Ако подлабоко се навлезе во анализа на ставовите на министерката Захариева за Македонија и Македонците, ќе се препознае Тодор Живков, нејзиниот учител и духовно-политички идол. Министерката обилно ги користи материјалите од тајните и јавни седници, пленуми и форуми на Централниот комитет на бугарската комунистичка партија и ставовите на нејзиниот долгогодишен водач, кој неславно заврши при падот на Берлинскиот ѕид
Сите медиуми во Македонија ја објавија изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева во која вели дека во Македонија сѐ уште живеат идеите на Сталин и Тито. „Ако продолжиме да затвораме очи пред фактот дека таа земја продолжува да се развива како што тоа го замислиле Тито и Сталин, тогаш ги извршуваме работите на Москва“, гласи точната реченица.
Навистина е беспредметно да се спори за ваков став со граѓанин што е роден во Бугарија во строг сталинистички систем. Госпоѓата пазарџика (родена во Пазарџик) Екатерина Гечева Захариева, пловдивска магистрантка по право и успешна адвокатка, своите први ученички сознанија ги примала од учебниците со контролирана комунистичка идеологија во која Советскиот Сојуз бил позначаен од самата Бугарија, со лекции за нивната нераскинлива братска дружба. Тука нема лага. Можеби како пргаво и итро девојче не се одушевувало од спомениците на руски јунаци и политичари со кои беа прошарани Софија и другите бугарски градови, можеби не било запишано во училиште што го носело името на Карл Маркс или на Фридрих Енгелс, но живеело во таа околина, со тие слики, во тој комунистичко-пролетерски амбиент. Можеби чезнела да се дотерува во допадливи западни брендови и на Запад да гледа со одушевување. Но не смеела да го покажува тоа зашто, познато е, таквите што гледале кон Запад ги праќале на Исток, во затворите на Источна Бугарија, со години сонце да не ги види. Сталин го нема, системот останал за да се ресетира низ денешните лидери – Борисов, Захариева, Каракачанов.
Малиот Сталин и неговата копија
Не е непознато дека мојата генерација пеела песни за величање на Тито, но не е некоја тајна да се каже дека и генерацијата на Захариева го воспевала и го глорифицирала нивниот народен водач Тодор Живков, претседател на државата и на Комунистичката партија и верна, најверна фигура на Москва во тогашниот Источен блок. Слушајќи ги нејзините изјави, читајќи ги нејзините коментари не ќе биде тешко да се дојде до заклучокот дека Живков во нејзиниот мисловен систем оставил неизбришливи траги. Тој заклучок произлегува од податокот што Захариева речиси од збор до збор цитира делови од говори на бај Тошо (како што го викаа нагалено симпатизерите) посветени на Македонците, на нивниот идентитет и јазик. Оние што не го симпатизираа во разговорите го викаа „малиот Сталин“. Сталин и сталинизмот 40 години живееја во Софија, а не во Скопје.
Ако подлабоко се навлезе во анализа на нејзините ставови за Македонија и Македонците, ќе се препознае нејзиниот учител и духовно-политички идол. Министерката обилно ги користи материјалите од тајните и јавни седници, пленуми и форуми на Централниот комитет на бугарската комунистичка партија и ставовите на нејзиниот долгогодишен водач, кој неславно заврши при падот на Берлинскиот ѕид. Објаснувајќи го својот долг кон историската правда, долгот кон бугарските национални интереси, бугарската земја и бугарштината, Живков во своите мемоари децидно пишува дека во Република Македонија живеат „чистокрвни Бугари, на кои вештачки им е натурано и влијаено дека се одделна македонска нација. Нација што се создаде ин витро по рецептите на Сталин и Тито“. Тоа се зборовите на Живков што секој ден ги декламира Захариева.
Во тие мемоари објаснува дека барањето на Сталин да ѝ се даде културна автономија на Пиринска Македонија во рамките на Бугарија како прва стапка за присоединување кон Македонија, било прифатено на Десеттиот пленум на ЦК на БРП(к) во 1946 година, а во 1947 година било содржано во договорите што ги потпишале Георги Димитров и Тито на Блед. „Се признаваше македонска држава во која живееја, главно, Македонци. Пиринскиот крај требаше да биде посебен како ’културна автономија‘, т.е. беше направен чекор кон разработената концепција за присоединување на тој крај кон Југославија. Таму се изведуваше настава на ’македонски‘ јазик“. Од овие наводи може да се види бугарската омраза кон Сталин и Тито, особено кон Тито, кој бугарската политика ја имаше во малото прсте. Бугарија може да го заборави влијанието на Сталин и на Москва, но не може да го избрише. Блиската историјата е суров сведок.
И Самиот Живков кажува дека пресвртот се случил во 1963 година. Таа година, пишува тој, Бугарија потврди и утврди дека „македонска нација нема“! Сѐ друго околу постоењето на македонската нација и Македонија го подведува под „шпекулации на просрпските националности и титоисти лансирани со поткрепа на Москва“. Еве го пак говорот на Живков пренесен преку органот за говор на госпоѓата министерка.
Бугарски осцилации: признаваме – не признаваме
Сега да видиме како се одвивала таа историско-лингвистичка војна за ништење на македонизмот, кои биле стратегијата и тактиката, низ какви осцилации поминувала. По 1944 година, по АСНОМ, лингвистите од Софија требало да го признаат македонскиот јазик како посебен. Тоа бил договор меѓу Софија и Белград. Но судирот меѓу Белград и Коминформот (меѓу Тито и Сталин) во 1948 година ѝ ставил крај на релативната толеранција на бугарските научници кон јазикот во формирање. Високите средби на ЦК на БКП во 1948 г. – XVI пленум и V конгрес – го критикувале „србизираниот јазик“ на „тито-колишевистите“ од Скопје, но не оделе подалеку од тоа гледиште.
Сепак, барем во теоријата, бугарската држава – партија го задржала признавањето на посебен македонски „национален“ идентитет што уште една деценија ќе биде официјална политика. Бугарската дијалектологија на Стојко Стојков, издадена во 1949 г., ги третира „македонските говори“ како лингвистички различни, при што спомнува само за една „особено силна врска“ меѓу нив и „бугарските говори“. Сепак, стигматизацијата на стандардниот јазик од Скопје – елементот од македонскиот национален идентитет, кој е најзабележителен како етнички различен – наскоро водела кон ревизија на концептот за „македонските говори“.
Можен ли е „дијалектолошки компромис“
Во почетокот на 60-тите години на 20 век, научниците на Институтот за бугарски јазик, застапувале одредени формули за дијалектолошки „компромис“. Станува збор за „бугарско-македонски дијалекти“ – термин што подразбира дијалектна целина заедничка за двата јазика. Иако тој ги вклучува македонските дијалекти под бугарскиот јазик, дијалектологијата на Стојков, повторно објавена во 1962 година, сѐ уште на Македонците им признавала можност да развијат своја нација и национален јазик.
Според истражувањата на младиот бугарски историчар Чавдар Маринов, многу набрзо ситуацијата се променила. Во текот на пленумот во март 1963 г., Тодор Живков изјавил дека македонскиот јазик претставува само „говор што им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект“. Од тие причини во 1968 година, бугарската дијалектологија била одново напишана. Таа повеќе не предвидувала дека „македонските говори“ можеле да се развијат во посебен јазик. Истата година се појавила студијата „Кратка споредбена и типолошка историска граматика на словенските јазици“ од Иван Леков – раководител на Катедрата за словенска лингвистика на Софискиот универзитет. Но таа не допрела до многу луѓе. На денот на нејзиното појавување во книжарниците била конфискувана и повлечена од продажба. Зошто? Затоа што споредувајќи ги фонолошките, морфолошките и други феномени на словенските јазици, како и нивните историски развојни процеси Леков го спомнува „македонскиот јазик“. Иако реално гледано неговите формулации биле многу внимателни, книгата била забранета зашто упатувала на самостоен, посебен македонски јазик.
Заедничка антимакедонска мисија
Покрај „припадноста“ на дијалектите, уште една работа претставувала предмет на спор меѓу бугарските и македонските лингвисти: историското минато на словенскиот говорен јазик од Македонија. Филолошката проблематика неизбежно била заплеткана со онаа за националната историја. Во Бугарија, соработката меѓу лингвистите и историчарите што дотогаш не била координирана и синхронизирана од раководството на државата и на партијата била осмислено воспоставена, охрабрена, инспирирана и добро финансирана.
На истиот пленум од март 1963 г., Живков ја воспоставил врската меѓу полето на јазикот и онаа на историјата. Шефот на партијата тврдел дека „бугарскиот“ говор од Македонија бил користен од Кирил и Методиј, создавачите на словенската азбука. Со ова тврдење, тој ги поттикнал бугарските специјалисти од различни научни области да ја напаѓаат „србизацијата“ на јазикот во Македонија. Декретите ја обврзувале Академијата на науките да ги координира истражувањата на историчарите и на лингвистите во поглед на изработка на една кохерентна тема за „историјата, културата и јазикот на Македонија“. Во борбите за националната кауза, лингвистите доброволно им се придружувале на историчарите и ја граделе пирамидата на негирање на македонската историја и македонскиот јазик.
При таа стратегија постепено, Институтот за бугарски јазик бил опфатен од духот на ревизионизмот: се вршело повторно објавување на лингвистички дела од почетокот на 20 век и, особено, меѓу двете светски војни, инаку претходно сметани за „шовинистички“. Колекциите на „непристрасни“ мислења на странски лингвисти што се однесуваат на Македонија, исто така, сочинувале класичен пропагандистички метод потврден, на пример, со зборникот „Странски научници во врска со југозападните бугарски говори“. Како што покажува последниот наслов, во 70-тите и 80-тите години на 20 век, „македонските дијалекти“ исчезнуваат од терминологијата употребувана во Софија, тие се вброени во бугарскиот југозападен говор.
И по Тито – Захариева
Министерката, по падот на комунизмот, сигурно читала многу нови книги во кои бугарското општество ги осуди живковизмот, неговото време и начинот на кој владееше 35 години, опишан како антидемократски сталинизам и претеран национализам. За разлика од Бугарија, Социјалистичка Република Македонија во времето на Тито беше политичка светска велесила, но сепак покажуваше умереност, дипломатски такт, подаваше рака за соработка низ целиот свет. Тоа може да ѝ го раскажат нејзините родители. Во тој федеративен контекст македонските политички и научни преставници не беа прости, насилни, не се служеа со навредливи и понижувачки изрази својствени на денешните бугарски лидери. Говорот на овие последните не може да се оквалификува како ништо друго, освен како омраза кон еден народ, омраза и завист кон неговата суверена државност, кон неговиот афирмиран литературен јазик, одмазда кон позитивната историја и национален развој. Сѐ на сѐ тоа е негација, оспорување на правото на слободен живот на македонското, за жал, разединето општество доведено до раб на државен и национален опстанок.
И како крај може да се упати еден искрен поздрав до Захариева од мнозинството Македонци: времето на Тито е златното време на Македонија и на македонскиот народ. Кој и да ја прочита македонската повоена национална, политичка, економска, културна, спортска, световна или црковна историја ќе дојде до тој заклучок, колку и да бил непријател на Титовата политика и неговата личност. И таа историја овде во Македонија може да се заборави, но не може да се избрише. Или обратно – под влијание на Бугарија, на странски фактор и на домашни некадарни политичари може да се избрише, како што тргнало, но нема да се заборави.
А што се однесува за долгите прсти на Москва, тие отсекогаш, повеќе од сто и педесет години, ги мешаат во секоја манџа во Бугарија. Русите во два наврата ја ослободиле земјата, при сите меѓународни договори ја заштитувале. Во чест на заслугите на руски личности, цареви и војсководци се подигнати цркви, манастири, спомен и културни домови што ги носат нивните имиња, ако не се сменети во меѓувреме. Ако тие се однесуваат на историјата, на минатото, сведоштво за руското присуство во Бугарија е самото тврдење на власта дека претседателот Радев и голем дел од општеството повеќе се наклонети кон Русија одошто кон Европа. Руското масло самите Бугари го спомнуваат како активатор на масовните протести на опозицијата. Во тие кругови живеат Москва и нејзините служби.