Креативноста се дефинира како акт на преточување нови и имагинативни идеи во реалноста. Таа претставува способност светот да се перципира на нов начин, да се најде нешто скриено во него, да се направат поврзувања помеѓу на изглед неповрзани феномени и да се создаде некаков нов заклучок. Креативноста содржи два битни процеси: мислење и продукција.
За да се биде креативен, потребни се силна љубов (пасија) и посветеност. Тие до нашата свест доведуваат до осознавање на претходно скриени нешта и давање нов живот на тие сознанија. Според тоа, продуктот на креативноста се две битни работи: новина и соодветност.
Што е, пак, иновацијата? Таа претставува имплементација на нов и оригинален, многу подобрен продукт во службата, бизнисот, управувањето и општеството. Секако дека иновацијата е поврзана со креативноста, но тие не се идентични. Всушност, нема иновација без креативност, а метрички клучен елемент на двете претставува вредноста на создадената креација.
Без креативност нема напредок во агрикултурата, индустријата, или информатичката наука. Со тоа, сигурно е дека без креативноста нема напредок во вкупниот иден развој на светот.
Дали креативноста може да се научи? Одговорот е позитивен! Всушност човечкото битие се раѓа како креативно, но во текот на развитокот учи да стане некреативно, го потиснува својот потенцијал за креативност. Така, креативноста е вештина што треба да се развива и процес што мора да биде менаџиран во текот на животот.
Основата на креативноста е во процесот на учење. Да нагласам дека учиме дури и кога сонуваме, преку несвесни механизми. Креативноста на некаков начин е усовршување на начинот на мислење. Станувате креативен преку експериментирање, истражување, прашувајќи и барајќи одговори, користејќи имагинација, па на крајот правите синтеза на добиените информации.
Студијата на најкреативните луѓе во историјата (Шекспир, Пикасо, Моцарт) покажала дека нивната „дарба“ е само мит; нивните високи достигања се резултат на можностите, охрабрувањето (најмногу од страна на родителите), тренингот, мотивацијата и најмногу од сѐ – практиката!
Во креативноста нема политика ниту бирократија – тие се исклучени!
Што се случува во мозокот кога сме креативни? Дали мозоците на креативните се разликуваат од оние на нас другите? Овој интерес за мозочните состојби при креативноста е сѐ поголем кај научната фела.
Истражувањата потврдуваат дека за да има креативност, најбитни се две работи: прво, капацитет да се создаваат идеи што се оригинални, несекојдневни или на некој начин нови; и второ, тие идеи да бидат задоволени, соодветно на контекстот, здружени со флексибилност и флуентност на битните елементи, со што се напушта вообичаениот веќе научен тек на следење.
Ако се сконцентрираме на музиката, тогаш постои голема разлика помеѓу оние што слушаат, изведуваат, импровизираат или компонираат музика. Како најкреативни се сметаат импровизацијата и компонирањето, бидејќи тие содржат инвенција на оригинални одговори. Сепак, плаќаме многу пари за да слушаме концерти на некои видни изведувачи. Тоа е заради постоење на спецификата во нивната изведба на веќе создадени дела, значи и тука може да постои некаква оригиналност!
Покажано е дека некои елементи на креативноста можат да се мерат! Факторите што ја одредуваат креативноста можат да бидат дел од околината (новини/место) или интерни (во форма на црти и вештини типични за личноста). Овие елементи се разликуваат според тоа дали се работи за ментални операции што се јавуваат во процесот на креацијата или се поврзани со продуктот. Со тоа, начинот на приод во разјаснувањето на креативноста може да биде „мозок-процес“ или, обратно, „процес-мозок“.
Патоанатомското истражување на мозокот на Моцарт, на пример, покажало дека кај него хабенуларните јадра (сместени во диенцефалонот, близу таламус) на некој начин биле атипични, па може да претпоставиме дека токму невроанатомската структура на мозокот е најбитна за да постои креативност. Сличен приод на „мозок-процес“ бил применет и при истражувањето на мозокот на Ајнштајн. Она што го потврдиле овие истражувања е дека за креативноста не е битна само десната хемисфера, туку функцијата на целиот мозок (двете хемисфери). Особено битен дел на мозокот за постоење на креативност е еволуциски најновата мозочна структура – неокортексот, особено фронталниот лобус. Лезии на овие делови доведуваат до уништување на каква било креативна мисла. Потврдено е дека аналогното мислење е поврзано со фронталните полови, латералниот долен фронтален гирус е битен за процесирање метафори итн.
Сепак, најбитно од сѐ е начинот на кој еден човек мисли. Имено, креативниот начин на мислење содржи нејаснотија, неодреденост и секогаш отворен можен крај, додека сосема поинаков е начинот на некреативното мислење: тој е постојан црно-бел приод на очекуваното, она што е сигурно, ефикасно, веќе докажано. Креативниот начин значи скршнување од вообичаената патека и барање нови патеки преку сива зона на неочекуваното, нејасното, непознатото. Истражувањата покажуваат дека, сепак, голем дел од невронската мрежа инволвирана при некреативното мислење се користи и при креативното мислење, со што тоа (креативното мислење) добива особеност на мултифасетен конструкт (содржани се гледање навнатре, имагинација, аналогно резонирање, концептуална експанзија итн.). Притоа, неопходна е способноста да се ангажираат невообичаените мозочни мрежи и покрај евентуални дегенеративни процеси или лезии, за да се покажат самоискажување и комуникација! Тоа, всушност, значи пластичност на мозокот.
Пластичноста на мозокот веќе е потврден факт. Нашиот мозок се менува во текот на целиот животен век, значи ние не престануваме да учиме и да го менуваме мозокот ниту во длабока старост. Креативното мислење содржи инволвирање на нови мозочни врски и со тоа е силно поврзано со учењето. Со тоа, да парафразирам еден познат научник, креативната активност претставува „посебен вид на процес на учење во кој учителот и ученикот се лоцирани во истата личност“.
Она што е, исто така, откриено е дека допаминот (невротрансмитер) е неопходен за да постојат мотивациски фасети и креативен драјв.
Генерално, на прашањето за тоа дали постојат невролошки корелати на артистичкото ангажирање (компонирање мелодија, пишување песна, цртање или кореографија за некоја танцова изведба) што се разликуваат кога постои креативност, создавање нова теорија или научна хипотеза, постојат само делумни одговори. Од бихејвиоралните студии се знае дека мозокот различно функционира при разни типови резонирање и решавање проблем. Сепак, сознанијата како навистина функционира мозокот на креативните луѓе се прашање на кое уште се бара одговор. Она што го потврдиле досегашните сознанија е дека при креативноста се инволвирани многу функции: кинестатичната креативност (големите мускулни активности), фината моторика (музичка креативност, литература, визуелна креативност), но многу од применетите невронаучни методи не водат до финален одговор. Битни се исто така и временските фактори (траењето), додека сегашните невронаучни истражувања се базирани само на краткотрајните влијанија. Со тоа, креативноста останува топ-тема на научниот истражувачки интерес. Мојата порака би била: учете цел живот, дозволете им на децата да ја развиваат креативноста, не присилувајте ги да бубаат факти, дозволете им ја слободата на сопствен поглед на светот!