Во општеството (како и во природата), каде што сѐ настанува со причина и последица и секое нешто неизбежно води кон друго нешто, чекањето се чини како најзалудна работа, како грешка, зашто само чекањето е нешто што води само кон себе, во чекање.
Една генерација чекаше да заврши транзицијата, друга да почне животот по неа. Една чека да заврши старото (полошото) и да почне новото (подоброто), а друга чека да заврши новото (полошото) и да се врати старото (подоброто). Чекањето станува штафета што една генерација ѝ го предава на друга. Заедно со недоразбирањето. И така, безмалку три децении се чека да дојде подобро организирана држава и полесен живот и влез во меѓународни организации за излез од националните проблеми, дилеми и апсурди.
Од година на година, од една чекалница во друга, од еден апсурд во друг и сѐ во круг на своевиден театар на апсурди, како оној на Бекет во претставата „Чекајќи го Годо“. Чекање, кое не само што не завршува туку се чини како допрва да почнува. И како во чекалницата на Бекет во која двајца скитници чекаат некаков Годо со ветување за подобар живот и вработување (кај Бекет сѐ оди во пар), и во нашата современа чекалница се чека влегување во пар организации за излез од сите проблеми, нешто што само по себе никако да дојде. Чекањето станало цел на себеси и единствено „дејство“. Неутешен глагол за изгубеното време. Поточно одложеното време за живеење. Споменик без спомени и слава. Време испразнето од живот, а исполнето само со чекање. И молчење.
Има многу начини да се молчи, а во изгубеното време се молчеше на сите начини. Кога најмалку требаше да се молчи. Се молчеше чекајќи и се чекаше молчејќи.
Рускиот поет Вјачеслав Купријанов, слично како Блаже Конески, гласнословот против лажната вера и лажните пророци, од чии усти и раце се правеле и се прават (а се чини и ќе се прават, дури се „прават луѓе“) најстрашните човечки гревови, ги пее сите видови молчења… „ние молчиме за да не го нарушиме молчењето, вие молчите затоа што други веќе кажале сѐ, тие молчат затоа што и немаат што да кажат…“
Но можеби постои време кога е подобро да се молчи, кога молчењето повеќе се слуша. Претстојниот референдум за сенароден амин на недостоинствениот договор од Нимици е можеби добро време за едно такво „молчење“. За молчењето како глас за одземање на силата на силниците и разоткривање на лажните светии и лажни ветувања. Како бојкот на лажните пророштва. Во сите минати и сегашни чекалници постоело и постои само ветувањето како рефлектор на сцената што ништо не осветлува, а заслепува, за да прикрие нешто што се случува зад рефлекторот. Ветувањето, кое како што забележува Јасна Котеска, се користи за да се одложи, а не да се приближи чеканиот настан, нешто што интуитивно се знае и „прифаќа“ како една голема шега, како театар.
И дури се чека влезницата за влез меѓу големите, за да пораснат (небаре туѓи деца, прекуноќ) показателите за поубав живот, историјата потсетува дека неретко помалите бидувале раситнувани и дополнително смалувани токму со „помошта“ на големите. Да се расне однатре, со сопствени сили, се чини потешко, како што се чини полесно да се чека, понекогаш необично лесно, иако неподносливо, како неподносливата леснотија на живеењето кај Кундера. И дури едно чекање води кон друго чекање, нешто сепак доаѓа на повидок. Шимпанзото Коко, нашиот далечен роднина.
По деветгодишна рехабилитација од депресија во Холандија, Коко се враќа во Македонија, во своето родно место, зоолошката градина. Го бев заборавил овој наш предок покрај сите оние големи чекања и како да бев се откажал од неговото враќање. Така е тоа овде, депресијата не е популарна болест, а депримираните се (погрешно) перципирани како послаби, како вејки на ветрот на кои не можеш да се потпреш во време на невреме, а ним им е потребна секоја потпора. Повеќе популарни се оние што од нив направија вејки на ветрот, а од земјата на некакви можности – земја на секакви невозможности и единствено место за потпирање во државата што се отуѓува од својата (и човечка) супстанција, се „затворските решетки“ на зачмаеност и очај. Депресијата е „нормална“ последица кога човечки лик живее во услови што не прилегаат на човечки. Можеби и Коко чекал да се најде од онаа страна на решетките, меѓу оние што пред повеќе од шест милиони години се разделиле еволутивно од него за да го носат гордиот човечки лик. Пред да му биде одземена таа слобода од „земачите“ како што ги квалификува антропологот во ликот на Ентони Хопкинс во филмот „Инстинкт“, лик што се отуѓил да живее меѓу горилите, поблиску до својата човеколика суштина, а понастрана од својот современик (земачот), оној што присвојува повеќе од нужното, а нужно од туѓото, во вид на земја, ресурси, труд и време…, изворот на човечките отуѓувања од природата, од другите и од самиот себе. Сѐ поочигледен случај на депресија, која се шири како епидемија во забревтаното потрошувачко општество. Општество проникнато со идеите за контрола и слобода, а сиромашно и со двете, во кое „земачите“ ја поседуваат единствено илузијата за таа сопственост.
Во светот на кафезите, горила роден во кафез (како и шимпанзото) е само сенка на горила, додека оној што живеел слободно, а паднал во заробеништво, опаѓа со духот и со време се откажува од „идејата“ за слобода. За него слободата станува сеќавање, нешто што престанало да се чека. Во една сцена, антропологот ја отвора вратата од кафезот, но горилата не се помрднува. Неговиот дух е скршен и неизлечиво депримиран. За нашето шимпанзо Коко, засега има надеж. Коко се враќа во друштво на три шимпанза, што е некаков лек за една отуѓеност, онаа во видот. „Ќелијата“ во која се враќа исто така е преуредена да личи на неговото природно живеалиште, кое тој никогаш не го видел, но интуитивно го носи, како наследено сеќавање. Дали таа сличност ќе биде доволна за Коко, времето ќе каже. За некои нешта мора да се почека.
Како чекањето на астронаутите од Аполо 11 да излезат од темната страна на Месечината, кои се вратија на Земјата на денешен ден, пред половина век. Чекањето на големиот чекор на одважност, прв по историскиот кога човеколикиот првпат го напушта „земниот рај“ и станува (како што забележува Дезмонд Морис во „Гол мајмун“) мајмун со одговорности. Кажано со современ речник, почнува да се грижи за фрижидерот и за машината за перење. И за многу други машини, во една огромна машинерија, која забревтана за гол профит, од човекот прави гол човек и неретко, гол мајмун. Самата со човечки лик, а со малку човечко во себе. Форма без суштина. Во таа машинерија повеќето се на некој начин Сречко (Лаки), подјаремиот и подреден лик од „Чекајќи го Годо“, а малкумина се Поцо (надредениот), однос како причина и последица за отуѓувањето на човек од човек.
И дури едно чекање води кон друго, некое од нив може да води и во депресија. Не нужно на толку далечен роднина, како Коко, туку и на многу поблизок. Но „да позборуваме за тоа зошто толку долго долго молчевме“, ги завршува своите молчења Купријанов. Пред човек да стане сенка од човек и опадне со духот, да се ослободи најпрво од илузиите. Како онаа за НАТО, за постариот „бато“ и за патот на Голготата, која секој мора сам да ја изоди. Како човек и како држава. Да се биде не само со лик на човек (човеколик), но и да се прилега на човек. Како во човечноста, така во државноста. И однадвор и однатре. Или тоа, или назад во чекалницата. Можеби утре ќе дојде Годо. А можеби не. Можеби пак ќе го испратиме Коко на лекување. Или некој од нас. И уште долго ќе ги чекаме неговото и своето враќање. Само времето не може да се врати.
За среќа, од секое правило има исклучоци. Има чекања за кои вреди и да се чека. Како средба со љубената на закажано место. Нека доцни колку сака, само нека дојде. Ако не денес, утре сигурно ќе дојде. На таа средба ќе се претплатам на вечно чекање. На онаа за НАТО ни миг. Немам толку време.