Годините летаат, Македонците сѐ повеќе се бришат како народ, македонизмот јавно се осудува… И никој во државава не се занимава со тој феномен! Во таа празнина, ова е мал обид да се фрли дополнително светло врз нашите голготи. На пример, историски факт е дека признавањето на Македонија практично го спречи – Германија. Прво, во ЕУ (тогаш сѐ уште ЕЗ) имаше консензус да нема индивидуално признавање на југословенските републики; второ, Брисел формира комисија (т.н. Бадентерова) за да предложи кои од нив ги исполнуваат критериумите; трето, заедничкото признавање беше договорено за 15 јануари 1992 г., на министерски состанок на ЕУ, кога би бил презентиран и предлогот на комисијата. Меѓутоа, на 23 декември 1991 г., самоиницијативно, Берлин ги призна Словенија и Хрватска. Германија го минира предлогот на Бадентеровата комисија и го направи бесмислен, откако дозна дека таа ги предлага само Македонија и Словенија за признавање. Со тоа беа прекршени сите претходни договори. Уште повеќе, под отворен германски притисок, и ЕУ ги призна овие две земји на 15 јануари 1992 г. Канцеларот Хелмут Кол изјави дека е тоа голема победа на надворешната политика на штотуку обединета Германија.
Тие ја манифестираа својата нова сила, а жртва беше – Македонија. Поточно, тоа беше смртоносен удар за иднината на нашата земја. Факт е дека Франција ја предупредуваше Германија да не оди со предвремено признавање, а угледниот „Ле монд“ овој чин го спореди со фашистичкото создавање на НДХ. Во 2011 г., во интервју за „Дојче веле“ – а зошто не ја признавте и Македонија, МНР Геншер, кој го спроведе планот, скудоумно одговорил: никој не ја спомна! Каков цинизам и безобразлук. Не е спорно дека Грција влечеше конци зад сцената ама останува фактот дека Германија ја одигра главната улога против Македонија. Колку што е познато, никој македонски политичар досега не ги „потсетил“ Германците за оваа неправда, која е рамна на злочин кон Македонија. Се однесуваме како ништо да не се случило, а штетата е огромна. Таков е и германскиот долг кон нас. Горното е важно бидејќи покажува дека уште во 1991 година Германија имала јасно формулирана негаторска политика кон Македонците. Тоа не го нотиравме ниту тогаш, ниту некој подоцна следеше дека истиот однос продолжува. Ние сме мајстори во игнорирањето на фактите и Германија цело време се третира како важен партнер дури и стратегиски. Има повеќе потврди дека тоа нема никаква врска со реалноста. ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Меркел, на пример, се сестрински партии. Таа е веќе петнаесетина години канцелар (премиер), и за време на владеењето на Груевски, од над 10 години, не најде за сходно и потребно да ја посети земјава. Дојде за да ги поддржи прекрстувањето на Македонија и бришењето на македонскиот народ. Таа беше доследна на германската политика, која кај нас, очигледно, не се разбира.
Фактите се многубројни. Според пишувањето на медиумите (од 19.5.2017), германската амбасадорка, Улрике Кноц, уште во 2009 година ни ја најавила иднината – „Во 2020 ќе бидете членка на ЕУ. Ќе имате ново име – Северна Македонија. Владата ќе биде составена од партија со име Нова македонска партија, во која членови се Албанци и Македонци. Албанското население ќе го зборува македонскиот јазик што е случај и денеска, а Македонците ќе го зборуваат албанскиот јазик што ќе го учат уште од детска градинка. Мислам дека е ова убава визија за земјата… Може да се направи и пред 2020 г., ако се работи на политички план“!
Амбасадорката била повикана на „пеглање“ во МНР, а била и во Берлин на консултации.
Кноц, која беше амбасадорка од 2008 до 2011 г., својата „визија“ ја прикажала како резултат на симулација на студенти од Македонија, Германија и од Франција. Во медиумите немаше никаква потврда за такво нешто, а и тоа да се случило, не е работа на амбасадорката да ни го соопштува. Барем денес, секому треба да му биде јасно дека тоа не била ниту студентска игра, ниту визија на Кноц туку доста прецизна германска политика за нашата земја. Нивните планови, меѓутоа, се реализираа со задоцнување бидејќи не успеаја порано да го убедат или клоцнат Груевски, кој категорично беше против прекрстувањето и бришењето на Македонците како народ. Затоа не доаѓаше и Меркел.
Самото повикување на Кноц на „консултации“ во Берлин, пак, значи дека таа, едноставно, се истрчала и непотребно во јавноста ги изнела германските концепции за Македонија.
Медиумите потсетија на оваа дипломатска свинштина во 2017 г., во контекст на јавните обвинувања на претседателот Ѓорѓе Иванов дека тогашната амбасадорка на Берлин, Кристине Алтхаузер, „ширела лажни вести“ за состојбите во Македонија. Всушност, таа не „ширела лажни вести“ туку работите ги анализирала од аспект на германските интереси, кои се сведувале на затворање на вековното „македонско прашање“, што значи бришење на Македонците.
Ако Кноц ни ги подоткри германските сценарија за Македонија, Билјана Ванковска, во својата колумна во „Нова Македонија“ (од 1.8.2020), ни дава нови драгоцени информации. Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер (2011 – 2014), во личен разговор, ѝ рекла дека „идентитетот е грда работа“. Се разбира дека мислела на македонскиот, а не на германскиот, албанскиот или на некој трет. Потоа, „продолжила во духот на тезата дека Тито нѐ измислил и дека сме вештачка нација“, пишува Ванковска, која била згрозена и соодветно реагирала ама заклучува дека од неа се очекувало да биде анационална проевропска интелектуалка, а таа тоа ниту била, ниту станала. Клучно за нас е што и Штајнакер во никој случај не изнела свое мислење ниту оцена. И таа кажала што мисли Берлин за Македонците. Сепак, најстрашно е што не мисли така само Германија. И бегол поглед на сѐ што ни се случува по распадот на Југославија, потврдува дека спомнатите ставови, визии и планови за Македонија и Македонците ги делат и сите други главни европски фактори – Франција, Велика Британија, Италија…
Впрочем, познато е дека тие ги координираат своите политики во случаи како нашиот. Дека САД се менаџери на овие политики, не треба да има дилеми. Во колумна во „Нова Македонија“ (од 28.7.2020), и Венко Андоновски пишува како генералниот директор за проширување во ЕУ, Кристијан Даниелсон, „пердашел“ група македонски интелектуалци поради – „нивното македонољубие, кое нему му личело на национализам“. „Мизерија“, заклучува Андоновски – „човек на толку висока европска позиција, а не разликува патриотизам од национализам и шовинизам“. Сите тие изрази му се сосема јасни на Кристијан ама проблемот е што во Брисел универзалните права не важат и за Македонците. Другите во регионот можат да бидат и националисти и шовинисти ама под услов тоа да се вклопува во интересите на ЕУ (и на САД!). Екстремниот национализам на Албанците, на пример, кои зборуваат за нивни територии во Црна Гора, Србија, Македонија… не им пречи. Нив не ги измислил Тито!
Овој настан открива две просто неверојатни работи. Прво, дека Брисел оди и „на терен“ за да ги „учи“ нашите интелектуалци – да не бидат патриоти. Очигледно е во прашање прецизен систем, кој секако располага и со буџет. Можеме само да претпоставиме колку „наши“ новинари и јавни личности полнат џебови од истиот тој, со јасни пропагандни задачи. Да пердашат патриоти, што би рекол Андоновски. И случајот со Ванковска ја потврдува таа практика. И површна анализа на одредени медиуми, кои лесно етикетираат „македонски националисти“, кои се најчесто од опозицијата, ги открива платениците. Вториот заклучок е дека ЕУ има прецизно дефинирана политика, сите Македонци што се патриоти да се прогласуваат за националисти. Таа се реализира на најбезобразен начин, што е врвот на двојните стандарди на Брисел.
Поаѓајќи од горните факти, апсолутно се погрешни и сегашните очекувања дека за време на претседавањето на Меркел со Европскиот совет на ЕУ се можни позитивни помаци за Македонија. Напротив. Македонците се измислена нација за Германија, а Берлин ќе ја поддржи новата наша влада бидејќи е подготвена за нови отстапки за јазикот, историјата…
„Амбасадорите“ на главните западни држави кај нас добиваат третман на филмски ѕвезди и постојано се присутни во јавноста при што најчесто ни држат лекции. „Заслугата“ за тоа ја имаат и нашите новинари. Малку кој знае дека најголем дел од нив, пред да дојдат во Скопје, го немаат тој статус. Имаат понизок ранг и, обично при крајот од дипломатската кариера, се „унапредуваат“ во амбасадори во (неважни) земји како Македонија. Слично е и кај другите на Балканот, што е сериозен хендикеп за регионот. За нас нагласено, поради реалните дипломатски проблеми со кои се соочуваме.
Од друга страна, во годините што брзо заминаа, Македонија не успеа да изгради силна дипломатија. МНР стана конгломерат од роднини, пријатели и партиски војници. Со мали исклучоци и сите министри за надворешни работи беа недораснати за функцијата, а замениците беа тотални утки. Тоа може да се смета дури и како планска субверзија бидејќи клучниот проблем на државата беше од дипломатски карактер. Изразот е соодветен бидејќи странците секогаш се мешаат во формирањето на нашите влади, а тие се најчесто заинтересирани токму кој ќе биде МНР. Целта, нели, ги оправдува средствата.
Клучен за нас е фактот дека, од независноста до денес, речиси никој од нашите највисоки политичари не го сфати докрај значењето на проблемот за името, што точно се криеше зад тоа, и можните последици. Мнозина сметаа(т) дека се работи за грчки историски синдроми, а не за регионални интереси на САД, силно поддржани од ЕУ… Германија, Франција… Секогаш имаше доволно докази што е што, ама… Германија е добар пример. Наместо ангажман за решение, сите политичари бегаа од проблемот, свесни дека ако се вклучат може само да изгубат. Тоа отвораше широк простор странците да прават што сакаат и, чекор по чекор, да го затвораат „македонското прашање“, со бришење на македонизмот. Начинот на кој го третиравме овој проблем е тежок историски срам за овие наши генерации. Затоа сме на ова дереџе.