Жешка политичка есен во знакот на изборни медиумски препукувања, кампањи, анализи, митинзи, анкети, камери, топ-теми, но и време тамам за мало „бегство – активен нихилизам“ во некоја друга тема, како земање здив пред деновите на политички важни збиднувања, одлуки, решенија
Октомври, освен што е убав есенски месец, еве, веќе триесетина години е и месец на време за џез. Елегантен нов плакат на страниците на весниците и социјалните мрежи, интересна референтна анимација, каталог во медиумите. Вистинско време и убав повод да се здивне малку од дневнополитичките теми и фрустрации, да се освежи и разбранува нашата здодевна изборно пандемиска секојдневност.
„Хитлер ја забрани модерната апстрактна уметност“, објави пред некоја година „Њујорк тајмс“ по повод фасцинантното шоу „Третиот рајх и музиката“ во „Сајт де ла музик“ во Париз. Со ваквиот чин од неприкосновена позиција на владетел прогласува доминација на формите на класичната хармонска прогресија создадена и олицетворена во совршените форми на делата на Бах, Хендл, Бетовен, Брукнер, Вагнер. Отфрлајќи ја и сатанизирајќи ја атоналноста на Шенберг, музичката апстракција, џезот, свингот и преостанатите жешки бранувања што доаѓаа од преку океанот како дегенеративни и несоодветни за душата на „првиот музички надарен народ на земјата“, според зборовите на Јозеф Гебелс, интелектуалниот и пропагандниот спиритус мувенс на рајхот. Спротивно на нивните убедувања, му го доделуваат можеби првиот сериозен комплимент на џезот како уметност и го трасираат и верифицираат како постапка, методологија за ослободување на музичките форми од совршенството на хармонската прогресија во кои тие како особен музички израз се заробени. Признавајќи ја огромната моќ на музиката, која е во срцето на тогаш семоќниот и неговите поданици, се отвора можеби едно од клучните прашања за онтолошката структура на ликовната апстракција и џезот како уметност.
Историјата на џез-музиката, делот на т.н. интуитивна почетна фаза, кореспондира со појавата на ликовната апстракција на почетокот на минатиот век. Кандински во својот прочуен трактат „За духовното во уметноста“ го промовира методот на дефигурација, како основа за продор во суштината на објектите, предмет на ликовната сензација.
„Пред себе имам објект – дрво, но се обидувам да сликам не по диктат на она што го гледам“, навидум ексцентрично постулира Кандински. „Се ослободувам од лисјата, гранките, стеблото и продирам во суштината“. Резултат – „Првиот апстрактен акварел“ (1907) мигот, важен, достоинствен.
И ако ликовната апстракција се создава како резултат на дефигурацијата што во извесна смисла претставува методолошка одредница на овие и слични трендови, современиот џез ја детронизира хармонската прогресија и се насочува кон внатрешниот скриен интензитет на мелодиската експресија, при што се отвора широк, буквално непрегледен простор на музичката имагинација, интеракција и израз на современиот сензибилитет.
Освен како уметнички израз за џезот, денес може да се размислува и зборува како за глобален културен патерн, методологија, постапка што „заговара“ (не наложува) третирање на формата како глагол, при што како креативна последица музичката содржина се деконструира и се ослободува од „ропството“ на совршените форми на класичната хармонија.
Со тоа се отелотворува идејата дека формите на класичната хармонска прогресија не се доволно просторни и еластични за во нив да се вградат, изразат и сместат врутокот и ритамот на новите музички струења. Во контекстот на постмодерната теорија на идентитетот, неа ја карактеризира и продлабочува и модерната криза за релативната способност на традиционални музички форми да го восприемат новиот бран на глобален музички мултикултурен сензибилитет. Во потрага по излез од тоа „возвишено заточеништво“, музиката ја пронаоѓа својата нужност во Чарли Паркер, Сесил Тејлор, Орнет Колмен и другите од плејадата на бибап, фри-концептот, кул-џезот итн.
Џезот, т.н. интуитивна фаза (почетокот на 20 век) временски и методолошки кореспондира со појавата на ликовната апстракција, но е исто така предмет на отфрлање, дискриминација и пејоризација. Нив заедно ги карактеризира заедничка нишка. Дефигурацијата во ликовната уметност, хармонската деструкција во џезот и некако во исто време монтажниот простор во структурниот развиток на филмот, сите заедно укажуваат и водат кон една од клучните компоненти во модерната уметност – деконструкција. Но деконструкција толкувана и сфатена не како субверзија што ја распарчува и ја „дегенерира“ формата, туку како постапка, методологија што го поттикнува креативниот дух и го води низ лавиринтите на творечките процеси и современиот сензибилитет.
Влијанието на апстрактниот акварел на Кандински и следот деконструктивистички наплив во првата половина од минатиот век, како и низата интуитивни џез-референции од американскиот „Бекстејџ“, се ослободување на креативниот дух и потенцијал од „ропството“ и влез во новата ера во просторот на неограничени визии. Тоа на планот на тогашниот општествено-историски момент (кај Бугарите и безмалку кај целиот тоталитарен Исток) подразбирало загрозување на тоталитарниот дух, кој очигледно претендирал да има контрола на сите нивоа на животот и да воспостави ред и поредок и во суптилните креативни и умствени сфери на човековото внатрешно битие. Ведро и анегдотски прозвучува и формулацијата на бугарските цариници, кога при патувања во соседството на границата од багажот ни ги одземаа винилските џез-албуми, со образложение дека во Бугарија е забрането да се внесува т.н. развалена, џезова музика.
За тоа дека обидите на идеолозите на тоталитарниот дух не успеале можеме да се увериме на секој чекор. Музичката и ликовната апстракција, и покрај многубројните перипетии, денес, во ерата на апсолутна медијализација, се живи и се столб на модерниот сензибилитет.
Ако во своето настанување џезот се потпира на афроамериканските корени, со текот на времето прераснува во методологија што овозможува во неговата основа да ги вткаеме и сопствените омилени (па и македонски и балкански) рефрени и да ги варираме според сопствената волја, инспирација и дарба.
Најпрвин третиран како ентертејмент жанр, бргу е забележан од софистицираните интелектуално-естетски кругови, кои во овој вид музика ќе ја насетат силата на естетската сугестија, при што ќе ја подигнат на пиедесталот на модерна уметност што ќе го обележи минатото столетие.
Враќајќи се наназад во средината на минатиот век, ќе забележиме дека џезот, никнат од онаа страна на океанот, својата вистинска димензија и значење ги добива во Европа, благодарение пред сѐ на правилната детекција на рафинираната и подготвена европска публика, која уште во раните педесетти години на минатиот век го открива потенцијалот на џезот како универзален културен израз и го доживува и толкува како вреден уметнички жанр.
Музичарите уметници, по правило, ја чувствуваат и препознаваат вистинската публика, што предизвикува лавина од џез-миграции, турнеи, настапи кон старата добра Европа, при што на класичен фетишистички начин џезерите од локални прераснуваат во глобални мултикултурни митови – хиперлинкови, при што обединуваат милиони поклоници и обожаватели низ светот.
Така настанува долгогодишната заемна љубов и почит, која трае и која ги допира и нашите простори низ престижниот и квалитетен „Скопски џез-фестивал“, на кој во текот на изминатите три децении се појави сѐ што е денес вредно во светот на џезот. Ова културно збиднување е интересно и од аспектот на зрелост и рафинман на публиката, како задолжителен дел и инспирација за творечка комуникација и интеракција во светот на џезот. Големата група вљубеници, посетители што сите овие години упорно ги следат збиднувањата и концертите и уживаат во софистицираниот програмски концепт наречен „Скопски џез-фестивал“ се силна потврда за компетентна и подготвена и посветена публика како неопходен дел и поттик за уметниците и како важна претпоставка за смислата на овој културен хиперлинк и допир со светското џез-искуство.
Во рамките на долгогодишната заемна љубов и почит, која долго трае и која ги допира нашите простори низ престижниот, софистициран програмски концепт – „Скопски џез-фестивал“, на кој во текот на изминатите три децении се појави, сѐ што е денес вредно во светот на џезот. Еве, и овој октомври, и покрај многубројните перипетии во нашата мала слободољубива татковина, доаѓа мала одбрана џез-свита и повторно мириса на џез. Во тој дел од нашето битисување сме одамна во Европа и светот.
П.С. Овој текст му го посветувам на Милчо Левиев, бугарски џез-пијанист, композитор, диригент, за чија интересна судбина, соработка со Били Кобам, Дон Елис, Арт Пепр, Дејв Холанд…, во 2018 направивме интервју во Софија (веројатно последно), од кое дел e во документарниот филм „Џезмен – формата како глагол“. За жал, Левиев не дочека да го види филмот, почина малку пред проекциите во Софија и неговиот роден град Пловдив. Слава му.