваат за губење доверба во нив. Нема народот во нив верба, (просто речено) зашто и новите власти, државни и локани, речиси редовно ги копираат старите: недостапни, подмитливи и корупциски настроени. „Дил ориентид“ – славна новокомпонирана изрека важечка за сите власти и сите времиња.
Во една студија на поранешната Македонска академија на науките и уметностите каде што се разгледуваат политичкиот систем и дејствувањето на партиите, на власта и опозицијата, се заклучува дека деформитетите и изместувањата во начинот на поставеноста и дејствувањето на политичките актери во случајот на Република Македонија во нивната борба за власт доведоа до изострување на анимозитетот меѓу нив до апсурдни размери. Политичките партии кај нас сѐ уште меѓусебно ниту се перципираат ниту, пак, се доживуваат како политички конкуренти, кои во борбата за стекнување на довербата на гласачите се позиционирани како лути непријатели.
Во борбата за освојување и задржување на власта, особено во периодот на заострување на политичката и општествената криза, често се прибегнува кон користење методи и средства што се комплетно инкомпатибилни и неспојливи со основните демократски начела и човекови слободи и права – од манипулации, дезинформации, фабрикувани случаи, лаги, до говор на омраза и нарушување на интегритетот на личноста, при што се креира состојба во која „гори и сувото и суровото“. Крајниот резултат, што се покажува веќе две децении, е застрашувачката поделеноста на граѓаните врз партиска основа, но и поларизација во сите сегменти на општеството.
Се поставува прашањето, ќе биде ли новото име на државата главниот мотив да се менуваат работите од корен или сѐ ќе си тече како што течело досега. Според сите изјави што ги даде Алексис Ципрас во Скопје, Грција веќе не е никаква пречка Македонија да „лета“ напред. Исто, според сите изјави, Македонија (Северна) има голема поддршка од земјите на ЕУ, отворени ѝ биле сите врати, ако навистина е точно тоа тврдење. Значи, нема веќе надворешни ѕидови и блокади. Сѐ е во македонски раце, ако е така, ако и тоа тврдење не е некоја голема, за Македонците непозната лага.