(Или пресликување на македонската ситуација кај неа)
Веќе со поднасловот на колумнава, драг читателу, ти е јасно што сакам да ѝ се случи по коронавирусот на Европа, во кој може замешал прсти и некој нејзин, покрај вашингтонски, Менгеле, па вината им се префрла на мирољубивите и мудри Кинези. По сè што ни направија тие западни сатрапи, ние Македонците имаме право на сомнеж во нив. Туку од кај да почнеме со посакуваното пресликување, кое не е ни најмалку она македонско-византиското на фреските и мозаиците, кога се пресликува небесното на земното во стилот на основниот закон на Хермес Трисмегист; што е горе е и долу. Не, оти ниту тие некогаш како цивилизација, особено сега, се допреле до Бог и Небесното, ниту овие се допреле до нив. Тоа. Туку да не им пресликуваме многу од македонската судбина и историска ситуација на западните моќници. Ќе го одбегнеме тука, да не ги товариме премногу со вина, со Берлин 1878 г. и Букурешт 1913 г. и ќе почнеме од таканареченото наше „осамостојување“ 1990 г.
Ќе речеш, фројдовски, моите желби во овој контекст за Европа се желби на некој темен ерос, впрочем каков што бил секогаш и европскиот „цивилизациски“ со јак варварски мирис ерос кон нас. Туку за која Европа се работи? Секако за онаа на и денес нејзините моќни економски и колонијалистички држави: Англија, Франција, Германија, Холандија, Белгија. Толку. Шпанија е тука во длабока заднина. Таа како да е целосно задоволна со тоа што еднаш ги збриша Маите и Инките и им го крена целото злато, кое ги светна католичките цркви за време на европскиот барок. Тоа. Тоа е главно Европа што глуми обединување и хуманизам: слобода, братство, единство и непросветителство со нов тип колонијализам и експлоатација на помалите и посиромашните, сè до нивно ликвидирање ако науми, како што ѝ се случи со идентитетскиот геноцид над Македонците во Преспа пред две години. Но да преминеме на темата, драг читателу. In medias res. На желбите со име задоволство, тие што и кај Фројд се основна храна на либидото и кога е и кога не е трансцендентално тоа. Задоволството што Македонецот Аристотел, пак, го дефинира уште поубаво од виенскиот психоаналитичар со поимот катарза. А мојата катарза во врска со Бриселската Дама, драг читателу, верувам е и твоја, и на сите обезименети и тормозени од Европа Македонци.
Значи што сакам да ѝ се случи нејзе како македонско пресликување од 1990 г. наваму. Првин Меркел или Макрон како европски Киро Глигоров да им ги сменат имињата на наброените европски моќници во некое нивно БЈРМ, кое ќе го депонираат во ООН за некое идно „праведно“ решавање на спорот што го имаат да речеме, со некоја од нивните експлоатирани африкански или азиски колонии. Сеедно. А потоа по нивно барање, поради некои типични навреди да ги сменат своите традиционални знамиња и да си направат нови. Плус да сменат и некои битни членови во Уставот, кои нивните држави од национални ќе ги трансформираат во граѓански, при што поимот граѓанин ќе се користи за целосно идентитетско обезличување на мнозинскиот народ во државата, до пред малку и нација.
Првин тоа. Потоа, бидејќи им е тоа малку, сакам да им се случи, како што ни се случи и нам со нивно спонзорство, една терористичка 2001 г. со директна логистика и оружена поддршка на терористите од страна на НАТО и Шекеринска како македонски претставник во таа операција. Тоа. А потоа Брисел како поразена странка, макар и да е наметнат поразот како што беше тоа кај нас, да мора како и ние под притисок отстрана да склучи Рамковен договор (за негово потпишување им го отстапуваме Охрид), кој ќе им ги задоволи во него сите барања на терористите, кои сега се промовирани од меѓународната заедница како борци за човекови права. Како што беа промовирани од Западот, Европа и Вашингтон, и кај нас, без разлика што нивниот, сега покоен лидер македонофоб Арбен Џафери отворено изјави дека 2001 г. не била борба и колеж (Вејце) за човекови права, туку за територии.
За Илирида или Голема Албанија, која фактички Вашингтон ја направи на грбот на Србија и Македонија. Така. Иако меѓу нашите терористи од 2004 г. и европските од париски Батаклан и „Шарли Ебдо“, драг читателу, има огромна разлика. Оти додека се кај нас тие се асли терористи и како такви и се покажаа, неблагодарни за македонската помош на косовските бегалци 1999 г., во Европа тие беа очајници. Очајници на кои нивните и американските бомбардери им ја спепелиле татковината и домот, им го убиле семејството и блиските, па тие на крајот се запашале со бомби околу појасот и тргнуваат во камикаѕе-стил кон западните лакоми грабачи на туѓа нафта и други материјални богатства. И, секако, означувајќи ги нив како терористи, западните моќници, драг читателу, само го кријат својот државен тероризам, кој толку храбро го детектира умниот Чомски, па напиша и неколку книги за него. Главно за американскиот тероризам.
Потоа што друго ѝ посакувам на бриселска Европа по нејзиниот евентуален Охридски договор со своите терористи. Тоа, како и кај нас, терористите по диктат на меѓународната заедница (која сега би можеле да ја предводат наместо Америка и Англија, Кина и Русија) да ги зафатат фотелјите во европските влади, парламенти и министерства: во Англија, Германија, Франција, Холандија, Белгија, па да видат колку е тоа убава и за мерак демократија. Нека се одвикнат малку од концептот на владеење на Римската Империја што го наследија, робовладетелски во основа, и малку нека го вежбаат космополитскиот концепт на тој план на Античките Македонци на Александар и Аристотел што се темели врз „природното право и правото на народите“, првиот познат закон на космополитската демократија, на кој посебно внимание му обрна и мудриот и доблесен англиски филозоф Бертран Расел. Тој што го основа познатиот „Раселов суд“ и донесе декларација за европскиот геноцид врз Македонците. Има ли денес некој таков јунак во Европа и на Запад? А всушност со декларацијата на Расел е осуден и Черчиловиот потфат за чистење на Македонците во Егејска Македонија од нивните родни огништа.
Сметам дека дотука сè ти е јасно, драг читателу, но уште не завршивме со пресликување на македонската ситуација на европска, сега бриселска почва. Прашуваш зошто? Па заборави ли на Бадинтер, славниот француски правник што го стокми законот именуван според него за заштита на тие што ги нападнаа во 2001 г. Македонија и Македонците. Закон во француски перверзен, со маркиздесадовски зачин, стил за сопнување на волјата и демократијата на мнозинството, демосот, а за владеење за подбишега со него на малцинството. Единствен таков случај во светот како историски и цивилизациски феномен. Да. Е па, сега доаѓа мојата желба тој закон задолжително, како француски неопросветителски изум, да се вглоби во правниот систем на Европа, па да види како изгледа на своја кожа тоа. Нека не се зафркаваат со демократијата во која главен збор понекогаш, не толку ретко, се нивните колонијалистички походи, збеснати од натрупаниот капитал на светската сиромаштија во нивните банки и стекнат со нивните бомбардери до врвот полни со смрт.
Тоа. По Бадинтер, оти сè тука дејствува врз принципот на врзани садови, сега доаѓаат за пресликување славните македонски договори со соседите: првин со Бугарите и со Грците. Со Бугарите: за бришење на македонската национална ознака и јазик како бугарски, штедро и на фашистички начин (не е претерана формулацијата) поддржани од политборделски Брисел. Доволно е само да се потсетиме на поддршката на Бриселската ороспија на онаа шизофрена декларација, на исто така шизофрените бугарски претставници во Европскиот парламент Ковачев и Џамбаски за божем бугарскиот идентитет на Македонците во Мала Преспа во Албанија. Со тоа Европа врз примерот на Македонија само уште еднаш потврди дека не се откажала по Хитлер од фашизмот, карактеристичен за нејзината ментална структура, потврдувајќи ја којзнае по кој пат историската изјава на големиот германски писател и хуманист Томас Ман дека е победен Хитлер, но не и Фашизмот. Од аспект на македонскиот пример на искуство со Европа, неговиот дом сега се наоѓа во Брисел. Се разбира, драг читателу, и во Вашингтон, но сега тој не е во нашиот централен фокус, ама многу јасно се подразбира. Поубаво од херметичкиот стил на поетиката на сугестијата на Стефан Маларме.
Договорот со Бугарија, кој го поздравија и некои наши шупливи екстра фарисејски интелектуалци. Посакувам и тој да се преслика на европска почва, па дај францускиот, германскиот и англискиот јазик нека бидат, како и македонскиот, бугарски дијалекти (или може и некој дијалект од нивните афроазиски колонии), а Французите, Германците и Англичаните Бугари. Нека бидат до врз задоволни онаа софиска врвна лингвистка Захариева, пожарникарот (им се извинувам на пожарникарите) Борисов и оној рогат бугарски лав Каракачанов. Инаку Влав што си замислил дека е Македонец, односно кентаур од Македонец и Бугарин.
Така, драг читателу. Ред по ред се редат кочански семејни. Како во народната песна, која добро ни дојде тука. И, како што гледам, веќе претпоставуваш, негде сме пред олимпиското финале на олимпијадата на европската „демократија“: Преспа и Преспанскиот договор, кој го афирмира во полн интензитет модерниот европски фашизам. Но пред тоа ѝ давам предност на Тиранската платформа, која исто така во име на западната демократија ѝ ја посакувам на Блудницата Вавилонска, да го употребам слоганот на мудриот прилепски гениј Цепенков за Европа, непогрешливо прецизен. Имено, ѝ посакувам ѝ нејзе една таква платформа, како за нас и за нив зготвена од ЦИА.
Европска тиранска платформа со која ќе се воведе, како и кај нас, двојазичност на целата европска територија, до последното живо село во Франција, Англија, Германија, Холандија, Белгија. Па, така, Французите нека го делат рамноправно лингвистичкиот државен простор со Арапите (арапскиот јазик), Германците со Турците, кои ги имаат околу 10 милиони, Англичаните со Индусите и Пакистанците, Холанѓаните со јазикот на Индокина каде што беа колонизатори, Белгијците со Конго, каде што нивниот славен крал Леополд ги масакрира Конгоанците за да им ги извлече дијамантите за неговите крвави кралски палати. Итн. Темно. Многу темнина и безбожништво во срцето на Европа!
Тоа и така. Конечно дојдовме до Преспанскиот договор, до голготата Преспа на која се распнати, како што мислат распнувачите, засекогаш Македонците на крстот на идентитетската смрт, при што е забрането, се разбира, на нивно симнување од крстот, како што го сторија тоа Марија и апостол Јован со Исус. А тоа, пак, значи забрането им е и секакво право на воскресение, па и на пониската негова форма вампиризмот, цел за која западните џелати ним, за секоја сигурност, дополнително им забија глогов „демократски“ колец во срцето. Што да ти кажувам повеќе драг читателу, освен дека посакувам и Преспа, тој идентитетски колеж на Македонците, да ѝ се преслика на Европа, па да видиме како ќе се снајде во него без име и меморија на кои нема право. Оти таа не е витална како нас на такви катастрофи и погроми. Не се челичела и физички и духовно со страдање како ние, туку им нанесувала страдања на други.
Тука сме при крај, драг читателу. Сето тоа што ѝ го посакав во оваа колумна нека ѝ се случи на Европа, Блудницата Вавилонска. Нека ја фати оваа македонска клетва, можеби и поочајна од клетвите на поетот на клетвата во Стариот завет пророкот Еремија, кој го колнеше расипаниот човечки род одметнат од Бог и Божественото. Расипаниот род на кого укажуваше и апостол Павле, во кој тој ги гледаше Македонците како светила во него така расипан, небаре ја гледаше во својата визија модерна Европа, која, поклоник повеќе на темнината отколку на светлината, ќе повте да ги згасне тие светила во Преспа 2018 г. Македонците – европски светила, народот со кој Павле имаше намера да се пофали пред Господ.
Македонците, кои Европа (Вашингтон се подразбира) ги закла и идентитетски во Преспа, новиот Аушвиц за новите Евреи на Европа. Аушвиц во кој оној од Муртино и неговиот надворешен министер ја имаа улогата на Ајхман и Гебелс. Но и тие се западен, евроамерикански производ во фабриката на модерниот „демократски“ фашизам. Да беа живи денес Бертран Расел и Томас Ман стопати ќе ѝ се плукнеа на Европа каква што е кон малата и настрадана Македонија: бескрупулозно фашистичка. Не претерувам, драг читателу, оти зарем не е идентитетскиот геноцид фашизам. Дури и нешто повеќе од тоа. Точка. До следната наша средба, бескрајни поздрави, кои ги минуваат границите на бескрајот, се читаме, што значи и се гледаме.