Не знам зошто, но стиховите од старата детска песничка сами навираат: Чук, чук! Кој чука? Стојанче. Што бара? Оганче. А пред очите на јавноста (од која половината одлучила да мижи и да не слуша) се нижат инфантилни изјави и циркузантски потези на бившиот полициски генерал, кого среде огнена битка го унапредија. Според законот, системот за управување со кризи и Центарот со кој тој раководи имаат примарна задача да ги следат состојбите и да се фокусираат на рано предупредување и превенција на настани и опасности што се закана за човечките животи, имотот и државата. Овие сега се јуначат среде огнена стихија, која, главно, ја совладуваат луѓе и опрема од странство. Истовремено, читаме дека се разрешени некои од оние малкумина што си ја знаат работата. Првиот премиер се врати од одмор откако му испратија абер од Калето, а вториот се пофали како бившите борци чии квалификации ги знаеме од 2001 година биле вдомени (ухлебени) во институциите, и особено во неговото министерство за политички систем. Но губиме време и непотребна енергија на овие карикатурални ликови. Сиот овој калабалак е токму како во приказната за султанот и везирот. Според неа, кога во Отоманската Империја се вратила првата генерација млади со дипломи од странство, везирот ги распределил на свој начин: лекарот станал задолжен за земјоделство, архитектот за здравство, а инженерот за правосудство итн. Султанот се зачудил на ваквите кадровски решенија, но везирот спокојно му објаснил: Кога секој од нив би бил распределен на вистинската позиција, онаа за која има знаење и компетенции, тогаш ниту вие ќе бидете султан, ниту јас везир! Нашава стварност не се разликува многу, па затоа и не ги разбирам сета врева и критика околу личностите што се присутни или отсутни. Со нив или без нив во земјата, ништо битно не се менува – освен медиумските пораки и пиарот. Се чини од чадот и огнените јазици не ги гледаме ни шумата, ни дрвјата, ама ни државата. Оваа е одамна почината.
Верувале или не, ние сме земја во која постои посебен куриозитет: кризна состојба на квадрат! Државата заборавила дека веќе прогласила кризна состојба на територијата на целата држава и го продолжила (надвор од сета логика и правна регулатива) нејзиното времетраење до крајот на годината поради пандемијата. Сега прогласија уште една, за пожарите. Се чини како законот за управување со кризи (кој е општ правен акт што важи и ги опфаќа сите слични ситуации) да го практикуваат како поединечен акт, т.е. за секоја ситуација што ќе им излезе од контрола (т.е. во која ќе ја покажат сета некадарност), тие прогласуваат нова кризна состојба. Целта и обемот на мерките и овластувањата што ги предвидува законот за државните субјекти се истите, без оглед дали станува збор за мигрантска криза, пандемија или пожари. И како што реков: со акцент на раното предупредување и превенција да не дојде до најлошото, а не на „пренос во живо“ на еден недораснат „јунак“ што не се плашел и од гневот на народот. Сето ова е колку да се каже дека нешто „работат“, иако двете клучни институции (Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување) се како изгубени Германци – поим немаат кој какви ингеренции има. Зад лошиот пиар-настап на искомплексираниот бивш полициски генерал, кој мисли дека светот се врти околу него, некаде во заднината е и речиси невидливиот директор на Дирекцијата (воено лице, со докторат од областа на одбраната – за НАТО, бивш припадник на УЧК и бивш заменик-министер за одбрана). Наоколу еден куп магистри и доктори на науки од областа на кризниот менаџмент, кои ниту некој ги есапи, ниту пак тие имаат потреба или храброст да кажат нешто, да укажат на сите небулози што се таложат уште од 2005 година, кога беше донесен законот. На пример, Уставот ја предвидел вонредната состојба токму за природни непогоди и епидемии, ама кризниов менаџмент тие од владејачката коалиција си го имаат в џеб и без двотретинско мнозинство, па им функционира полесно. Патем, сето ова со менаџирањето и менаџментот отсекогаш си имало едноставни називи на македонски јазик – управување, раководење, координирање итн., но многу „посекси“ звучи кога ќе залепиш некој странски израз. Нема да ве замолувам со сето она што го гледате и самите: разголена и тотално онеспособена држава. Законите не се во согласност со Уставот, во Уставот има „дупки“ на кои укажуваме веќе 30 години (особено во делот на т.н. кризен менаџмент), левата рака не знае што прави десната, партизацијата е рак-рана на целиот јавен апарат, ни заминуваат најдобрите кадри. Дури и не може да се рече дека државата е во криза – бидејќи држава нема, а кризата е константа.
Не е утеха, а ни оправдување кога ќе почнат да ни посочуваат дека не сме само ние, насекаде горeло: Грција, Турција, Хрватска, Русија, САД итн.
Она што никаде нема да го кажат мејнстрим-медиумите и политичките елити е дека зад секоја навидум природна катастрофа (пожар, пандемија, земјотрес, поплава или пожари) лежат гнилите социјални темели на капитализмот: класната поделба што ги прави сиромашните многу поранливи од богатите, некои животи се поважни од другите, битка за профит на сметка на човекот и природата нема крај, приватизацијата и комерцијализацијата на сите јавни служби и сервиси само се шират, неправедната распределба на јавните средства доведува до тоа да има пари за високи хонорари, за американски тенкови, за државни возила и за лубриканти (за европски пиар), ама нема за амбулантни возила, за болници и училишта, за стипендирање талентирани деца, за пожарникарите и нивната опрема, за заштита на животната средина итн.). Она што ваквите настани го создаваат во прв миг се само сликите на библиските несреќи, кои повикуваат на солидарност, пожртвуваност, обединетост – или со други зборови, не се време за критика на политичарите и на оние што се најодговорни за ваквата страшна состојба на светот во кој живееме. Овие Стојанчиња, Зоќевци или Мицковци ги има насекаде – сите се иста сорта, иако она што обично ги разликува државите е (не)прифаќањето на „логиката“ на везирот или евентуално учење на сопствените грешки.
Но проблемот е во кусото помнење и негледање дека коренот на несреќите е ист: капитализмот убива, а на периферијата тоа го прави поефикасно. На апологетите на неолиберализмот, НАТО и ЕУ само во вакви (куси) моменти им текнува за климатските промени, за девастацијата на природата, за глобалната социјална, еколошка и морална криза. И тоа го прават само за да ги прикријат своите локални будалштини, како на пример дека не дале 400 илјади евра за редовното сервисирање на авионите за гаснење пожари, но затоа славеле рамковен договор за 500 илјади евра. Од друга страна, нивниот идеал (САД) нуди уште побрутална слика на разликите во моќта и привилегиите, особено за време на пожарите во Калифорнија: околу 40 проценти од пожарникарите во Калифорнија се затвореници, платени по 1 долар на час, и ако загинат за време на вршењето на должноста, нивните семејства не добиваат никаква компензација. Богатите си ангажираат приватни пожарникарски фирми. Можеме да зборуваме и за Амазон, за Австралија, за топењето на мразот на половите, за апокалипсата што нè очекува, но велат важно е дека #НиесмеНАТО, посилни од судбината. Познатиот американски писател Луис (авторот на легендите за Нарниа) еднаш рекол: „Човековата моќ над Природата се претвора во моќ на едни луѓе врз други, при што Природата е само инструмент на моќта“. Од климатските промени до класната нееднаквост, деструкцијата на светот е поврзана со меѓусебното уништување на луѓето. Сликите на огнените јазици од двете страни на Егејот, грчката и турската, доволно зборуваат за сето лудило на инвестирање во воениот комплекс (на божемните НАТО-сојузници) наместо на заштита на животите на луѓето и зачувување на природата.