Отпорот кон промените не е нова општествена болка. Подигнувањето на тој ѕид речиси редовно се покажува посилно од реформаторите. Во тие случаи се засилуваат кампањите засновани на невистини, на интриги, на ширење лажни вести, фабрикување измислици, професионални и морални дисквалификации, проработуваат сите политички и подземни кујни за да го запрат почнатиот процес. Во такви околности човек (шеф) тешко може да се реши да ја смени секретарката, да го смени возачот, а камоли да направи сериозен прескок на некој близок соработник, заслужен човек, лојален сопартиец, професионален и чесен службеник. И да живее во страв од грешки и од неосновано уништени нечии кариери и судбини
На почетокот на текстот ќе се послужам со еден личен пример, кој говори за улогата на малите нешта во големите планови. Говори и за значењето и влијанието на еден периферен шраф во функционирањето на големиот мотор или на централниот кадровско-организациски систем и за тоа како ‚‚домашниот есап“ не излегува на пазар.
Кога кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век станав генерален директор на НИП „Нова Македонија“, освен релативна младост, доволно искуство и голем ентузијазам, имав замислено и низа планови за тоа што ќе сменам во тој колектив, кој имаше близу две илјади вработени. Тоа беше и период кога Република Македонија доживуваше успеси на многу полиња на југословенско ниво и кога нашата новинска куќа доживуваше општествена, сопственичка, организациска и содржинско-уредувачка трансформација. Но истовремено се чувствуваше мирисот на блискиот распад на Титовата држава. Тоа беа политички околности што не се предмет на текстов, но се нужен увод во него.
Пред да станам генерален директор, три и пол години бев главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, а како таков, неформално, бев заменик-директор, во отсуство на генералниот. Значи, нашироко бев запознаен со состојбите во колективот, ги знаев мнозинството вработени, а и тие мене. По овие кратки автобиографски објаснувања, дојдовме до примерот што сакам да ви го приопштам, вам што го читате овој текст.
Имено, како главен уредник имав чести поплаки за пишувањето на еден новинар што водеше широка национална културна дејност. Повеќемина, од директори до видни учесници во таа дејност, сметаа дека тој новинар со своето пишување им нанесува штета на институциите за кои пишува, дека оценува селективно и негативно, ги труе односите меѓу луѓето и слично. И сите до еден бараа да го сменам од таа рубрика, од тој новински сектор. Кога станав генерален директор, а со тоа „добив и целосна власт“, една од намерите ми беше да ја направам таа промена.
Пуштив глас дека ќе го сторам тоа. И што се случи? Истите, истите луѓе што долг период ја бараа таа промена ми се јавуваа по телефон или доаѓаа на средби и ме молеа да не го преземам тој чекор. Ми изнесуваа позитивни мислења за него и како професионалец и како човек, и како стручњак и познавач на дејноста. На нив се надоврзаа и други „пријателски“ врски, негови и мои, се наведуваа приватни и емотивни причини, меѓу другото. И што сторив јас, збунет од целата шарада? Се разбира дека го оставив новинарот таму каде што си беше, кој и денес, и покрај добрата возраст, е релативно влијателна и почитувана личност во тој сектор. Мојот „есап“ не излезе на пазар, моите големи планови наидоа на отпор уште при првите чекори. И не само во тој случај.
Примеров го наведувам во контекст на спроведувањето реформи и најавените кадровски промени што ги планира претседателот на Владата на Северна Република Македонија, Зоран Заев, и во контекст на плановите што ги осмислува новиот претседател на државата Стево Пендаровски. За најавената „метла“, „чистка“, за проветрување или освежување, како и да се крштева таа скорашна владино-партиска кадровска вртелешка.
За оние што немале можност да раководат со институција или со колектив составен од повеќе вработени, секое решение изгледа можно и лесно. Оние што имале задача да спроведуваат реформи, да ги менуваат лошите навики во општеството, во институциите и фирмите, во економијата и културата, да прават радикални измени, да исправаат криви дрини, го знаат тој тежок товар. Тие задачи кај нас во Македонија се толку тешки и сложени што може да се споредат со туркање слон со голи раце, иако слонови, како животни, овде нема.
Откако постои независна Македонија, дури и пред тоа, во социјализмот, еден од клучните зборови бил – реформа, реформи. Постојани реформи во здравството, во судството, во земјоделството, во медиумите, да не зборуваме за реформите што го осакатуваа школството, целиот образовен систем, од забавиште до универзитет. Со големи формални реформи, реформи на хартија, граѓаните на Македонија ги живеат првите две децении на 21 век. Со реформи на реформите. Со многу реформи, а со тенки резултати. И цело време исти ветувања, исти критики, исти обвинувања за неуспехот. Или празни фалби.
Одењето по патот на реформите и на големите кадровски промени е како газење по трње. Позната е ироничната белешка по Втората светска војна, која вели „милион загинати, тоа е само статистика – еден загинат, тоа е драма“. Неа денес може да ја парафразираме во нова форма: „да смениш сто души е статистика, да смениш еден човек е вистинска драма“. И за сменетиот и за тој што менува. Оттаму може да се постави прашањето дали најавените промени ќе бидат само статистички изразени низ бројки или драматично обележани со радикални резови.
Отпорот кон промените не е нова општествена болка. Подигнувањето на тој ѕид речиси редовно се покажува посилно од реформаторите. Во тие случаи се засилуваат кампањите засновани на невистини, на интриги, на ширење лажни вести, фабрикување измислици, професионални и морални дисквалификации, проработуваат сите политички и подземни кујни за да го запрат почнатиот процес. Притоа, како изведувачи на валканите работи се вмешуваат пропаднати политичари, нереализирани кариеристи, недефинирани политички групации, невладини приопашници, новинари што се претерале со новинарството, редица поединци заинтересирани да добијат нешто во поделбата на големиот политичко-финансиски колач. Во такви околности човек (шеф) тешко може да се реши да ја смени секретарката, да го смени возачот, а камоли да направи сериозен прескок на некој близок соработник, заслужен човек, лојален сопартиец, професионален и чесен службеник. И да живее во страв од грешки и од неосновано уништени нечии кариери и судбини. Но и тоа е составен дел од владеењето, од славата до ризикот, од успехот до падот.
П.С. Кон овој текст приложувам уште една навидум лична, но суштинска општествена белешка, посветена на двајца мои пријатели. Едната се однесува на академикот Ѓорѓи Филиповски, кому Македонската академија на науките и уметностите му ја одбележа стогодишнината од животот. Со професорот се познавам повеќе од триесет години, кога беше член на Издавачкиот совет на весникот „Нова Македонија“, тело што постоеше до трансформацијата на НИП „Нова Македонија“. Освен што со своите дискусии внесуваше посебен шарм на состаноците, неговиот придонес во тоа време беше инсистирањето весникот да се ослободува од партиски стеги, да биде помодерен, похрабар и поотворен во обработката на содржините, да ги отвора и разјаснува сите македонски табу-теми. Неговите совети не само што беа добредојдени туку беа и прифаќани. Неговата поддршка во таа смисла беше од големо значење.
Вториот настан е одбележувањето на 80-годишнината од животот на Лазар Лечиќ, со кого се дружам и често разговарам речиси дваесет години, особено во „Тениско“, локалот на тениските терени на хотелот „Александар палас“. Немам стручност јас да зборувам за кошаркарската величина и заслугите на Лечиќ за македонската кошарка, тоа го кажаа упатените во овој спорт. Таа манифестација, на која дојдоа и му оддадоа почест најпознатите југословенски кошаркарски имиња од неговото време, не беше признание само за Лечиќ тоа беше признание за Република Македонија. Честитки за тоа што го направија Васил Тупурковски, Благоја Георгиевски и Мирослав Наумовски, кои го иницираа, осмислија и реализираа овој спортски историски настан.
Зошто ги напишав горните редови? Затоа што сметам дека овие две одбележувања припаѓаат на општата желба за промени, за реформи во свеста на македонското општество, за ценење на успехот и делата на заслужни дејци во која било област. И за поука за промена на свеста кај младите политичари и општественици што стапуваат на политичката сцена дека не почнува сѐ од нив, дека и порано, пред нив, имало луѓе што придонесувале за развојот на Македонија, кои ја афирмирале и надвор од нејзините граници. Зашто и тие во своите почетоци туркале слон со голи раце. Академикот во науката, Лазо во кошарката. И види чудо – го истуркале на виделина, сите да го видат.