Да не беа „На точак“, „О2“,„Разбистри се“ и многу други неспоменати граѓански движењаи организации, зар ќе имавме локални избори во 2021 година на кои зборовите зелен и хуман ќе доминираат во целата политичка понуда и на центарот и на левицата и на десницата?
Триесет години независна Македонија не беше само повод за рефлексија на поминатиот пат од страна на политичари, јавни личности, аналитичари, граѓани, каде сме денес, што постигнавме, кои се дострелите, туку повод и за дебати, анализи за постигнувањата во повеќе подрачја, меѓу кои и за граѓанското општество. Токму на 30 години граѓанско општество, Граѓанскиот ресурсен центар и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) му посветија дебата, која беше одлична можност за размена на мислења меѓу долгогодишни активисти и учесници. Дебатата не предизвика толкав интерес како таа во Владата или во МАНУ со бивши претседатели и премиери, но сепак беше следена од десетици медиуми, вклучувајќи ги и националните телевизии, и во некои аспекти беше и поинтересна. Да, во општество со кратка меморија и уште пократок поглед напред, дебата за 30 години е вистински предизвик.
Како што 30 години независна Македонија е само еден период на постоењето и опстојувањето на Македонија, така и 30 години граѓанско општество е само еден период на постоењето и опстојувањето на граѓанското општество во Македонија. Да, за сите со кратка меморија, посебно за тие што меморијата е поврзана само за себепостигнувањата, граѓанското општество не настана во 1991 година, ниту го донесе фондацијата „Сорос“ во 1992 година.
Граѓанско општество, во поширока смисла, постоело отсекогаш, а во помодерна смисла во Македонија постоело и пред Втората светска војна и по Втората светска војна. Што се македонските кружоци, ако сакате и МАНАПО и ВМРО и МПО, ако не граѓанско општество. Или вакуфите што имале образовни и хуманитарни цели? Или Соколите што ги граделе соколаните, претходниците на повоените друштва „Партизан“, кои ние во независна Македонија ги сведовме на спортски сали, а и нив успеавме да ги демолираме. Во повоена Македонија, во далечната 1954 година има регистрирани 1.054 здруженија. Да, да, во најцрниот комунизам има 1.000 здруженија на граѓани.
Недоразбирањето за тоа од кога е граѓанското општество, е и за што сѐ е граѓанско општество. Тоа не се стотина НВО, тоа се и индивидуи и организации, и неформални и формални, над 10.000 организации, тоа се и здруженија и фондации, тоа се и повеќето спортски друштва, и културни уметнички друштва, но и професионалните и стручни организации, на пример Сојуз на архитекти. Кога се размислува за најголемата организација, во голема заблуда сте ако мислите дека тоа е Фондацијата отворено општество (Сорос), бидејќи од неа е поголема Фудбалската федерација на Македонија. Да, ФФМ е здружение на граѓани, ако не верувате отворете го Статутот на ФФМ.
Во ЕУ-разбирањето на граѓанското општество се вклучени и стопанските комори, организации на работодавачи и синдикатите. Да не се шири опфатот, но сестри по правото на здружување на граѓанските организации се и политичките партии и верските заедници.
Да, граѓанското општество е подлабоко и пошироко, но што е неговото влијание, што е постигнато? Има и лоши и добри примери. На лошата страна, веќе наведов еден пример на пропаѓање од „Соколи“ преку „Партизан“ до демолирана сала. Или во претходен напис од над 500 доброволни противпожарни здруженија во 1954 година, кои полека исчезнуваат и сега не постојат. На добрата страна, иако при набројувања секогаш постои можност за испуштање, секако се родовата еднаквост, правата на лицата со посебни потреби, човековите права и недискриминација и животната средина.
Зар некој помисли дека без граѓанското општество и пред сѐ женските и родовите организации Македонија ќе имаше родова квота за изборите и повеќе жени во Собранието! Или дека во Собранието ќе имаше рампа за пристап на лица со физичка попреченост, да не беа нивните организации, „Полио плус“ и др. Единствената успешна иницијатива за собирање потписи за закон е направена од „Полио плус“. Или дека ќе имавме Комисија за недискриминација да не беше граѓанската платформа! Или дека ќе имавме Министерство за животна средина уште во 1998 година, и стратегија и закон, да не беше Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ). Тони Поповски и Марјан Додевски, првите два министри дојдоа од ДЕМ. Или дека ќе имаше велопатеки да не беше движењето „На точак“. Да не беа „На точак“, „О2“, „Разбистри се“ и многу други неспоменати граѓански движења и организации, зар ќе имавме локални избори во 2021 година на кои зборовите зелен и хуман ќе доминираат во целата политичка понуда и на центарот и на левицата и на десницата?
И во повеќето споменати успеси, странските донации ниту биле клучен фактор, или воопшто ги немало, а ако го има, биле само катализатор. Клучно за спомнатите успеси дека се вкоренети дома, дека се интерес на граѓаните! Некои од успесите воопшто немаше да се случат без граѓанското општество. И да, можеби некои од успесите ќе се случеле и без граѓанското општество, но тоа сигурно беше катализатор и ги забрза за неколку години. Сепак, чувството е дека онаму каде што граѓанското општество направи голем чекор напред, власта, политичките партии прават три чекори назад. На пример, по целата борба за законот за дискриминација и основањето на Комисијата за недискриминација, таа беше оставена без буџет и сместена на највисокиот кат на зградата на МРТ без лифт до нивниот кат. Или беа избирани членови на комисијата што беа комплетно нејзино понижување. Тоа беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Но и сега во времето на СДСМ, еве, девет месеци по изборот на новата Комисија за недискриминација, глас нема од неа.
Тоа нѐ поместува од минатото во иднината каде што клучни ќе бидат барањето за одговорност и буџетската контрола. Покрај тоа, предизвици ќе бидат соработката со сестринските политички партии, комори и бизниси, синдикати, како и дигиталниот или граѓански активизам на Фејсбук.
#30годиниНезависнаМакедонија #30МК
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek