Деновиве, еден нов и веќе драг пријател ме потсети на еден важен текст од рускиот мислител Николај Сергеевич Трубецкиј. Овој руски философ, филолог и историчар, во 1920 година, објавува краток текст, насловен како „Европа и човештвото“, во кој се тематизираат прашањата за односот помеѓу културите. Разговорот со мојот нов и драг пријател ме наведе повторно да го прелистам тој текст и, во случајов, да го искористам како своевидна интерпретативна рамка за актуелниве општествени и политички состојби и нашето место во нив. Накратко, која е основната претпоставка во овој текст на Трубецкиј? Уште во почетокот, авторот ја поставува дихотомијата шовинизам-космополитизам, при што, на прв поглед, изгледа дека овие две позиции се целосно контрарни! Имено, шовинизмот ја смета сопствената култура за супериорна и единствено вредна, додека космополитизмот бара универзалност и поништување на сите културни разлики! Или, според зборовите на авторот: „Шовинизмот исходува од априорна претпоставка дека најдобар народ на светот е токму неговиот“…, додека, пак, „космополитизмот ги одрекува разликите помеѓу нациите, а дури и ако постојат, треба да бидат уништени.“
И ова е навидум јасна и доволно длабока разлика помеѓу двата поима.
Но ако продолжиме да ја следиме аргументацијата на авторот, станува јасно дека овие две позиции не само што не се спротивставени туку се покажуваат и како идентични. И шовинизмот и космополитизмот посакуваат доминација на една култура и негација на сите преостанати различности! И космополитот ги одрекува разликите помеѓу нациите и дури, како што вели Трубецкиј, „и ако постојат тие разлики, тие треба да бидат уништени; цивилизираното човештво е должно да има единствена култура. Нецивилизираните народи се должни да ја прифатат таа култура, да влезат во неа, да влезат во семејството на цивилизираните народи, да чекорат заедно по патот на светскиот прогрес. Цивилизацијата е повисока вредност во чие име треба да ги жртвуваме националните особености.“
Така беседеше Трубецкиј во 1920 година. Тој – a propos неговата, руска култура vis a vis европската (романо-германската, како што вели тој), ние – a propos „европските вредности“, во чие име бараат да се одречеме од сопствените. Секогаш сум скептичен кога ќе ја слушнам фразата „европски вредности“. А станувам дури и доста нервозен кога од мене, од нас ќе се побара да го следиме патот на „европските вредности“, или дека се стремиме да влеземе во ЕУ заради „европските вредности“! Што значи тоа: дека ние немаме вредности? Дека нашите вредности се помалку вредни, или дека тие се вредни вредности, а нашите невредни вредности!? Дека тие се повеќе вредни, а нашите помалку вредни!?
Пред да го разгледаме ова барање, да се сообразиме со европските вредности, да не биде тие, прогресивните повторно да нè етикетираат како регресивни антиевропејци, да ја прецизираме тезата: сме Европејци, сме поборници на влезот на Македонија во ЕУ, сме уверени во европерспективата на Македонија и застапници на членството на Македонија во ЕУ… Но не сме уверени во таа хиерархиска поставеност на вредностите, па кога во име на тие повисоките, европските, бараат да ги ревидираме нашите. Особено, не сме уверени, ние регресивните, дека во Европа има едни, засекогаш дадени вредности. И секако, дека сите тие „вредности“ се „вредни“. Или, пак, дека тие се ексклузивно европско наследство и уникатно европско достигнување.
И конечно, не сме уверени кога бараат одрекување од основната вредност, востановена уште одамна токму во таа Европа – суверенитетот и фундаменталното право на самоопределување.
Дали Грција е во Европа и дали Грција ги споделува европските вредности? Ако да, тогаш како Европа побара од друга држава да се „ребрендира“ само затоа што тоа не ѝ се допаѓа на Европа. Да, тоа не ѝ се допаѓа на Европа, затоа што Грција е Европа. Ако Бугарија е Европа, а Европа е, како Европа бара историски ревизионизам и согласност од нас за редефинирање на историјата и идентитетот? И како во едниот случај – спорот со Грција – го поставија за услов за НАТО и ЕУ-преговори, а сега истата таа Европа маневрира третирајќи го спорот со Бугарија како „билатерален“! А со Грција беше демек трилатерален, затоа што и Естонија беше вклучена, на пример? Евидентно, вредностите на таа заедница и не се баш стабилни и принципиелни. А, од друга страна, ако ЕУ е единствената што ги отелотворува вредностите, тогаш дали Швајцарија не е вредна? Или можеби и Норвешка не е вредна? Или Британија по брегзит веќе станала „невредна“!?
Конечно, да се разбереме, ЕУ не е заедница на вредности, туку сојуз на интереси! Особено – ЕУ не е настаната на „вредности“ и заради вредности. Нема никаква политичка, особено етичка вредност во она што настанало како Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ). И затоа, „кроце“, кога се расфрлаат со вредности што треба да ги прифатиме, особено ако во името на тоа бараат да се откажеме од нашите. Ниту во личниот ниту во општествениот живот не може од некоја личност, или од некоја заедница да бара да се откаже од сопствените најважни прерогативи! Таквото нешто не е ништо друго туку присилна еутаназија! Видовме, лажна е дихотомијата „шовинизам-космополитизам“! Секогаш кога некои „прогресивни“ сили ќе ви се претстават за космополити, знајте дека се шовинисти од најдолен вид. Шовинисти што исто така мразат, но овој пат не ги мразат другите, туку уште полошо – се мразат себеси. Шовинистот ги мрази преостанатите нации, космополитот сопствената! Да, се покажува дека космополитистите ја мразат сопствената нација.
Затоа, ниту еден доследен космополит не може да донесе среќа и просперитет за светот, затоа што не е во состојба тоа да го донесе дури и за сопствената нација и народ. Впрочем, како и во личниот живот – не можете да ги сакате, цените, почитувате и правилно вреднувате преостанатите доколку не се сакате, цените и вреднувате самиот себеси. Човекољубието без самољубие е лицемерие од најдолен вид. Уште повеќе – тоа е перфиден обид за уништување на себеси, обичен мазохизам во скриена форма. Без самољубие (во позитивна смисла на овој термин), не е возможно ниту „едно општество за сите“, никаков мултикултурализам, ниту каква било интеркултурна интеграција, особено не европска интеграција. Без достоинствен однос кон самиот себеси, не е возможен достоинствен третман на „другиот“. Не може тој што не се љуби себеси, да љуби кој било друг. Затоа, драги мои, нека не ве мамат тие, прогресивните, дека сте регресивни затоа што си ја љубите сопствената заедница и верувате дека сте вредни. Особено, нека не ве мамат дека има нешто повеќе вредно надвор од вас, или дека кога ќе „излезете од себеси“, ќе влезете некаде и веднаш ќе станете вредни, ќе бидете допрени од мајата на туѓата вредност и магично ќе бидете преобразени! Конечно, не стремиме кон „европските вредности“. Ние имаме наши – а само стремиме кон интеграција во ЕУ! И тоа под еднакви услови, кои важеа за сите пред нас!
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија