Што чекаат Зоран Заев и Али Ахмети? Оваа седмица по локалните избори, владејачката врхушка во Македонија и нејзиниот придружен оркестар се наоѓаат во една поинаква димензија на постоењето. Небаре, во онаа атмосфера на исчекување од прочуената поема на славниот грчки поет Константинос Кавафи „Чекајќи ги варварите“. И во нивната „Северна…“, како и во неименуваниот град-држава од стиховите на Кавафи, владее немир, но и торжествена атмосфера на надеж. Единствената разлика е што декадентниот град-држава од залезот на империјалната моќ на Римското Царство ги очекува варварите, кои треба да дадат какво-такво решение за политичкиот и општествениот внатрешен гниеж, додека, пак, во „Северна…“ ги чекаат нашите „западни пријатели“ за да ги спасат од злото, од чудовишната Македонија, која се заканува да се врати од тартарот каде што силите на обединетиот прогрес ја испратија пред три години.
Од каде оваа вознемиреност, овој страв, овој беспокој? Па, притоа и предизвикан од резултати на месни избори, за градоначалници и месни советници, домаќини на нашите улици и паркови? Најлошо е кога некој ќе се соживее со сопствените лаги и измислици, па ќе се подзаборави дека секоја фантазија завршува кога ќе се судри со суровата реалност.
Причините за вртоглавиот пад на Заев се истите оние причини на неговиот метеорски подем. Јас не кријам дека бев противник на Шарената револуција. Не бев никако противник на младите генерации што учествуваа во тие протести. Секој изблик на младешка енергија е позитивен, секој нов учесник во политиката е добредојден, затоа што најдобрите и најфункционалните општества се токму оние најполитизираните, каде што луѓето гласаат на избори, членуваат во граѓански здруженија и партии, гласно и жолчно дебатираат и секојдневно го следат печатот, сега веќе целосно дигитализиран. Само граѓани што се заинтересирани за својата заедница умеат да градат одржливи држави.
Меѓутоа, Шарената револуција беше украдена од СДСМ и од Зоран Заев. На крај памет ним не им беше никаква демократизација, а најмалку некаква борба за правда и за слобода. Сега веќе е јасно дека целата таа шашма беше само со една и единствена цел – промена на името на Македонија, по грчки диктат и со прифаќање на максималистичките грчки позиции. Немам намера тука да се расправам со меѓународните сили што одлучија да го спроведат тоа, да се вмешаат во меѓудржавен спор и цврсто да застанат на страната на Грција, притоа рушејќи ги темелите на македонската држава и на македонското општество. Со нив ќе имаме можност долго да се објаснуваме и ќе се објасниме. Но секако дека ќе се расправам со домашните спроведувачи на овие погубни политики.
Зоран Заев знаел што е целта на Шарената револуција, но одбра да не ја зборува вистината. Иако ја ветуваше „вистината“ за смртта на Никола Младенов, не го стори ни тоа, како и во случајот со родителите на децата настрадани кај Смилковско Езеро, како и за кумановските настани, лажно ветуваше дека нема да го менува Уставот и дека нема да го менува уставното име, потоа дека нема да коалицира со ДУИ, а како резултат на неговите изјави сè уште многумина фиљан луѓе се развлекуваат по судови, а затворите во Македонија, по првпат по Руфи Османи и Алајдин Демири, се полни со политички затвореници.
Неговата лична причина за влез во целата оваа срамна авантура беше доаѓање на власт и потоа одржување на власт, и покрај јасно искажаната демократска волја на македонскиот народ против промената на името. Неговата надеж беше и останува дека тој ќе биде вештачки одржуван на власт од меѓународните спонзори на „Северна…“ како единствен гарант за нејзино целосно спроведување и опстојување. А, кон сопствениот народ формулата беше да се задоволи со „леб и игри“, односно со вештачко пумпање на минималната плата и спектакл од нарачани судења.
Затоа јас бев против Шарената револуција. Лесно е читлив СДСМ, а уште полесно беше читлив Зоран Заев. За жал, младите родени во независна Македонија, огромен дел од нив родени и во новиот век, не го помнеа СДСМ и неговото владеење во 1990-тите и на почетокот на новиот век, не го помнеа оној презир кон сопственото население на забеганите властодршци, оној задушлив непотизам и сеприсутна корупција, а сето тоа завиткано во европско и прогресивно пакување. Сега го гледаат и мамурлакот е навистина тежок. На првото барем привидно демократско соочување на Заев со граѓаните тој изгуби буквално сè што можеше да се изгуби, и покрај обвинувањата од опозицијата за поткуп на сите ранливи слоеви на македонското население, потпомогната од сите институции на заробената македонска држава. Што ли ќе биде само по крајот на пандемијата, повторното воспоставување нормален и редовен живот, како и враќањето на непосредното секојдневно општење помеѓу граѓаните?
Елем, токму затоа се во исчекување нашиот автократ Заев, нашиот конзул Ахмети и сите нивни претори. Дотерани, уште од рано, чекаат да дојдат нашите „западни пријатели“ и да им ги зацврстат разронетите тронови. На овие локални избори, по првпат од „Северна…“ граѓаните имаа делумна слобода да си го искажат својот глас и веднаш се сруши грижливо градената слика за „Северна…“. Зоран Заев и Али Ахмети никогаш немале демократски мандат да владеат со Македонија, а уште помалку да влезат во авантурите со промена на името и со потпишување на Преспанскиот договор или со најавите за склучување анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија и влез во уште поголема национална катастрофа. Штом Македонија проговори, „Северна …“ испари. Од „завршена работа“, стана јасна реалност дека Македонците си ја бараат Македонија назад. Сè додека е „Северна …“, Македонија не е ни демократска, а уште помалку суверена и независна држава. Им остана последната сламка за спас, во форма на нашите „западни пријатели“.
На овие избори созреа и македонската опозиција. ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса и Алтернатива избраа одлични кандидати, преку кампањата ги фокусираа слабостите на сите досегашни градоначалници, разгоропаденоста на власта и немерливата корупција на локално и на национално ниво. Изненадувачки беше и тоа што опозицијата не влезе во ниту една од местенките на владејачката врхушка за предизвикување меѓуетнички раскол во Македонија, за дефокусирање од актуелните теми и за наметнување прашања чие место секако не е во кампања на локални избори, од тоа какви крвни зрнца треба да има следниот претседател, па до отворање преговори со ЕУ. Сето тоа беше пред првиот круг, а потоа СДСМ отиде во најгрозна антибугарска кампања, а ДУИ забега во одамна невиден етношовинизам. Сметката стигна во форма на уште поголем пораз за владејачките СДСМ и ДУИ. Победите на Стевчо Јакимовски во Карпош и на Максим Димитриевски само го дополнија мозаикот за време на изборната вечер и укажаа дека граѓаните го ценат и го наградуваат трудот, дури и на месно ниво, а ги казнуваат непристојностите и вулгарностите на забеганиот автократ (секоја бесрамна навреда на Заев кон Стевчо и кон Максо само ги воздигнуваше во очите на карпошани, кумановци и на сите граѓани на Македонија).
Се разбира, актуелната власт и Зоран Заев немаат намера да ја испуштат власта, ниту пак да се откажат од политиката. Борбата против нив не е добиена, но, како и секогаш досега во историјата, новиот демократски пробив во Македонија повторно ќе биде направен со победа против СДСМ. Борбата, пак, за Македонија ќе потрае многу подолго и ќе се води исклучиво преку правото и културата. Правдата ќе победи и Македонија ќе победи.
И, како што ја завршува својата безвремена поема Кавафи. „Зошто одеднаш би овој немир и збрка? (Лицата колку ли сериозни биднаа)! Зошто се празнат брзо патиштата и плоштадите и сите се враќаат в куќи мошне замислени? Оти падна ноќ, а нашите ,западни пријатели’ не дојдоа. И некои пристигнаа од границите, и рекоа дека нашите ,западни пријатели’ веќе не постојат. И сега што ќе бидеме без нашите ,западни пријатели’? Тие луѓе беа за нас некој вид решение“.
Кога ќе ги снема нашите „западни пријатели“, следува соочувањето со сопствените граѓани…