Секогаш кога ја пишувам последната колумна во годината ги имам истата дилема и мачнина. Кога би можела би ја прескокнала (заедно со хистеричните прослави, кои повеќе потсетуваат на сцени од „Кабаре“ и на очајници што го живеат последниот ден отколку на собир на среќни луѓе). Би ја прескокнала колумната повеќе од страв дека ќе биде пророчка отколку од незгода дека нема да биде пригодна и оптимистичка.
Постојано се храбрам со мислата на Грамши: „Песимист во духот, оптимист во волјата“ – ама сѐ потешко ми оди дури и со таа девиза. Најмногу што можам да сторам е за почеток да ви пренесам еден виц (кој можеби сте го чуле), и за крај да ви раскажам една вистински остварена бајка. Вицот гласи: „Ние Македонците не ја славиме новата година, туку прославуваме што ја преживеавме старата“. Не ви требам ниту јас, ниту Касандра за да ви каже дека колку и да беше драматична и разочарувачка годината што заминува, наредната ќе биде полоша: ова веќе не е ужасен крај, туку ужас без крај. На влезот на 2019 година стои дантеовски напис: „Оставете ја секоја надеж, вие што влегувате овде“. Откако политичката „елита“ (багра, простете на израз) се устоличува како своевидна аристократија, која – замислете – не можела по завршување на мандатот да живее како сите смртници, или не дај боже, да пребарува по контејнери! Затоа си обезбедува привилегии соодветни за „мали богови“ со сина крв, па треба да сме среќни што (засега) уште не им текнало тие привилегии да ги направат и наследни.
А станува збор за (простете на израз) сељаци (за разлика од сиромашните, но благородни и вредни селани): буквално од нива и од шума собрани, а веќе не можат да замислат живот без привилегии. Истовремено, на најсиромашните им воведуваат не само небулозни даночни обврски, туку и високи казни доколку се обидат на бедните пазарски тезги да извадат нешто за живот. И не е само тоа она што ми создава одвратност кон сета идеја за славење: годината ќе ја паметам, меѓу другото, по тоа што искусив шок-бомби и солзавец (последиците по гласните жици ми се трајни) на мирен протест, а фината скопска снобовска „шема“ не можела да ми ја заборави недоличната пцост упатена по полициската држава (да, да, тоа се истите тие што мува не ги лази кога деца претепуваат до смрт среде бел ден, или кога цели воени контингенти испраќаме во Авганистани или каде што веќе треба, за да бидеме горда членка на НАТО). Тоа се тие лицемери што се неми пред полициска бруталност и травестија на правдата, а за говорот на омраза и повиците на линч на Фрчковци и Тричковци сметаат дека се кул. Тоа се тие еманципирани, протестираат за правата на сексуалните работнички, ама ако жена, и тоа професорка, опцуе тоа го сметаат за бласфемија! Простија на криминалци, односно криминалци си донесоа закон за самоамнестија и плус приспособија Кривичен законик за да не ги фати раката на правдата нивните другарчиња.
Но, очајот се зголемува, кога ќе погледнеш пошироко: како сите лидери да се на иста дрога, па се „хај“, убедени дека донеле економски прогрес и дека живееме во цветна градина. Сите се како папагали! Фрлија стотици илјади евра за новогодишни украси, за да ги скријат грдотијата и сиромаштијата, но не можат и полициските специјалци што ја бранат „убавината“. Уште ме прогонуваат сцените од Бања Лука, кордонот „желки“ и други членови на животинскиот род под најсилна опрема, како стојат под украсените згради и улици, додека се изживуваат врз народот што протестира. Она што доаѓа од Франција, веројатно, е европски пример и практична вежба за реформираните полициските сили на европската периферија. Happy new fear (игра на зборови, која од среќна нова година, прави порака среќен нов страв) е веќе застарена фраза, бидејќи и стравовите и заканите се добро познати. Во сиот овој кошмарен премин во новата година, стари се и позитивците, оние што ви праќаат благослови, честитки и ве уверуваат дека сѐ што треба да сторите е да размислувате позитивно и да се дружите со позитивни луѓе што ве сакаат. Тогаш ќе можете да ја турнете главата в песок и да си живеете во својот свет, исполнет со добрина и среќа.
А токму таков психоделичен потфат деновиве направил и оној што нагалено го викаме – коефициент на интелигенција 33. Човек што веројатно од литература ја прочитал само книгата „Зоки Поки“, а можеби и „Волшебното самарче“, во својство на премиер се сретнал со децата од ОУ „Братство“. Гарант, пираџиите му советувале дека ќе биде како претседателот Буш – (пред да ја чуе веста за 9/11). Бидејќи меѓу возрасните е познат како искусен Пинокио, сега се испробал пред децата. Сепак, поради општопознатата елоквенција, бреин дреин премиерот, читањето му го препуштил, за секој случај, на својот советник (оној што со милослив глас ја рекламираше полицијата).
На децата им било кажано дека до Владата стигнало писмото од еден претседател, кое им било прочитано. Како што јавува владината служба (цитирам): „Според сказната, претседателот на Република Фантазија, пишува дека е многу загрижен за неговата земја, која е пред сериозна закана да исчезне и замолува неговото писмо да им биде прочитано на децата. Тој верува дека само децата можат да ја спасат Фантазија од исчезнување бидејќи сè помалку деца не читаат книги, и поради тоа јунаците од земјата Фантазија како што се Петар Пан, Зоки Поки, Вини Пу и другите остануваат непрочитани, осамени, без сила – и тогаш кога се најслаби, доаѓа црниот змеј Ништо и ги проголтува“. (авторот на „Писмо од Фантазија“ не го разбравме, ама штом го спомнува Зоки Поки, гарант е „наше горе лист“). Логичката грешка е типична за овој коефициент на интелигенција на Владата: ако „сè помалку деца не читаат книги“, тоа значи дека се зголемил бројот на деца што читаат, логично нели. Но, не и во „Република Фантазија“, пардон – „Северџистан“.
Ви текнува зошто се одбрани деца од едно од ретките етнички мешани училишта, нели? За обична политичка пропаганда, бидејќи во „Република Стварност“ децата се сегрегирани и не само што не живеат во фантазија, туку една третина живее под нивото на сиромаштија. Јавуваат дека Заев им подарил пакетчиња со книги и ги замолил децата „да напишат расказ или песничка и да ја испратат до Владата, кои пак текстови ќе бидат објавени во една книга која ќе биде подарена до сите деца“ (повторно неписмено напишано и уште едно лажно ветување, се разбира). Оваа вест стигнува во ист ден кога од финансиски причини се затворени две читалници среде Скопје, чие одржување чини само 2.000 евра месечно, а се воведени заменик-директори на јавни претпријатија (по етнички клуч, се разбира), кои ќе нѐ чинат 2 милиони евра годишно! Ова е ликот на главниот град на државата фантастичен „Северџистан“: за минимални средства ги згаснува и оние мали оази на култура и негување љубов кон пишаниот збор, но Министерството за култура финансира промоција на навивачка група позната по дивеење и поттикнување етничка и верска нетрпеливост. Овие луѓе така ги сфаќаат културата и уметноста (а им се смеевме на претходните за кичот и стиропорот; овие направија правна држава од стиропор и ја запалија).
Кога сме кај книгите, читам книги од Грци, професори во ЕУ: „Лева критика против ЕУ“ и „Распадот на евроатлантизмот и порастот на новиот авторитаризам“. Ако на малите деца им прилега да им се раскажува за „Република Фантазија“, тогаш студентите заслужуваат текстови од „Република Стварност“. Аргументите, фактите и слободоумните (и еретички) размисли на докажани научници ќе ги дупнат шарените балони за бајката наречена НАТО и ЕУ. Можеби ќе ме стават на клада заедно со книгите, бидејќи ова треба да ги заболи повеќе од една пцост на ФБ. На нивната полициска закана и медиумска пропаганда мора да се одговори со создавање автентична културна хегемонија. Стварноста, и без моја помош, наскоро ќе им плукне в лице на овие лажговци, само да ја дочекаме пролетта – иако тоа ќе биде слаба утеха за свет, кој тоне во нова авторитарна ера.
Ветив вистинска бајка за крај, нели? Пред триесетина години, едно девојченце само научи да чита на 4 години – и оттогаш, не престана; читаше сѐ што ќе ѝ паднеше в рака; „голташе“ книги на разни јазици, на кирилица и на латиница. Татко ѝ, со потекло од село, беше најдобриот студент, кој навреме сфати дека нема коефициент на интелигенција 33 и оти тешко ќе ја мине селекцијата, а дека неправна држава не трпи брилијантни и морални правници. Успеа во големиот свет, па девојчето доби стипендија во една северна, ама и социјална држава. Таа туѓа држава (која, замислете, има вистинска кралица) ѝ даде стипендија дури и за да докторира. На овој Божиќ ќе се разбуди да го види својот остварен сон: универзитетска професорка во главниот град на северната држава, со своја лабораторија и средства за експерименти, а ќе вработи друго умно девојче или момче, кое самата ќе ги избере според квалитетите што ги има.
И не само тоа! На Божиќ се буди во сопствен дом, бидејќи младите двојки добиваат поволни кредити за да се задомат сами! Наместо да остане „Девојче со кибритчиња“, таа ја пее својата лебедова песна. Се надевам дека приказнава ќе допре и ќе инспирира многу млади. Не треба да ја спасувате „Република Фантазија“, која постои само во главите на некои неодговорни и матни типови. Таа е кула во (загаден) воздух. Сепак, сѐ е можно и зависи од вас, ако сте вредни и умни, и ако навреме заминете од земја водена од некој што има коефициент на интелигенција 33, помогнат од некоја што има коефициент на интелигенција 22! (Досеткава му ја должам на Борис, кому му ја честитам слободата, колку и да има горчлив вкус.)