Чипот бр. 666

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Откако почна пандемијата постојано се врти една теза дека сето ова што се случува е дел од некаков светски заговор, иако никој точно не знае да ги каже целите на тој план. Без разлика дали тоа е вистина или не, во таа теза се чита силен страв од човекот сам од себе и неговата подготвеност самиот да си ја откорне косата од главата. Тоа е страв од осоколеноста на човекот со пари, но и од човекот со ум (научникот) што е вработен кај него, и подготвен е за пари да направи сѐ, дури и да го убие ближниот.
Живееме во култура на стравот од осоколениот човек, кому нема кој да му застане на пат. Најчесто, на празното место на таа метафора, „осоколениот човек“ се поставува Бил Гејтс, можеби најмоќниот човек на светот, за кого се знае дека и досега заработуваше под маската на медицинско-здравствен добротвор, и тоа најчесто преку вакцини. Напишани се цели библиотеки книги што во таа „филантропска вакцинација“ насетуваат ужасни медицински експерименти, какви ни нацистите не правеле.
Е, на вакцините и пукна довербата во „човечноста“. Веќе подолго време низ целиот свет се шири недоверба кон вакцините.

Има и зошто: порано вакцините ги произведуваа и листата на потребни вакцини ги составуваа медицински стручњаци платени од државата, денес тоа го прават „медицински стручњаци“ финансирани од мултимилијардери како Гејтс. Губењето доверба во вакцината е најголемата штета што може да му се случи на човештвото. Моите пријатели во Србија имаа доверба во вакцините од институтот „Торлак“; откако вакцините почнаа да се произведуваат централизирано (во светското вакцинациско гранапче на Гејтс и комп.) и откако видни личности, како Роберт де Ниро, се вклучија во светската кампања против вакцинацијата (поради тоа што детето на славниот артист развило аутизам, како и многу други деца, наводно по приемот на една проблематична вакцина), поголемиот дел од светската популација не сака ни да чуе за вакцинација. Неодамна Новак Ѓоковиќ беше на удар на светските и државните српски медиуми, затоа што изјави дека нема доверба во вакцината против ковид-19, дека не е улав во своето тело да дозволи да му вшприцуваат нешто што не е испитано и дека нема намера да се вакцинира.

Со научниот напредок работите стојат така како што стојат со жената во старата арапска поговорка: будала е оној што си ја слуша жената, ама глупав е оној што нема да ја послуша. Никој не е доволно глупав за да ги одбие придобивките од науката. Но кога науката станува „човекољубие“, се јавува сомнеж дека станала „човекоУБИЕ“. Зошто? Затоа што ниедна филантропија не е агресивна. А барањата за вакцинација се агресивни: ако не примиш, тогаш… Да е тоа вистинско човекољубие, нема да уценува. Таквата упорност, во свеста на обичните луѓе се сврзува (секако не без причина) со стекнување профит. Затоа, меѓу другото, имаше и протести по улиците на Белград минатата седмица. Откако претседателот Александар Вучиќ изјави дека наесен задолжително ќе се вакцинираат против грип и деца меѓу 3 и 12 години (досега се оставаше децата сами да развијат имунитет), многу јавни личности излегоа на протестот уште првиот ден, да се спротивстават на уценувачкото вакцинирање: нема да ви го запишат детето ни во градинка ни на училиште доколку не е вакцинирано. Но, за жал, набргу политичарите му дадоа целосно политичка боја на протестот.

Веќе подолго време се шират гласини дека преку со нетрпение очекуваната вакцина за ковид-19, како и преку воведувањето 5Г-мрежа на електронските комуникации, ќе може да се управува со мислите и постапките на вакцинираните, зашто во вакцината наводно ќе имало приемник, а 5Г-мрежата ќе била наменета за некој анонимен владетел, испраќач на пораки. Така, вакцинацијата би била чипирање, а самото управување со луѓето преку 5Г-мрежата – вовед во биороботиката, мрачна иднина на човештвото. Чиста параноја, ќе рече некој (како што рече и Гејтс). Но: според што оваа идеја, која на прв поглед изгледа параноична, се разликува од класичната религиозна убеденост дека Отецот од небесата гледа сѐ и слуша сѐ, дури и најтајните мисли наши? Само по едно нешто: во првиот случај оној што гледа сѐ и слуша сѐ е – ЧОВЕК, а во вториот случај БОГ. Но вториот е „овластен“ да го прави тоа зашто се претпоставува дека нѐ создал, а првиот не е овластен – зашто со сигурност се знае дека човек не се создал самиот себеси.

Она што најмногу застрашува во идејата дека со вакцините ќе бидеме чипирани и дека наводно некој ќе управува со нашите постапки, не е толку тоа што ќе се претвориме во биороботи, туку тоа што НЕКОЈ човек посакал да стане Бог, и тоа преку пари и моќ. Компаративното проучување на религиите покажува една заедничка точка кај сите верски системи: Бог во секој човек посеал свое зрно божественост, кое треба да се негува и развива додека човекот не стане обожен човек. Но сега ужаснува помислата дека некој сака во нас да вгради не божествено, туку свое зрно. Не е нималку утешна помислата дека тоа се некои Бил-Гејтсови. Тие се сепак луѓе, а луѓето се омилените мапети на сатана.
Стравот што се јавува во врска со вакцините, според тоа, е резултат на НЕДОВЕРБА на човек во човек: таа недоверба е во природата на човекот. Од друга страна, човекот секогаш имал „бланко доверба“ во „виша сила“, барем во онаа смисла дека таа е „непоткуплива“ и затоа праведна, дури и кога нам тоа не ни изгледа така. Природната селекција не прима поткуп, човекот да. И Бог не прима мито од ѓаволот за да му наштети на човекот. А секој ден гледаме како човек прима поткуп од друг човек за да му наштети на човека. Чипот 666 не е ништо друго, туку нашиот СТРАВ ОД ЧОВЕКОТ.

Стратегијата на сатана е сеење страв: оној што се плаши, не може да верува во ништо, ниту може да љуби и да се надева. Така што, не плашете се дека со новата вакцина допрва ќе бидеме чипирани: и досега нѐ чипираа со застрашувања – политичарите дека ќе ја изгубиме државата ако не ги гласаме, економистите дека леб ќе немаме да јадеме ако не гласаме за капиталистите, лекарите дека ќе се разболиме ако не купуваме лекови од одредени фармацевтски индустрии. Управуваа со нас преку стравот, таа моќна алатка за владеење, и добро заработуваа. Стравот е подобар за продажба и од хероинот.
Според тоа, ѓаволовиот чип е веќе во нас. Дигитален е и бинарен: страв и недоверба. За да видите дали сте веќе чипиран, проверете: кога некој многу близок денес би ви побарал за (не дај боже) лекување 100.000 евра на заем (а вие имате точно толку), со ветување дека ќе ви ги врати за три месеци, дали би му ги дале? Ако не му ги дадете, чипиран сте со чипот 666. Ако му ги дадете, најверојатно сте чипиран со чипот 333. Велам најверојатно, затоа што постои теориска можност воопшто и да не сте чипиран, туку сте обичен будала што им верува на луѓето, дури и кога знае дека се измамници што повеќепати ваделе лажни дијагнози.
Важно е утре да го победите стравот. Заокружете еден број. Со доверба. Знам дека ви е тешко по толку изневерувања, ама нема друг начин да се победи чипот 666: стравот. Макар и да бидете повторно измамени. Вербата не е грев, како и наивноста. Гревот е секогаш кај оној што ја изневерува довербата. Кај него е и пеколот, уште на овој, не на оној свет. Нема потреба да умре за да слезе во него. Си го носи секаде со себе во душата, и ќе го носи додека ја носи и неа.