Дури и од дома е видливо дека ковид-19, покрај паниката, предизвика инфлација од чукачи на празна слама од секаков вид. Нив ги гледате во дебати, во дневни и ноќни емисии, во отворени и призатворени студија, во топ-теми и промашени лекции, лице в лице или нож во грб, во само вистина а толку лаги, во изјави, интервјуа, интерпретации, дури и во деманти. По таа бомбардировка, оди заспиј мирно ако можеш
Во Македонија се раширени истовремено две пандемии. Едната е здравствена, поврзана со коронавирусот (ковид-19), а другата политичка, поврзана не само со претстојните избори за пратеници туку со подолготрајната криза што ја подрива државата. Третата пандемија што ќе биде економска, чука на врата. Таа, ако веќе не е стигната, низ отворените државни порти ќе стигне нешто подоцна до нашите џебови.
Што може еден новинар, макар и обичен човек, да констатира, суди и пресудува во време на карантини и изолација, а да изгледа нормално, пристојно и вистинито? Што може нешто убаво да соопшти политичар пред заморен, нервозен и разочаран, па дури и уплашен народ, кога секој граѓанин е експерт за сѐ. Тој е и доктор, вирусолог и инфектолог, и аналитичар и политичар, сѐ во едно. Секој знае сѐ за вирусот, секој е стручњак за политика. Од премиерот, од претседателите на партиите, од илјадници недокажани во своите професии, до оној што продава лук и кромид на пазар. Ако не верувате во второво, прошетајте на некој зелен пазар и ќе сфатите како се примаат и одвиваат во комбинација македонската здравствена и политичка атмосфера.
Освен пазарот, телевизорот е најдоброто огледало во кое се огледува степенот на развој, на култура, на меѓусебна почит и разбирање меѓу луѓето во едно општество. А во карантин и изолација телевизорот е најдобриот другар, кого можеш ем упорно да го слушаш ем почесто да го пцуеш. Слободно можеш да го поплукаш неговиот екран, иако на програмата не е спортски натпревар на саканиот клуб. Книгата, одамна не е најдобриот другар, нејзиното место го зазедоа други домашни миленичиња, куче, маче или гуштерче. И мобилниот телефон, тој нов, неразделен дел од човековата анатомија, главното средство за дружење, дење, ноќе, при седенка, при прошетка или во постела.
Дури и од дома е видливо дека ковид-19, покрај паниката, предизвика инфлација од чукачи на празна слама од секаков вид. Нив ги гледате во дебати, во дневни и ноќни емисии, во отворени и призатворени студија, во топ-теми и промашени лекции, лице в лице или нож во грб, во само вистина а толку лаги, во изјави, интервјуа, интерпретации, дури и во деманти. По таа бомбардировка, оди заспиј мирно ако можеш. Нема веќе ни Наум Петрески со некоја песна да те расположи, а камоли Сузе Национале со некоја патриотска или Јордан Митев, со рефрените: играј – скокај, мешај, охо-хо.
Еден од најголемите промотори и афирматори на чукачите на слама во Македонија, ни крив ни должен, е (беше) таканаречениот (не) Собраниски канал на Македонската радио-телевизија (МРТВ). Ако некој се обиде да пресмета колку слама за овие триесетина години имаат исчукано пратениците во македонското народно собрание, ќе му се крене косата на главата на цел народ колективно.
Директните преноси на нивните заседанија беа жива слика за енормното производство на тони и тони празна слама, а малку жито. Од толку слама многумина од нив може слободно да си ја понесат титулата „луѓе од слама“. Лесна слама, а полни џебови, фигуративно опишан нивниот придонес во развојот на капиталистичката, полудемократска револуционерна транзиција што се одвива во Македонија. Од времето на самостојна Република до натовска Северна Република Македонија.
А што е всушност, што значи фразата чукање празна слама, омилен израз на еден мој редовен читател, кој знае да ме прекори кога не му се бендисува она што сум го напишал јас, а тој со внимание го прочитал.
Изреката чукање празна слама е од дамни времиња. Се користи кога сакаме да кажеме дека некој зборува напразно, без смисла, без цел и без ефект. Значи, кога работите јалова, бескорисна работа. Чукате празна слама кога попусто се трудите нешто да кажете и докажете, а на располагање или немате зборови или нив ги трошите премногу, ги доведувате до неразбирливост. Кога ќе им здодеете на слушателите од бледите тиради што ги презентирате, кога некој како говорник мисли дека зборува нешто многу паметно, а публиката гледа дека е глупаво, не држи вода, што би рекле во пазарџискиот говор.
Чукањето празна слама е од времето кога немаше комбајни, вршалици, мобилни телефони, ајфони и телевизори, кога селаните зрната пченица ги одвојуваа од сноповите со удирање со дебел стап. Сакајќи да добијат што повеќе жито (пченица, ’рж, јачмен, овес) продолжувале да ги чукаат сноповите и кога веќе немале зрна, работа што била само губење време.
Од таму е и поговорката: многу слама – малку жито, која во селскиот говор служи за објаснување на некоја неуспешна работа, неуспешен потфат, недобро завршена работа. Или: нему сламата – мене житото.
Ете, за разлика од тие минати времиња, телевизорот денес се покажува како едно гумно кај што, без оглед на временски сезони, обилно, секојдневно, се чука слама. Фабрички и сериски. И од кај што се гледа дека политичкото поле е распослано со многу слама, а малку жито што може да се складира во амбарите. За да нема забуна кај неупатените читатели – сеното не е слама. Сеното не се чука, во него и онака нема ништо хранливо за човечката уста.
Но да не се разбереме погрешно, да не ја потценуваме улогата на сламата во светската историја. Нејзе ја има во Светото писмо, таа е составен дел на основата на христијанската религија. Спасителот на светот, Исус Христос, се родил на слама, секое празнување на Божиќ се одбележува и со тој симбол. До ден-денес во многу градски семејства бадниковата посна вечера се служи и се јаде на подот послан со слама. Во селски домови на Бадник во куќите е обичај да се внесува сува слама за здравје на луѓето и добитокот, за плодна година, за заштита на родот од поплави, од град и од разни штетници.
Постои легенда што раскажува дека во шталата кај што се родил Исус имало вол, коњ и мазга. И додека волот и коњот биле задоволни од житото што им го подала Богородица, мазгата налутена почнала да ја гризе сламата блиску до новороденчето. Заради тоа Богородица ја проколнала мазгата и оттогаш тоа животно е неплодно. Ем е неплодна, ем тврдоглава, како мазга, што се вели.
Сламата е вековно поврзана со животот на македонскиот народ, со неговиот стандард, со неговата сиромаштија. Денешниве деца, денешниве генерации не паметат (и добро е што не паметат) дека нивните дедовци и баби спиеле на слама, на душеци и перници – сламарици. Уште има нивни татковци и мајки, кои на сламарици сонувале слатки сништа и се труделе да создадат пород од сламени дечиња.
Народот наш, ценејќи ја нејзината вредност измислил или прифатил убави поговорки, како на пример: оган со слама не се гаси, иако има многу примери кога слама му се дотура на огнот. Не масло на огнот, туку слама, зашто маслото е поскапо. Сепак, најпозната, најславна, најсоцијална, надалеку прочуена поговорка врзана за овој нуспродукт од житото е: работи како вол за слама. Така е овде во Македонија. За граѓанинот на Македонија слично е и во Германија, со мала инверзија. Таму работи како вол за евра. Во еврата е разликата.
Ете, драги читатели, пред да удри гонгот за почеток на уште еден нов, долготраен карантин го привршувам и ова мое чукање слама посветено на протагонистите на таа глупава, но за дел на чукачи, сосема исплатлива неофицијална професија. Чукачите на слама на се водат во евиденцијата на Агенцијата за вработување иако ги има во голем број, вработени и невработени. Важно е да се чука, да има слама, за родот на житото ретко кој се интересира. Пандемијата на коронавирусот ќе помине, за чукачкиот вирус нема лек.