Дали државите умираат е само реторичко и можеби поетизирано прашање. Тие не се природни и/или вечни феномени, наспроти верувањата на мнозина дека се од бога дадени или во историјата закотвени. Нема потреба да се прашуваат нашите постари во колку држави живееле без да се поместат од својот дом, бидејќи и ние веќе го сведочиме тоа само за неколку децении. Како умираат државите? Не многу различно од луѓето: постепено, неосетно, но од ден на ден. Животот и смртта се во нераскинлива дијалектичка врска, не можат едно без друго, па дури и ако ова метафорички се примени на конструкции како што се државите. Многу се ретки примерите на пропаст во еднократен чин, со прскот на „бинг бенг“. Најчесто, претстои тивок процес на ерозија на државноста во сите нејзини аспекти, кој е прифатен како нешто сосема нормално и невознемирувачко. Распадот на Југославија се случуваше низ децении, во низа настани што се „згуснуваа“ кон крајот, од кои некои беа повеќе или помалку драматични од другите, во еден дел или во целата земја. Имаше и такви навидум неважни случки што будеа неверица, чудење, па и смеа, но нивниот континуитет оневозможуваше рационален поглед на големата слика. Мнозинството, кое не сакаше распад, уште помалку крв, не можеше да види дека сливот на тие мали буици од секојдневни политички глупости и апсурди (барем нам така ни изгледаа) не води кон мирно море, туку кон амбис. Интересно, последните години (и покрај рестрикциите, немаштијата и битката за масло, бензин или кафе) беа исполнети со неверојатно добар хумор и сатира. На пример, „Топ-листата на надреалистите“ како да беше создадена од авторот на некаква временска машина: сето она што беше прикажувано како политичка сатира, не беше само пророштво туку многу бргу стана вистина. Само малкумина, оние далековидите антиципираа крај, иако дури и тие останаа вџашени од неговата жестокост и крвавите последици.
Од каде вакво мрачно претчувство? Па, во Македонија можеш да умреш од сѐ, освен од здодевност. Скандалите и апсурдите веќе не се бројат на месеци или недели, туку на часови. Имаат толку фарсична форма, а главните актери се такви палјачовци, што е сѐ потешко да се посматраат како индикации за сериозна политичка и општествена криза. Како рефлексија, сами навираат познати рефрени чии автори праќаа сериозни пораки низ забавни ноти: „Како је лепо бити глуп“, „Смејем се, а плакао бих“, „Све је отишло у Хондурас“. Зарем не е да умреш од смеа насамарувањето на Заев? И тоа не еднаш или двапати, туку дури трипати! И како во вицовите за полицајците, на главниов лик не му ни текнало во што е вицот, па ни изреката на Сталин за „броењето гласови“ не ја сконта(л). Споменатите 100 илјади евра не биле за поткуп, туку добра мисла на добар христијанин што сакал на Вартоломеј да му донира градежен материјал за цркви; хумано било тоа! Еве, прашајте ја, и Колозова ќе ви потврди дека сето тоа е бескрајно смешно, ама не и драматично. Но пиарџиите не ѝ веруваат: бараат прогласување трајна воена состојба поради специјални и хибридни напади од лути странски служби преплашени дека НАТО ќе стане премногу силно со зачленувањето на Македонија. Со ова се согласува дури и министерката за одбрана, зборува за „сајбер-напади“ на нашата интелигенција. И почнува да ти текнува на едни слични „жолти комбиња“, на „странски служби“ и на домашни предавници и сиот тој џез. И така, Македонија е на почетната позиција, back to square one. Само палјачовците се различни, руинираната сцена е речиси иста да не се дивоградбите, кои никнуваат како печурки по „Скопје 2014“. На социјалните мрежи, освен вообичаениот бран на омраза и навреди, има и проблесоци на тажен (да не речам црн) хумор на сопствена сметка. Горчина буди само помислата на тоа колку шарена и платена, а толку некрофилна беше целата онаа фарса што ги доведе на власт хубавите/љубавите Зоки и Стево… Покрај газењето на некои важни морални и политички принципи, „револуционерите“ успеаја да ја прокоцкаат и секоја евентуална идна шанса за автентичен граѓански отпор кон авторитарна власт. Колега Црногорец ми ја цитира неговата баба (во друг контекст, ама важи и овде): „Никој нема да сака да каже мајка ми е курва, сине!
Руските пранкери/мајтапчии не обелоденија ништо ново, исто како и своевремено „бомбите“ на Заев: во двата случаја само добивме аудиопотврда на она што секој разумен го знае(л) одамна. Дека има неспособна и до коска корумпирана власт, од која секој чесен човек мора да се срами. Но ние успешно се правиме на Тошо, додека го чекаме датумот за ЕУ; без чувство на одговорност и грижа кон она што е општо добро, а политичката заедница/држава ја чувствуваме повеќе како туѓа отколку како своја, дури и кога се колнеме во неа. Еве, речиси немо и без поголема вознемиреност сведочиме на уште една сцена на серијалот „Монти Пајтон во македонска верзија“. Симболично, таа е поврзана со охридскиот Чинар (со голема буква, бидејќи е речиси живо суштество што сведочи на вековите). Претераните легенди зборуваат дека живее 11 века и дека бил засаден од раката на Климент, пореалните процени зборуваат за „само“ шест века. Како и да е, Чинарот умира од негрижа, како и фреските од Курбиново, како впрочем и целото Охридско Езеро (старо меѓу 3-5 милиони години), заедно со живите фосили во него. Попусто рекламните спотови за Macedonia Timeless, кога им било „судено“ да го дочекаат крајот во „државата што блеска“ (колку само глупав начин да ја верглаш англиската фраза за shining example кога те тапкаат по рамо затоа што си го променил името како последна будала). Судбината сакала Чинарот да биде сосед на „славната“ пицерија, која има моќ да ѝ го зададе последниот удар на државата, бидејќи без процедури, без право, без еднаквост пред законот, нема ни држава. Или ако ја има, таа е страховлада и поарно е да ја немаш. Не е до силата на еден општински советник, шериф од редовите на ДУИ, и неговиот другар, шериф од Струга, туку до постоењето на селективна „правда“, која стана правен вакуум, или поточно на правна црна дупка што голта сѐ наоколу. Премиерот благослови незаконска градба кај Лагадин, мижи пред уништувањето/опожарувањето на трските на брегот на Охрид и Преспа, бидејќи како секој тајкун има повеќе разбирање за бизнисот и личниот интерес отколку за општото добро. За да си го зачува тенкото мнозинство во парламентот не смее да муцне за минарето дивоградба и бетонската база покрај езерото. Впрочем, ако тој и неговата клика на криминален начин го сменија Уставот и создадоа травестија на кривичната правда (со благослов на меѓународната заедница), тогаш зошто локалните шерифи не би биле дрски?! Тие добро знаат дека Заев е (политички) импотентен.
Зошто е Охрид судбински важен? Не е поради УНЕСКО (демек, досега работите беа супер, па сега се загриживме за одземање на специјалниот статус). Кутриот Охрид за малку куртули од Субрата Рој, но нема да куртули од Нефи Усеини и Мерко. Некој беше споменал интересно име за оваа вуко*бина – Меркодонија. Охрид веќе не е симбол само на манастири и божја убавина од стиховите на Миладиновци, па дури не е симбол ни на рамковниот договор: тој е парадигма за здружен злосторнички потфат, за ладнокрвното уништување на секоја педа од оваа земја. Од Водно, до Матка, Дојран и Дебар… Охрид е само сцената на која така кондензирано се одвива последниот чин од трагикомедијата. Институциите се празни школки (ама со табли на три јазици). Инспекторите, и порано неефикасни и невидливи, сега и се казнуваат ако случајно одлучат да си ја вршат работата. Опозиција практично нема, а контролни механизми уште помалку. Тоа што медиумите се на годишен одмор е небитно, затоа што се заробени и/или заплеткани во перипетиите на Кики, Коки и други фрикови пред кои обвинителството ја бутнало главата в песок; активистите се во СВОЗ, зафатени со специјална војна и русофобија. Реално не постои ни шарен, ни двобоен, ни еднобоен отпор: Resistance is futile! And non-existing! Отпорот е залуден. И непостоен. Македонската држава не е заробена, таа исчезнува. Државата не ја чинат симболите (колку и да се симболички важни), туку институциите и правото, а токму тие се изумрен вид во оваа периферија за која на Европа ѝ се прди (да го цитирам Горан Стефановски)! Пред десетина години, изјавата на Жарко Пуховски дека Македонија не е целосна држава предизвика бура; но Севернава не е ни администрирана територија. Тоа е единствениот „прогрес“ оттогаш: националистите се смирија, по Бадентер мајка му плачат на она што преостана и од природата, државата и од нас. Ма, нека одат сите малку во тој убав Хондурас… инаку, стигнавме на дното на дното. Ова ни Чинарот веќе не може да го поднесе.