Велигден, празникот на воскресението на Исус Христос, секогаш е повод да се проговори не само за Исус туку воопшто за религијата, особено за христијанството што е врзано за неговото име. Христијанството своите разлистувања ги наоѓа во втората половина на првиот век од новата ера. На собор во црквата во градот Антиохија (во Сирија), прифатено е тој израз да се однесува на новата вера и учење, а оние што тоа го прифаќаат да се нарекуваат христијани, по името на Христос, месијата. На тој собор се утврдени и главните услови за преобратства во новата религија и нормите за однесување на христијаните. Како една од најзначајните одлуки била одлуката оние мажи што сакаат да ја примат верата да не подлежат на обрежување, свет чин што бил еврејска традиција. Другите првични препораки до нововерците биле: да се воздржуваат од принесување жртви на идоли и од крв, да не јадат од удавено, да се чуваат од блуд и да не им го прават на други она што самите не сакаат некој да им го направи. По разгласувањето на овие препораки, христијаните се умножувале по број секој ден, а се зголемувал и бројот на црквите.
Првите никулци на историјата на христијанството изртуваат со појавата на Исус во Јудеја на триесетгодишна возраст, со неговите проповеди и дела. Речиси нема верник што не ја знае неговата библиска биографија, од раѓањето во Витлеем, или не чул за проповедите во Ерусалим, за неговото распнување на Голгота и неговото воскреснување. Исус е изворот, стожерот на сѐ што се случува и учи подоцна во поголем дел од светот. Тој е современик на човештвото две илјади години, таков ќе остане до Страшниот суд, до крајот на светот, во кој денес има над две милијарди Исусови верници со разни деноминации.
Исус Христос е Евреин што го поучувал народот за царството Божјо, но на поинаков начин од нормите пропишани во Стариот завет од Библијата, светата книга на Евреите. Проповедал дека божјото нема ништо заедничко со владеењето на земното царство. Тоа не е од овој свет – не е материјално, туку духовно. Во неговата власт се наоѓаат душите на луѓето, а не материјалните богатства. За остварување на царството Божјо не се потребни ниту пари, ниту скапоцени предмети, ни земја, ни војна, ниту политичка власт над светот. Секое земно царство, колку и да е големо и силно, секогаш имало и ќе има свои граници во време на траење и постоење, па според тоа осудено е на пропаст. Народност, јазик, раса, слава, богатство – сето тоа нема никакво значење. На сите им е слободен пристапот во тоа царство. Но за тоа наследство потребно е да се преобрази душевно, да се покае, односно да се ослободи од сите свои лоши дела и навики, злоба, завист и омраза кон другите. Треба да се сакаат и Бог и луѓето, треба да се помагаат ближните, да не им се посакува и да не им се прави на другите она што не се посакува за себе. Тогаш ќе има среќа за секој човек и за целото човештво.
За голем број на слушателите, современиците на Христа, тоа учење било сосема ново и неразбирливо. Но се нашол човек што го разјаснил сето тоа. Тој човек бил апостолот Павле, кој е првиот што го пренесе Евангелието од Исток кон Запад, од Азија кон Европа. Стара е изреката „да не беше Исус ,не ќе беше Павле, да не беше Павле, не ќе беше Исус“. Павле, кој се викал Савле, жестоко ги прогонувал првите христијани. Но при едно ослепување, кога му се јавил Исус и му го кажал лекот, Свети Павле станал најангажираниот, најефективниот и највлијателен распространувач на христијанството, нема друга личност што одиграла попресудна улога во афирмацијата на верата Христова. Неговото влијание се темели на три работи: големиот успех како мисионер (патувања и проповеди), неговите дела, записи и писма што претставуваат суштествен дел во Новиот завет и неговата улога во разработката на христијанското богословие. Павле е факторот за претворањето на христијанството од еврејска секта во меѓународна, светска религија.
Далеку зад Свети Павле е името на Свети Петар, иако Исус него го нарекол карпа (водач) на верата, наследник по неговото заминување од земниот свет. Нему му ги дал клучевите од небото. Петар бил првиот римски епископ, подоцна именуван како папа, неговата базилика во Рим е најголемиот христијански храм во светот, таа е мајка-црква на целиот католички свет, седиште на сите цркви. Денеска во светот има повеќе од милијарда и триста милиони католици, од кои речиси половина од вкупниот број се на американските континенти, над 21 отсто се во Европа.
Исус, Свети Павле и Свети Петар се Евреи, библиски личности од Новиот завет. Од небиблиските тројца имаат големи заслуги за христијанството како една религија, но со различни приоди како на појавата на Исус така и во однос на неговото учење и на толкувањата на евангелијата и нивната примена во секојдневниот живот. Прв на таа листа секако дека е Константин Велики, (280 – 337), првиот христијански римски император. Со своето покрстување тој одиграл важна улога во претворање на христијанството од прогонувана секта во доминантна религија во Европа. Интересна е легендата за неговото прифаќање на новата вера. Најраспространетото предание вели дека во предвечерјето на битката кај Тибар, Константин, царот римски, на небото видел огнен крст, придружен со зборовите: „Со овој знак ќе победуваш“ и оттогаш ја примил верата како своја. Но се согласил крштението, таа света тајна, да го прими дури кога бил на смртна постела.
Независно каде и како се покрстил, Константин со сета душа се посветил на ширењето на христијанството, што законски го прогласил за слободна религија. Иако не го прогласил и за државна религија, сепак носејќи низа закони им обезбедувал на христијаните низа поволности. Со него и мајка му Елена поврзана е изградбата на црквите Рождество во Витлеем и Божји гроб во Ерусалим, како и пронаоѓањето на крстот на кој Исус бил распнат. Во негово време на Соборот во Никеја бил прифатен Символот на верата, систем на основните начела и верувања на кој влегол во православната богослужба. Префрлајќи ја престолнината на Римското Царство на Исток, во малото место Бизант, што го нарекол Константинопол (денешен Истанбул), каде што векови подоцна се развило православното христијанство, на кое му припаѓа Македонската православна црква. Православната црква е втората најголема христијанска црква според бројот на верници, со над 250 милиони припадници. Православната и Римокатоличката црква биле во заедништво до Големиот раскол во 1054 година, поттикнат од разликите во доктрините, особено поради авторитетот на папата. Пред Четвртиот вселенски собор од 451 година, Древноисточните цркви биле дел од оваа заедница и се одвоиле поради разлики во толкувањето на христијанството. Најголемите разлики биле околу Светото тројство, односно околу поимањата на Отецот, Синот и Светиот дух.
Различното толкување на Исусовите беседи и дела, разликите во примената на евангелијата во практика, предизвикале и други расколи во христијанството. Еден од најголемите е предизвикан со учењето на Германецот Мартин Лутер (1483 – 1546), неговата Реформација и одделувањето на протестантизмот како составен, но поинаков дел од христијанството. Лутер бил вчудовиден од користољубието и разуздениот живот на римското свештенство и од практиката црквата да продава индулгенции, што биле писмена потврда за опростување на гревовите со плаќање на пари. Кој плати – нему му е простено. Тој почнал да го шири протестот против Римокатоличката црква, ги отфрлил законските права на папата и изјавил дека ќе се раководи само од Библијата и од здравиот разум. Една од неговите основни идеи е доктрината за избавување на гревовите само преку верата, став најблизок до Свети Павле. Мартин Лутер сметал дека воопшто нема потреба од постоење на Римокатоличката црква, протестирал против нејзините сфаќања и пројави. Не го признавал чистилиштето и не ја прифатил идејата за безбрачност на свештениците. Друга особена карактеристика што често ја пропагирал бил неговиот став дека е многу важно луѓето да ја почитуваат законската граѓанска власт. Денес протестантството претставува една од трите основни деноминации во христијанството. Од околу 2.100.000.000 христијански верници во светот, околу 6.000.000 се протестанти, што претставува повеќе од една третина.
Меѓу луѓето што имале најголемо влијание врз ширењето и зацврстувањето на поинакво поимање на христијанството, при врвот спаѓа и Французинот Жан Калвин (1509 – 1564), кој во своите книги ги објавил основните протестантски сфаќања, системски претставени и во разбирлива форма. Калвин, кој првин бил католик, ја претворил швајцарска Женева во главен протестантски центар во Европа, која била нарекувана „протестантски Рим“. Според Калвин, што и да прави човек, Господ одамна има решено, кој ќе биде спасен, кој осуден, без оглед на заслугите или гревовите. Калвинизмот нема многу припадници како другите христијански цркви, но се тврди дека калвинистичкото учење е главниот фактор за создавањето на таканаречената „протестантска работна етика“ и за прогресот на капитализмот.
Според некои теолози, секоја христијанска вероисповед што не припаѓа на Римокатоличката или Православната црква, всушност, е протестантска. Во протестантски цркви се вбројуваат Евангелската, Методистичката, Англиканската, Анабаптистичката, Баптистичката, лутеранството и калвинизмот. Сите тие се христијански, но различно ги толкуваат односот кон Бог, идеите и делата на Исус Христос, Библијата, Светото тројство, гревот и покајанието, крштевањето и причесната, начинот и стилот на литургијата, богатството и сиромаштијата, неженството на свештениците со високи и ниски чинови, степенот и начинот на крстењето со рака, животот на земјата и задгробниот живот, пеколот и рајот и други елементи на земниот и небесниот живот.