Има повеќе поводи да се напише колумна со ваков наслов, за поделеноста на општеството на наши и на ваши. Таа се чувствува по сите линии, но најизразена е во сферата на политиката и нејзината моќ да ги инструментализира сите општествени структури. Сепак, непосредниот поводот за да го напишам овој текст се три вистински приказни, секоја од нив посебна, но истовремено и со заедничка порака за нашето секојдневие и хипокризијата на времето во кое живееме.
Прва приказна: Во разговор со еден, би рекол повеќе случаен политичар или да се послужам со изразот „мангуп“ во политиката од таканаречениот албански политички корпус што како термин и самиот значи поделба, тој праша кој е член на управниот одбор на фондацијата „Балкан без граници“ од албанска националност. Му одговорив, истакнат писател, академик и пред сѐ личност со интегритет. Политичарот, името не е важно, како што ќе бидат неважни ни имињата во следните две приказни, веднаш реагира: „Тој не е наш, тој не се залага за албанската национална кауза“. Го погледнав и помислив што ова „мангупче“ во политиката подразбира под поимот албанска национална кауза, може ли неговиот ум да ги сфати вредностите што со својот книжевен опус ги остава авторот како трајно, културно наследство, албанско, но и на сите нас. Зарем творец од македонско етничко потекло што би пишувал на албански јазик не би бил наш, зарем творците што пишуваат на други јазици не се наши иако се дел од нашето битие, иако го пишуваат нашето постоење, ја одбележуваат нашата цивилизација, денес и за во иднина.
Втора приказна: Афирмиран професор, доктор по медицински науки, истакнат активист во својата партија, кандидат за министер за здравство во претходните мандати, само два дена пред „конечните консултации“ одеднаш го нема во конечниот список на мандатарот за составот на новата влада. На „конечните консултации“ главниот рекол: „Тој не е наш“. Не бил наш затоа што татко му, во далечните 30-ти години на минатиот век за времето на Кралството Југославија бил унијат или поточно стипендијант на Унијатската црква како студент во Загреб. А што всушност бил татко му најдобро сведочи познатиот револуционер – Лазо Соколов во својот тестаментален напис објавен во списанието на Институтот за национална историја – „Историја“. Според него, таткото на истакнатиот професор-доктор по медицински науки бил еден од најактивните раководители, комунист по определба, на Македонското студентско друштво во Загреб. За својата активност и посветеност на македонското национално движење и на напредното, комунистичко, движење тој платил со својот живот.
По задача на партијата се вратил во Македонија и станал кмет на Богданци. Бил убиен од бугарскиот окупатор откако ги добиле информациите за каков човек се работи. Долго време тој и неговото семејство живееле со чувство на вина дека нивниот татко и сопруг бил предавник додека во почетокот на 1950-тите години по повод реконструкцијата на загрепската Комунистичка партија не се дознало дека не само што не бил предавник туку бил херој. Во случајов станува збор за многу поширок синдром. Дали и тие што припаѓаат на друга црква и/или вероисповед не се наши, дали не се наши Македонците муслимани – Торбешите, Македонците католици, Македонците протестанти, адвентисти па и Македонците атеисти. А само една година по овој настан претседател на Република Македонија беше претседател што не беше православен. Чиј претседател беше покојниот Борис Трајковски? Но овде се поставуваат и некои други, далеку посуштествени прашања – дали зад ваквиот став се крие ставот на клеронационализмот – Македонец е само оној што е православен, дали припадноста кон одредена религија станува критериум за кадровска политика на политичките партии во Македонија или, пак, тоа било само повод да се изманипулира одредено решение во интерес на некој друг.
Трета приказна: На седницата на Издавачкиот совет на ИНИ, директорот на институтот го поставил предлогот, заедно со фондацијата „Балкан без граници“, да се издаде книгата: „Советските и американските лидери во соработка и конфронтација – Мемоарски записи од авторот Лазар Мојсов“. И овој пат еден од учесниците, вели: „Тој не е наш“. Другите го отфрлаат ваквиот став. Книгата е издадена, но остана без одговор прашањето – навистина чиј е Лазар Мојсов, човекот што е основоположник на првиот весник „Нова Македонија“ на македонски јазик, еден од иницијаторите за основање на МАНУ, авторот на повеќе дела од историјата на македонскиот народ, посебно за македонските малцинства во соседните држави и на дела од областа на меѓународните односи, а посебно на антологискиот напис „Еден поим а три имиња“ објавен во далечната 1953/54 год. чија актуелност ја чувствуваме и денес, претседател на Собранието на ООН, претседател на Претседателството на СФРЈ како претставник на СРМ, која беше конститутивен дел на југословенската федерација, еминентен амбасадор во повеќе држави, борец во НОБ. Не знам и не можам да коментирам дали нешто и што е тоа што се случило во 1990-91 година. Тоа можат и треба да го кажат оние што учествувале во тие процеси.
Тој самиот ми кажа дека се понудил, но му било речено дека нема потреба од него. Ваквиот став го потврди и во интервјуто што со него, за списанието „Денес“ го направи истакнатиот македонски писател Петре Бакевски во 2006 год. Но дали е тоа толку големо за да се даде анатемата тој не е наш за да се избрише сѐ она што Мојсов и неговата генерација го дале за Македонија. Несомнено дека распадот на СФРЈ претставуваше историска шанса за македонското национално движење (секако и за хрватското и за словенечкото), која му овозможи да го доизведе својот национален проект и ја добие меѓународната правна и политичка верификација на својот држвноправен идентитет. Генерацијата што го реализира завршниот чин на македонското национално движење исто така стана дел од историјата. Но за да се дојде до тој чин, мораше да се измине еден долг и крвав пат уште со првите денови на ТМОРО-ВМРО, преку голготата и дележот со Балканските војни, НОБ, АВНОЈ и АСНОМ, па сѐ до 1991 година. Секој што бил посветен на националната и социјалната идеја на тој пат се вградувал себеси.
Оттука мемоарските сеќавања на Л. Мојсов се само дел од таа историја во која активно учествуваше и дипломатијата што израсна од НРМ и СРМ (Македонци, Албанци, Турци и др.) и ги достигна врвовите во светската дипломатија.
Конечно, ставот „не е наш“ е израз на хипокризијата во која се наоѓаат политичките партии што сѐ уште се далеку од универзалните вредности на граѓанското општество и демократијата заснована на вредностите на политичкиот плурализам. Ставот „не е наш“ значи припаѓање кон некого или кон некого-лидерот или, пак, владејачката група што ги определува критериумите за правоверноста на поединецот како квалификатив што е многу близок со квалификативот национално, верско или друго, политички обоено предавство. Во услови, пак, кога партиите ја преземаат власта овој став станува суштински критериум за негативна селекција на луѓето и извор на длабока општествена криза.
Напомена: Овој напис датира од 17 септември 2006 година. Колку е тој актуелен денес, посебно поради се поизразените поделби и дисквалификации што стануваат наше секојдневие, поради кризата на институциите, поради опортунизмот и исчезнувањето на критичката мисла, стереотипите во третирањето на верската или друга припадност и многу други појави, тоа го оставам да го проценат читателите.
( Авторот е пензионер)