Во каква економија веруваат демократите? Џо Бајден бара „строги работнички закони и даночни прописи што ќе ја наградат средната класа“. Берни Сандерс сака да ги зголеми даноците за богатите и да гарантира работни места за сите возрасни граѓани. Елизабет Ворен сака да им се дозволи на вработените да дојдат до места во корпоративните одбори и да се расформираат гигантските фирми како „Фејсбук“ и „Амазон“. Камала Харис се залага за големи даночни олеснувања за обичните семејства и „построги казни за компаниите што манипулираат со своите вработени“.
Неодамнешните анкети покажуваат дека јавноста силно ги поддржува овие предлози. Сепак никој што ќе се кандидира во претседателската трка не смисли поголема визија со вредни идеи. Без инспиративен начин за нивно поврзување, за гласачите можеби ќе звучат привлечно, но лесно би се заборавиле.
Тогаш некој лојален и загрижен демократ треба да понуди друго решение, а тоа е „моралниот капитализам“, систем што, според конгресменот Џо Кенеди Трети од Масачусетс, „нема да има цел да води сметка кој колку произведува, туку колку ќе се шири моќта и ќе биде поддржан од влада, која нема да се колеба да ги постави условите за фер и праведни пазари“.
Се работи за цел со различни називи, кои националните демократски лидери ги користеа уште откако партијата беше формирана пред речиси два века. Тие сфатија дека мнозинството гласачи ја сакаат идејата за пазарна економија во која тие ќе добијат фер шанса за да успеат, но истовремено не сакаат економија што нема да ги исполни слатките ветувања на нејзините поборници во деловниот сектор и во Владата.
Традицијата започна во 1830-тите години кога Ендру Џексон стави вето на обновената повелба за Втората банка на САД, изјавувајќи дека „за жал, богатите и моќните честопати ги кршат владините закони поради нивните себични цели“. Гровер Кливленд жестоко ги критикуваше заштитните царини во 1880-тите години, како што направија Вилијам Џенингс Брајан во својот поход против „моќта на парите“ на крајот од 19 век и Франклин Д. Рузвелт во својот напад на „економските ројалисти“ во 1930-тите години.
За сите овие демократски лидери, моралниот капитализам беше аспирација кон систем што ќе ја одржува рамнотежата во заштитата на правата на Американците да се стекнат со имот и да започнат бизнис и наедно би се зачувала благосостојбата на сите граѓани, кои се со мали или скромни примања стекнати како обични работници.
Ваквата визија навистина комбинира два различни начини за критикување на актуелниот економски поредок и заложување за подобар. Една тенденција остро ја критикува концентрацијата на моќ без разлика дали се наоѓа во високите финансиски кругови, индустријата, федералната влада или наводното единство меѓу приватното богатство и приватниот капитал. Според неа, општеството треба да има мали сопственици или барем влада што строго ќе ги регулира големите бизниси и ќе ги принудува да пренасочат дел од нивното богатство.
Вториот вид морален капитализам се однесува на угнетувањето на американскиот работник без разлика дали станува збор за лошите работни услови, ниските плати, нестабилната работна средина или забраната за формирање синдикати. Неговите поборници сакаат да ги обединат работниците и нивните симпатизери, да ги поддржуваат оние работодавци, кои, без разлика на нивната големина, ги почитуваат работничките права и исплаќаат достоинствени плати. Теоретски овие две тенденции не се контрадикторни. Елизабет Ворен и Берни Сандерс ги критикуваат монополите како „Вол-март“ дека доминираат со пазарот, но и дека им даваат ниски плати на вработените и ги спречуваат да формираат синдикати. Но историски гледано, без разлика која од двете тенденции демократите ќе ја усвојат, таа ќе ја дефинира коалицијата кон која тие се стремат.
Антимонополската тема доминираше во текот на првиот век од постоењето на партијата, од подемот на Џексон во 1820-тите до почетокот на Големата депресија во 1930-тите години и помогна Демократската партија да се издигне на национално ниво. Во овој период, партијата ги игнорираше правата и потребите на обоените граѓани или активно ги држеше во ропство или ги третираше нееднакво. Овој период долго траеше затоа што заедничка цел имаа толку различни општествени сили како белите земјоделци од Југот и ирските католички доселеници во однос на заедничката омраза кон северните индустријалисти, високите суми во трансакциите и царините.
Во 1930-тите години, проработничката тема генерално ја замени антимонополистичката и играше главна улога во пораките на демократите за време на 1960-тите години. Главната мотивација за промени беше работничкото движење, кое петкратно го зголеми членството на партијата за време на Големата депресија и Втората светска војна и стана нејзино важно гласачко тело од Франклин Рузвелт до Линдон Џонсон. Едно време се чинеше дека проработничката визија за морален капитализам би можела да прерасне во американска верзија на општествена демократија, иако беше поефикасна како реторика отколку како политика. Во годишното обраќање пред нацијата од 1944 година, Рузвелт предложи широка програма според која на секој Американец му се гарантираа работно место, дом и здравствено осигурување. Но коалицијата на републиканците и јужните демократи ги блокира законите за да обезбеди некои од неговите големи цели.
Од 1970-тите години до почетокот на Големата рецесија, либералните политичари и активисти работеа на потиснување на идеите за моралниот капитализам. За ваквите чекори причините беа издржани. Рузвелт изгради таква мултирасна коалиција, која дури ќе го изненадеше и го загрижеше Ендру Џексон. Сепак, повеќето партиски лидери сè уште ги сметаат работниците како благородна заедница сочинета само од белци и нивните семејства.
Политичките потреси од ослободувањето на црнците и од феминистичките движења ја уништија таа фанатичка претпоставка. Борбата против расизмот, сексистичките закони и институции брзо станаа приоритет за посветените демократи. Во овој век како приоритети на политичката агенда се најдоа и климатските промени и правата на ЛГБТ-заедницата. Но во минатото, создавањето на идеологијата за морален капитализам и коалиција како негова поддршка се покажаа како најповолна изборна стратегија за демократите. Периодите кога тие нудеа убедливи аргументи за потребата за создавање и потоа зачувување на таков систем беа само кога партијата имаше долгогодишни мнозинства, односно од крајот на 1820-тите и средината на 1850-тите години, како и повторно од 1930-тите до крајот на 1960-тите години.
Секако, големите промени оттогаш ги променија државата и нејзините политики. Сепак и денес, мнозинството Американци од сите раси, родови и потекла страдаат од економската несигурност и можат малку да влијаат врз работните услови. Визијата за моралниот капитализам би го решила тој заеднички проблем и би покажала како промените би направиле значајни подобрувања.
Во неговото обраќање пред нацијата од 1944 година, Рузвелт изрази уверување дека, во ретроспектива, бил премногу оптимистички за неговото време, нагласувајќи дека „како влада, сфатиле дека вистинската слобода на поединецот не може да постои истовремено без економската сигурност и независност, дека усвоиле втор Закон за права, според кој новите права за сигурност и просперитет ќе важат за сите без оглед на нивниот статус, раса или вера“.
Демократите денес мора да изразат слична јасна и храбра одлучност за градење достоинствено општество. Без моралниот капитализам или негов моќен еквивалент, тие ризикуваат да останат заглавени во деструктивни борби додека нивниот арогантен противник ги повторува заветите како да ја врати „големината“ на Америка, која ниту тој не може да ја дефинира и не може да ја оствари.
(Авторот е професор по историја на универзитетот во Џорџтаун и помошник-уредник на „Дисидент“, а сега ја пишува историјата на Демократската партија.)
Подготвила: Билјана Здравковска