(Основна лекција за ширење лажни вести)
Бурни, бурни времиња. Настаните се движат со филмска брзина, со неочекувани пресврти и интересни личности, одлични глумци, иновативни режисери. Македонија на повеќе линии живее трилер-период. Се нижат вистини и лаги, многу сцени и наслови земени од турските серии. Се води кампања против лажните вести. Текстот што ќе го читаат читателите е во таа смисла – тој е основна лекција за ширење лажни вести, заснована на дознаени информации и искуство за нивно толкување.
Ситуација број еден: Лажно, ама можно!
Од еден министер чие име засега е непознато, од обвинител што сака да остане анонимен, од крт во судот, од една високопозиционирана функционерка во партијата, од извори од УБК и Агенцијата за разузнавање, од полициската придружба на лицето, од слуховите што се шират за влијанието на американската амбасада, од медиумите што не се под капа на Владата, од еден разнесувач на судски покани, како и од извори од опозицијата, се дознава дека Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинет за неколку кривични дела, првин побегнал, а потоа се вратил во Северна Република Македонија.
Според овие извори, Мијалков, помогнат од пријатели во тајните служби, во саботата ноќта или неделата наутро лесно ја преминал македонско-српската граница кај Табановце, престојувал два дена во Белград, а оттаму со хеликоптер е вратен во Скопје. Бил депортиран затоа што не наишол на добар прием кај Србите, затоа што имало меѓународна потерница што не можела да се забошоти и како крајна опција – затоа што била дадена строга наредба од Американците (кои и каде не е познато) итно да се предаде во Македонија. Тоа му било соопштено и нему лично, ако не послуша не знае што го чека. Американците го подготвиле целото сценарио, тие ја обезбедиле логистиката, вклучувајќи го и хеликоптерот со кој е донесен итно. Истовремено, од американска страна, и на претседателот на Владата на Република Северна Македонија му бил даден 24-часовен ултиматум. Или ќе го врати или во ист таков рок ќе падне Владата, ќе му се стокми поинакво мнозинство во Собранието, што ќе значи Заев и СДСМ ќе се збогуваат со власта. За да биде сѐ појасно, јавно беше соопштено дека Интерпол ќе трага по Мијалков, а и Стејт департментот го следи случајот.
Истите информатори наведуваат дека откако е лоциран и се дадени ултиматумите, властите во Македонија преговарале со Мијалков преку неговите адвокати, а и со него лично, околу начините на предавањето, околу можните последици од тој чин, како и од поволностите што би му биле обезбедени во текот на судењата (не е само едно, туку се повеќе) и за условите под кои ќе ја издржува казната. Откако сѐ било договорено, хеликоптерот ги запалил моторите и ја фатил маршрутата за Скопје. И покрај црвениот аларм што беше даден за опасниот бегалец, и покрај големиот ангажман на полициските и телевизиските сили, никој не забележал, никој не регистрирал на која локација било атерирањето. Потоа лицето што требало да биде приведено, означено како непријател број 1 на државата, дошло само, како секој граѓанин повикан на суд и се пријавило да го подигне решението за куќен притвор. Со таа сцена и со неговото безбедно враќање во домот заврши првиот чин од драмолетот под наслов „Бегството на Сашо Мијалков“.
Ситуација број два: Не е лажно, но е можно!
Еден министер, една обвинителка, извор од судот, високопозиционирана функционерка од партијата, човек од Министерството за правда, задолжени од полицијата, висок чиновник од судот, упатени лица од УБК, Агенцијата за разузнавање, телохранители од придружбата, медиуми што се под капата на Владата тврдат дека Мијалков не побегнал, не ја напуштил територијата на Северна Република Македонија, не бил далеку ниту од Скопје. Тој факт јавно го соопшти и претседателот на Владата. Ако нему не му се верува, нема во СРМ кому да му се верува. Според нив, лицето Сашо Мијалков, барано за издржување мерка куќен притвор, не побегнало, не ја напуштило државата. Бараниот цело време се криел на локација непозната за полицијата (куќа, подрум, викендичка, шума, институција, партиска просторија), која допрва ќе се открива и разоткрива. Цело време бил во Скопје и се води опсежна истрага каде во Скопје, територија на која два дена се пребаруваа гепеци на автомобили, се проверуваа излези и влезови на градот. Иако бил во Скопје, била распишана првин централна, подоцна и меѓународна потерница, а бил информиран и Интерпол, за секој случај. Меѓународната потерница, наводно, е објавена поради грешка или неинформираност на службеникот задолжен за распишување меѓународни потерници.
Главниот извор за случајот посочи дека по 40 часа експресно заврши неговото криење, односно гонетото лице успешно се појави уредно да го прими инкриминираното решение. Тој немаше друг избор. Го направи она што беше неопходно – се пријави во Обвинителството за организиран криминал. За овој значаен успех придонес дале надлежните институции, обвинителството и судот, кои на заеднички состанок го подготвиле целиот план околу пронаоѓањето и предавањето. Институциите покажале капацитет. Иако не го нашле Мијалков, тие, сепак, го принудиле самиот да се пријави, откако постапиле против неговото семејство како негови помагачи во бегството, но и со закана за запленување на неговиот личен и фамилијарен имот. Институциите не го најдоа, но затоа нападнаа по неговите блиски, по имотот, по сѐ што има. Според истите извори, преку таквите постапки е најден е клучот немало во заднината никакви преговори, договори и ветувања кон гонетиот, сѐ течело по пропис и закон.
Ситуација број три: И неможното е можно,
лагата може да биде вистина, вистината лага
Обвинетиот и баран поранешен шеф на тајната полиција претходно третиран како дух, ненадејно се појави во физички облик, така како што го личи, и на цел загрижен народ пред телевизиските екрани им објасни дека бил во изолација поради здравствени проблеми. Нема кој не знае дека владее епидемија на ковид-19, три дена имал висока температура, не бил во можност да се јави да го земе решението. Не бил на доктор, не знаел што се случува надвор од неговата соба, бил изненаден од толкавата врева, не бил информиран за потрагата и потерницата. Им се извини на граѓаните, на премиерот, на Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани од инфекцијата што ја имал, за која не знаеле ниту членовите на неговото семејство. Додека пред телевизиската камера тврдеше дека не бегал, ниту пак планира да бега, премиерот изјавуваше дека го планирал токму тоа. Како доказ го наведе тоа што ниту обезбедувањето, ниту членови на семејството не знаеле каде е изминативе два дена.
За власта, појавувањето на Мијалков е резултат на координирана акција и обезбедување на правдата. Според сигурни владини и партиски извори, според изјави на министри и други високорангирани владини претставници, опстанокот на Владата во ниту еден момент не бил загрозен, таа не била подложена на странични закани и ултиматуми, иако на сите им биле познати можните комбинации за ново собраниско мнозинство. Меѓу премиерот, министрите и обвинителите имало жестока дебата, со јас ли тебе – ти ли мене, со мајка – шајка за префрлање меѓусебна вина, но немало повикување на лична поединечна одговорност или барање за оставки. Се покажале силата на единството, моќта на институциите и непорекливата способност на премиерот. За опозицијата, како што рече нејзиниот лидер, тоа бил „циркус со скапа влезница“, без да објасни што подразбира под тоа, изречена празна фраза, како во најголем број случаи од негова страна. Третиот вклучен, често споменуван фактор, американската амбасада, нема дополнителни изјави. Можеби нема учество во погоренаведената полуполитичка бајка, иако повеќе извори тврдат дека има, наведувајќи ја улогата на хеликоптерот со кој бил вратен Мијалков. Нејзината вмреженост во македонските работи, по заминувањето на агресивниот амбасадор Џејмс Бејли, сега се потпира на доктрината „тивка вода брег рони“, со понекој совет упатен до Владата и со ангажман на некој хеликоптер. Амбасадата не е Холивуд, ниту Македонија е Америка, но не исклучено да се појават нови возбудливи епизоди за овој крими-серијал.