Сега, откако МВР го спаси Зоран Заев од „смртоносниот“ фејсбук-коментар на Миленко Неделковски, на ред се Американците, кои треба да го послушаат Геровски и да го обесат Христијан Мицковски. А ха, тоа е вистинска демократија, од една страна да го апсиш Миленко затоа што го прашал Зоќита дали ќе влезе во авион за Мостар, што е очигледен „доказ“ дека новинарот Неделковски гарант планира да го киднапира Заев, а потоа да грабне авион и да го сруши врз мостот во Мостар, откако претходно ќе испие отров како оној хрватски генерал во Хаг, но, од друга страна, мора да го величиш Геро, бидејќи им предлага на Америте да му врзеле машна на Мицко, што е очигледна грижа на новинарот околу модниот стајлинг на лидерот на опозицијата. Ако ви звучат безумно горенапишаните редови, тоа значи дека со вас нешто не е во ред, оти не сте разбрале дека кај нас безумноста е врвна демократска вредност. По таа логика, и јас стравувам за мојот живот, гледајќи директна закана од лицето Заев, зашто кога тој нешто говори, или умирам од смеа или умирам од срам.
Само ти бамбори си Русјаков, ми трепка прогресивната и демократска цивилизирана јавност, која живее со мотото „имаш право на наше мислење“, само ти иритирај и критикувај, ќе ти спакуваме ние нешто, па ќе ти врземе јамка околу вратот.
Секако, секако, одговарам јас, зарем има нешто подемократски и поцивилизирано од тоа да се уценуваат, застрашуваат и затвораат неистомисленици, особено кога за овој вид малтретирање се има дозвола и поддршка од американскиот амбасадор, ЕУ и НАТО?
Оти, нели, едно е кога во минатиот режим шарените уметници беа најнецивилизирано малтретирани да снимаат филмови, поставуваат претстави, пишуваат книги и вајаат скулптури, а сосема друго е сега, кога дојдоа животот, слободата и правдата, па во полициско-политички монтирани процеси се обвинуваат за тероризам врвни оперски пејачи, режисери, актери и архитекти, се забрануваат, сатанизираат и ставаат под истрага сериски филмови, се цензурираат и распнуваат режисери на политички некоректни филмови, се викаат на распити писатели или по телефон, преку посредници и на социјалните мрежи, им се закануваат на професори, уметници и новинари дека кога ќе посака моќта, тогаш тие ќе завршат зад решетки, оти не може, бре, ти во ваква врвна демократија како нашава да имаш различен став или мнение од власта. Што е сосема нормално, така?
Ова го потврдува и фактот дека ги баталивме препораките на Прибе што се занимаваа со будалаштини како реформирање на судството, образованието и здравството, а се фативме за „балканските методи“ на Хан, преку кои треба најцивилизирано да се уништат неистомислениците. Оти со самото октроирање на Зоран Заев се оправија и судството, и здравството, и образованието, а корупцијата исчезна со квантен скок од три кубни метри квадратни. Па се прејде на втората демократска фаза преку „балканските методи“ на Хан, кои подразбираат терор, уцени, поткуп и затворање на оние што се против „напредокот“ на државата преку нејзино укинување како идентитет. Со паролата „не се согласувам со твоето мислење, ама секогаш ќе се борам да те уништам“, Заев, Хан, Могерини, Столтенберг и Бејли ќе ѝ помогнат на Северна Македонија да ги истреби нецивилизираните личности што, пазете ваму, се осмелуваат да бидат личности.
Во меѓувреме се случија метаморфози на кои можат да им позавидат Овидиј и Кафка. Сашо Мијалков, човекот за кој десет години слушавме врескање дека ја киднапирал, ограбил и прислушувал Македонија, наеднаш излегува дека всушност ја ослободил, збогатил и имал слух за иднината на државата. Поранешната министерка за култура, за која се пенавеа дека го уништила Скопје, одеднаш се претвори во визионерка што од македонскиот сељачизам ќе нè внесе во цивилизираната барокна Европа. Нино Тодоров, кому му закачија име доктор Смрт, всушност да ти бил доктор Хаус, кој ја откри дијагнозата за спас на земјата. А отворачот на собраниски врати Крсто Муковски, всушност, ја отворил вратата кон ЕУ и НАТО.
И сега, проблем. Оние личности за кои врескаа дека се гробари на Македонија, додека сегашниве моќници беа опозиција, сега кога станаа власт, наеднаш мораат да ги рехабилитираат од обвинувањата, бидејќи истите тие им се потребни за да го одработат сценариото за ликвидирање на македонскиот идентитет. Што претставува безумие, гротеска и фарса истовремено. Е, ама, сите оние што хорски ги поддржуваа во линчувањето и сатанизацијата на политичките опоненти, кои хистерично викаа „ќе си лежите“, сега наеднаш останаа со прстот во уста. А „човекојадците“ мора да се нахранат.
И што да се прави кога ограбувачот, барокот, доктор Смрт и отворачот на собраниски врати станаа визионери за иднината? Како да се задоволат жедните за крв новинари, активисти, фејсбук-хистерици, интелектуалната бижутерија, лажната авангарда и просечните уметници? Едноставно е. Удри по неистомислениците. Малтретирај, тормози, суди и осудувај професори, новинари и уметници што имаат доволно образ и храброст да кренат глас против безумието, теророт и националните велепредавства, кои држат до себе, па не ја прифаќаат нивната униформирана зомби-матрица. А, господине амбасадор Тимоние, зарем не е оваа демократија како вашата во Франција, зарем не е ист односот и кај вас спрема уметници неистомисленици на власта и меинстрим-пропагандата? Зарем не сте горди што сте дел од воведувањето на овие врвни европски вредности што кај нас ги благослови вашиот еврокомесар?
Се прашувате зошто не пишувам за случувањата од 19 октомври? Пишувам, ама за последиците од нив. Неколкупати реков досега. За мене приказната заврши на 30 септември. Народот го кажа својот последен збор. На референдумот. А тоа е најсилниот акт во една демократија. Правосилен акт. Македонскиот народ засекогаш го погреба договорот со Грција. Тоа што во сила стапи нацилибералната изопачена моќ, што ЕУ официјално побара насилни методи, што Собранието незаконски ја поништи мнозинската волја преку, македонски речено, новите „Коте од Руља“, во светот познат како квислинг-синдром, сето тоа е модерна и софистицирана окупација за спроведување идентитетски геноцид врз Македонија. Спрема сета оваа светска, безумна моќ, спрема монструозниот Левијатан решен да нè проголта, и јас како вас се чувствувам беспомошно. Времето ќе покаже. Мене ми останува да продолжам да го сведочам злото во моите песни, приказни, сценарија и колумни. Секако, додека моќта, на радост на безрбетниците, не ми врзе машна околу вратот.