„Украдена убавина“ е еден од моите топ сто филма. Гледајќи сега од дистанца, тоа е најскромниот филм на големиот мајстор на вечните враќања Бернардо Бертолучи што го снимил во родната Италија. Филмот има едноставна фабула: по многу години, млада и убава Американка што ја игра мистичната Лив Тајлер пред која е светла иднина, доаѓа во Фиренца за да го преоткрие темното минато од блескавото детство, во кое се наоѓа нејзиниот татко што не го познава. Ме врати филмот во детството. Што му е и намерата, претпоставувате. И јас како и Лив од филмот на Бертолучи најраното детство го поминав во блескави и незаборавни талкања на истото место во кое се родил и многу години во Струмица живеел последниот македонски пророк Евангелија Сурчева. Веќе сум доволно возрасен за да разберам дека не треба да се биде пророк за да се знае што ќе се случи кога се во прашање политиката, партијата на власт и нејзиниот прв човек? Нема зошто да стравувате дека може да се случи нешто друго од тоа што единствено е можно да се случи, а тоа е продолжување со практиката на распродавање на државните и националните вредности на земјата некогаш викана Македонија. Што ќе се случи на самитот што ќе се одржи во Софија на почетокот од овој месец, за десетина дена? Ќе се случи прифаќање на сите бугарски барања за одрекување од македонскиот национален и јазичен идентитет, јавно, на б’лгаро-струмички говор (тој мисли дека знае бугарски, како што мисли дека знае англиски!) недоветно смеење со покажување заби и ставање рака на градите во знак на искреност и чесност, братска љубов и скрб и утеха.
Тешко ли е ова да се предвиди? Се разбира дека не. Сево ова ќе се случи откако премиерот ќе изјави дека Гоце Делчев и преостанатите предвидени за таа лакрдија историски личности се Бугари, дека македонскиот јазик е на бугарски темели и дека македонската нација произлегува од бугарската. И тоа е сѐ! Не ги разбирам оптимистите во ова безнадежна драма. Не знам на што се надеваат? А знам и умни луѓе што се крстат во сестрата на Вера и Љубов? Ве молам, не надевајте се, Надежд(т)а убива. Бидете разумни. Што друго му преостанува на тој човек? Секој чекор назад за него е чекор кон амбисот. И Зоран Заев може да го разбере тоа, верувајте ми. Дури и човек што не се срами од сопствените лаги, за што не мора да сте го прочитале Фројд Зигмунд за да разберете дека тоа е патолошка болест на оштетена личност, е во состојба да рационализира дека само продолжувањето да се движи напред може да го доведе до излез. Каде било. До каков било излез. Патолошките случаи секогаш се убедени дека одбивањето да се прифати болеста може да доведе до излекување. Во најмала рака до бегство од болеста. Дури и Зоран Заев може да го разбере ова, верувајте му. Тој самит, тоа некогаш познато како „свиждане“, ќе биде еден од оние денови што нема да сакате да биде вистинит. Ќе си ги криете главите во пазувите, посрамени и без вина виновни. Ќе ви биде непријатно што го гледате тоа на телевизија. Ако можете да го изгледате докрај, воопшто, убиени од туѓ срам, како што во вакви ситуации луцидно апсолвираат нам северните, северни ни соседи Срби. Може ли да ѝ се застане на патот на оваа патолошка омраза кон сопствениот народ и земја? Искрено? Не. Невозможно е да се запре ова чудовиште. Веќе е доцна.
Сите тоталитаризми, дури и пародичните како што е нашиот, се невозможни да се спречат од моментот кога еднаш ќе бидат јавно поддржани и легитимирани како избор на мнозинството. Шест години пред почетокот на Втората светска војна, Хитлер и нацизмот биле осудувани и напаѓани од многу влијателни поединци и групи низ целиот свет. Таа катаклизма во најава, освен што била масовно поддржувана, била и масовно критикувана и било повикувано на општа, братска борба против неа од уметници со светски глас. Меѓу нив, без да се двоуми ниту една секунда дека тоа може да ги загрози него, неговата кариера и кариерата на неговите соработници, бил и Чарлс Спенсер Чаплин, познат како Чарли или Шарло. Немало човек на планетата Земја што не го знаел тоа човече облечено во туѓ фрак, со криви нозе и големи искинати чевли, феток цилиндар и дрвено бастунче во раката што ги засмејувала и расплакувала милионите жедни за надеж и среќа. Е тој архетип, првпат го свлекол костимот на човекот и се облекол во униформата на ѕверот. Застанал на прагот од почнувањето на Втората светска војна и го снимил филмот „Големиот диктатор“, во кој ги исмејува Хитлер, Мусолини и сите диктатори на овој свет. И повикал на разум, љубов и братство. И? Што? Ништо. Не ја застанал војната. Една недела пред почетокот на војната во Хрватска, највлијателните рок-бендови во тогашна Југославија што во име на љубовта и братството пред тоа собираа милиони млади од Вардар до Триглав, по примерот на други такви идеи, се качија на камион и свиреа по улиците на Белград повикувајќи на мир! И? Што? Војната се прошири во Босна, а од таму полека, полека се симнуваше надолу сѐ до 2001 година кога пристигна и во Македонија! Зошто е тоа така, драги мои? Па ова го знае дури и Зоран Заев, верувајте ми.
Затоа што примитивизмот скриен зад флоскулите дека сето тоа што се прави е за повисоки цели и подобро утре на нашите деца, што била основната флоскула и на фашизмот, нацизмот и болшевизмот впрочем, не може да се сопре со ништо и на никаков начин. Тоа е стихија што носи сѐ пред себе. Нема тука запирање. Нема брана што може да застане на нејзиниот пат. Оваа стихија ќе заврши откако ќе однесе сѐ пред себе. Оваа стихија е надојдена река на омразата и лична одмазда кон сопствениот народ и држава, која во нејзината сила што извира од хадот ќе ги однесе сите мостови, брани, огради, патишта и села и градови што ќе ѝ се најдат на патот. Сѐ што било правено со генерации преку таа река, околу таа река, до таа река и со таа река ќе биде разрушено и поплавено. Дури и земјата ќе биде удавена и ојаловена за многу години. Сѐ што ќе се најде на друмот на стихијата ќе биде обезживотено и поразено. Така си е тоа, драги мои, нема друго. Никогаш и не постоело. Ова зло откако ќе уништи сѐ наоколу, на крајот како и секоја друга демонска суштина ќе почне да јаде од самото себе и ќе се уништи и струполи внатре во сопствената утроба каде што нема да има ништо друго, освен руини, крф, гној, измет и урина. Таа ѓаволска мрша ќе смрди многу години и нејзиното распаѓање со децении ќе ги одвраќа сите што ќе ѝ се приближат. Ќе биде тоа долго, долго распаѓање. Што да се прави? Има ли излез? Има. Него го знае дури и Зоран Заев, верувајте му. Треба само да се оди напред! Напред кон НАТО. Откако ќе се стигне таму, да одиме напред кон Европа. Откако и тоа ќе биде остварено повторно ќе се оди напред кон… напред! Нема назад. Нема цимолење и себепреиспитување. Гледате ли вие некој функционер, политичар, поддржувач, апологет што барем една секунда покажал двоумење во единствениот пат – напред! Само напред другари, иднината е пред нас.
Само уште малку, уште чекор или два, не повеќе од три и среќата ќе ги отвори своите порти низ кои ќе поминете и преминете од мракот во светлината. Па ова го знае дури и Зоран Заев, следете го. Со очи широко затворени. Како во филмот на Стенли Кјубрик. Се сеќавате ли? Додека водачот пенетрира во младата девојка вие треба само да гледате во него и неговото и ваше заедничко напред во утробата на туѓото тело. Сте помислиле ли дека утре на одарот на злосторството ќе лежат и вашите ќерки и сестри на кои водачот ќе се насладува за ваше задоволство? Не? М? Ама оставете, сѐ што сега ви треба не вам, туку на вашите деца се наоѓа напред, само напред и единствено во гледањето напред. Не свртувајте се назад. Таму нема ништо заслужено да биде видено и споменато. Таму се вашите грди села, парталави баби и дедовци, сиромашни родители од кои се срамите, неостварени љубови, недоправени кариери, украдени фабрики и народни имоти, промашени бракови, необразовани и дрски деца, измамени сопрузи и изгубени илузии од кои треба да се ослободите, да ги запалите, изгорите и вивнете во заборавот на минатото од кое на крајот ќе се откажете и ќе го одречете дека е ваше, како последна можност некој да ве препознае во таа катастрофа на тоа само ваше темно минато. Мора да ве разочарам, некои од вас мислат дека ќе се скријат зад плаштовите и маските што им ги кријат телата и лицата. Така е тоа на филм. Ама не и во живиот живот. Си има природата свој скенер што гледа и зад црните пелерини и скриените лица. Животот не може да го измамите. Ве има препознаено, сликано и конзервирано. И вас и вашето минато. Ќе се знае кои сте и што сте и од каде сте црпнати. Ама не бидете наивни: може да побегнете од иднината, треба само да не одите кон неа. Но од минатото нема каде да се бега. Тоа дури и Зоран Заев го знае, прашајте го. Ама се плашите ли? Прашајте го водачот.
Колку повеќе одите напред кон иднината толку повеќе оставате минато назад зад вас. Одењето кон иднината остава траги во минатото. Како само наивно трупате форензички материјал на животот што утре ќе биде доказ за вашето злосторство?! Ова е најнемуштото убиство што некој се обидел да го направи врз еден народ. Никој толку јавно и пред толку сведоци не посегнал по туѓи животи. Навистина, присуствуваме на првиот јавен геноцид во кој сѐ е јасно. Кој е нарачател, а кој извршител. Сѐ е тука. Соучесниците, оружјето и телото. Во живо, и бесплатно. Не знам само како никој не ви кажал дека тоа што го нарекувате одење напред е илузија, мираж, фатаморгана, привид и измислица. Зарем вие навистина мислите дека од денот кога Македонија стана членка на НАТО, Џепчиште е веќе општина во Торонто Канада, а Капиштец елитна населба во близината на Карлови Вари, Чешка? Ама, навистина ли ви кажуваат, а вие им верувате дека одењето напред во иднината ќе ја однесе Битола право во Германија, а Гостивар малку погоре во Малме, Шведска? Никаде нема да отидете, да не ве разочарувам. На денот кога ова зло ќе престане да ни нанесува болка и кога ќе треба да се соочите со сопствените заблуди и слепило што повредило стотици илјади околу вас, сетете се дека нема како да кажете: „Не знаевме, бевме заблудени, нѐ лажеа, немавме избор, тоа ни беше работа, имавме семејства и деца, немавме избор, бевме уплашени!“ Во филмот „Украдена убавина“ дузина мажи на извесна возраст претендираат на татковството врз младата девојка. Сите сакаат таа да биде нивна. На работ на инцестот. И сите се подготвени за неа да направат сѐ.
Единствено што треба таа да направи за нив е да го прифати нивното минато за своја иднина. Погледнете го филмот. Прекрасен е. Зборува за едни луѓе алчни, самовљубени конформисти, крадци на туѓата убавина. Но вие, драги мои, крадци на нашата убавина, на денот кога ќе одговарате пред она малку совест што ќе остане кај некои од вас, соочени со фактот дека не сте стигнале до иднината туку сте се вратиле назад, ама назад кон минатото, сете се дека вашето утре ќе биде нашето вчера, нашето минато во кое ние не се срамевме од нашите китни села, скромни баби и дедовци, пристојни родители, остарени идеали, пријатни бивши пријатели и незаборавни неостварени љубови, сакани сопрузи и бурни и самосвесни бракови, безвредни победи и чесни порази, падни-стани кариери, љубени обични деца и остри и длабоки рани на телото и душата што болат убаво и жежат возбудливо. Е тоа, тогаш ваше грдо сега, на денот кога ќе ви се суди за изгубената иднина ќе биде нашето убаво украдено минато. А за украдена убавина, се суди строго.
Авторот е режисер и универзитетски професор