Разликата меѓу професионалците и аматерите е едноставна: вторите не ги разбираат работите и обично прават грешки со трајни последици. Договорите со Бугарија и со Грција се таков пример. Носителите на овие два „проекта“ не уверуваа дека ги решиле проблемите со двата соседа, кои, нели, беа пречка за нашите интеграции. И, за да не се губи време на патот кон Европа, крајно непотребно го форсираа потпишувањето на договорот со Грција. Демек, уште лани во јуни да се добие датум за преговори за членство. За таа цел беа дадени незамисливи отстапки за кои ќе мора да се плати цената кога ќе дојде моментот. Тоа не беше обичен туку класичен аматеризам. Всушност, веднаш да нѐ примаа во Унијата, таква итаница и жртви не смееја во никој случај да се направат.
Една година помина и преговори нема, а ниту ќе ги има во блиска иднина. И кога ќе почнат – тоа ништо нема да значи. Тие лесно ќе траат и цели 15 години. Тоа е предолг период и за држава, не само за поединец. За толку години сѐ може да се промени, на добро и на лошо. Речиси е невозможно да се прогнозира што ќе биде актуелно и атрактивно по толку време. Унијата ќе преживее ама сигурно ќе биде многу поинаква од денес. Дали и тогаш ќе биде интересна за нас, не може со сигурност да се тврди. Засега, Македонија треба да ги вложува сите сили за да стане членка. Тоа е наш поширок интерес ама мора да се следат реалните состојби, кои се менуваат. Цената што сега ја плативме е превисока и понижувачка и воопшто не е соодветна на тоа што (ќе) го добиваме.
Времето веќе покажа дека со двата капитулантски договори не се решија вековните проблеми со овие две земји; дека Македонија не направи историски исчекори; дека не ни се отвораат европските перспективи, додека атлантските беа нагласен интерес на САД и затоа напредуваат; дека двата соседа воопшто не станаа наши пријатели и поддржувачи… Веќе може да се констатира дека немаше ни грам вистина во најавите на креаторите на овие наши погубни надворешнополитички потези.
И додека ние мируваме и не брануваме за да не ги вознемириме нашите нови „пријатели“, тие преку ултиматуми, уцени или пораки нѐ навредуваат и омаловажуваат. Се однесуваат исто како и последните 100 до 150 години ама многу поагресивно. За нив ништо суштинско не е променето, освен нашата согласност дека ние сме виновни за нивните историски синдроми дека не постоиме како народ, јазик, историја… Со договорите добија шанса да нѐ докусурат и би било несфатливо да не ја искористат.
Да почнеме со Бугарија. Во јануари 2017 г., пред да му заврши мандатот, претседателот Росен Плевнелиев јасно прецизира: „Македонија треба да влезе во ЕУ, ама не и македонизмот, кој е една идеологија што не е само антибугарска туку и антидемократска!“ Значи, без Македонци. Неговиот наследник, Румен Радев, во јули 2019, побара Софија „да постави црвени линии за Скопје“. Да даде поддршка за ЕУ „но не безусловна и не безрезервна“. Од МНР Захариева во јуни 2019 г. ни порача дека „датум за преговори не значи и членство за Македонија во ЕУ“. Во Скопје, на 1 август 2019 г., премиерот Бојко Борисов постави ултиматум и уцена – до октомври МОРА да се најде решение и да се согласиме дека „Гоце Делчев е Бугарин што се борел за Македонија“. Тој „никако не сака да ја блокира Македонија во октомври на патот кон ЕУ“ ама „има свој лимит и нема да допушти да го обвинат дека ја предал бугарската историја“. Зошто нашите ја предаваат сопствената не е негов проблем.
Интересно е што речиси истата формулација („Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава“) ја употреби и претседателот Пендаровски уште на крајот од јуни што значи дека е таа веќе договорена работа меѓу двете страни. Нашиот дел од комисијата ќе нема избор освен да ја прифати. Ако не потклекнат, ќе заслужат најголемо признание. Тоа беше историско истрчување и непростлива грешка на Пендаровски. Прифати дека Македонци не постојат пред 1945 година. А морал да нагласи дека Делчев немал никаква објективна можност, ниту опција да се декларира како Македонец. За разлика од нас, Софија знае што сака и како да го постигне тоа. Аматери и…
Зошто Бугарија толку инсистираат дека Делчев е Бугарин? Факт е дека тој ништо нема направено за Бугарија, а еве и Софија признава дека се борел за Македонија. Зошто тогаш го слават? Така е бидејќи тој е симболот на бугарското присвојување на Македонците. Целта е да се докаже дека Делчев, како Бугарин, можел да се бори само за бугарска Македонија. Тоа ја демаскира ама и детерминира нивната бескомпромисност околу неговата националност. Мора да ни биде јасно дека тие никогаш, по никоја цена, нема да прифатат дека не бил Бугарин. Во спротивно, тој би можел да биде само Македонец, а такви за нив ниту имало, ниту има! А така е бидејќи ова е само почеток. Слични ултиматуми и уцени од Софија ќе следуваат и за Даме Груев, браќата Миладиновци… и за цела плејада други македонски дејци, кои некогаш живееле во Бугарија.
Изјавите на Каракачанов, на бугарските европратеници (Ковачев…), на новинарот Огњанов (кој во интервју со заменик-министер во МНР на телевизија отворено кажува дека претпочита „Македонија да ја нарекува ’Југозападна Бугарија’“, и никому ништо)… нема потреба да се коментираат. Во Софија, крајно националистички се следи и се коментира и работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања додека кај нас главно имаме молк. Во секој случај е добро што нашите го одбија забрзувањето на преговорите.
Односите со Бугарија никогаш не биле полоши. Тие и понатаму ќе се влошуваат сѐ додека ние изигруваме поразен агресор, кој нема право на збор и одбрана. Одамна се знаеше дека Софија ќе ни биде главна пречка на патот кон Брисел. Нашите односи со Бугарија се покомплексни од тие со Грција. Грешки повеќе не смееме да правиме бидејќи тие се од историски карактер. Катастрофалните последици од капитулантскиот договор мора да се минимизираат по секоја цена. Првиот испит е Гоце Делчев. Добро е што Софија бргу ги откри картите да не се лажеме дека проблемите се решени.
Слично се развива и ситуацијата во Грција. Таму се промени власта и новите модалитети се неизбежни. Клучно е да се знае дека премиерот Мицотакис и неговите се пресреќни што договорот е потпишан и тој товар им е симнат. Свесни се исто така дека тој е максимален за Грција и дека ништо повеќе не можеле ни да сонуваат. Имплицитно, тоа го потврди новиот министер за одбрана, Панајотопулос, кој рече дека „договорот не е нешто што може да се измени или поништи“. Нормално е, меѓутоа, што партијата капитализира на договорот кај гласачите, користејќи ги масовните историски синдроми во земјата околу Македонија и Македонците. Новата власт е во речиси идеална позиција – го критикува договорот, а му се радува, а ќе има безброј шанси и да поентира, демек, за да го подобри. Ќе бидат најголеми патриоти.
Во парламентот, при гласањето за доверба на новата влада, Мицотакис потврди дека „приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на договорот од Преспа“, што значи дека е тоа трајна политика. Нагласи дека „главна точка ќе биде развојната програма за Северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија“. Повторил дека „од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон ЕУ“. Повеќе е од јасно дека на патот кон Брисел ќе нѐ кочат на секој чекор. И според „Катимерини“, за нас и Албанија „Атина е клучот за проширувањето на ЕУ“, за што ќе очекуваат „одредени отстапки за возврат“. За нас, тие главно ќе бидат од суштинска важност.
За работата на комисијата за историски и образовни теми информации добиваме исто така главно од Атина. Претседателот на грчкиот дел изјавил: „По дводневна битка, во Скопје беше прифатено дека Словените немаат никаква врска со Античките Македонци и дека древната македонска историја и култура биле дел од античката грчка цивилизација…“. Двапати да прочиташ и да не веруваш. Кој ѝ дал мандат на комисијата да донесува вакви заклучоци и врз каква документација? За толку значајни прашања едногласност не е можна и на меѓународен симпозиум на врвни историчари. Нашите си молчат. Ништо ново ниту необично.
Можеме да бидеме сигурни дека Атина и Софија едвај чекаат да ги започнеме преговорите за ЕУ за да можат да ни поставуваат дополнителни услови преку ултиматуми и уцени. Ние постојано ќе бидеме во небрано, а тие на дневна основа ќе книжат поени. Тајно или премолчено, беспрекорно ќе координираат меѓу себе бидејќи целосно им се поклопуваат интересите да нѐ збришат како македонски народ.