Дали споредбите на 2009 година и 2021 година, и споредбата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ тогаш, и на Зоран Заев и СДСМ сега, се аргументирани? Поддржувачи на власта тврдат дека споредбите не се основани
Дали во 2021 година, повторно сме во 2009 година? Дали се наоѓаме на раскрсница меѓу неколку сценарија и сите се вртат околу подготвеноста да се расчисти со патрон-клиентелистичкиот систем? Во 2009 година технократскиот реформатор Никола Груевски, во контекст на светската финансиска криза, ветото на Грција за членство во НАТО и раст на внатрешните јазови, стана корумпираниот автократ Никола Груевски. Сега во 2021 година Зоран Заев, во сличен контекст, со светска здравствена и економска криза, со вето на Бугарија за членство во ЕУ и раст на внатрешните јазови, во која насока ќе продолжи? Дали ќе влезе во суштинско расчистување со клиентелизам и неспособност, борба против корупција и воспоставување владеење на правото? Предизвиците се уште поголеми бидејќи неотчетноста и корупцијата, како израз на патрон-клиентелистичкиот систем, се воспоставени од СДСМ, на почетокот на независноста, и СДСМ ќе мора да ја преземе одговорноста за демонтирање на тој систем. Доколку не се случи тоа и се вратиме во 2009 година, нѐ очекува пропаѓање со банкрот како во случајот на Грција.
Дали споредбите на 2009 година и 2021 година, и споредбата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ тогаш, и на Зоран Заев и СДСМ сега, се аргументирани? Поддржувачи на власта тврдат дека споредбите не се основани. Според нив, заробената држава на Никола Груевски се состоела од партизација (непотизам и корупција), заробување на медиумите и прогон на политичките ривали. Од тие елементи партизираноста никој не ја спори, но се спорат заробување на медиумите и прогон на политичките ривали. Тука пред сѐ треба да се присетиме дека и Никола Груевски не воспостави режим прекуноќ, туку тој процес започна во 2009 година, ескалира 2011 година, а по 2013/14 година почна да крахира. Какви се знаците во 2021 година?
Партизираноста никој не се обидува да ја спори. Месецов имаше неколку избори и именувања што јасно укажуваат на тоа. И тука не мислам на изборот на Насер Зибери за народен правобранител, за кого сметам дека како поранешен пратеник, министер за труд и социјална политика и нотар, веројатно е меѓу најсоодветните за народен правобранител. Тука мислам на изборот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на изборот на директор на царината.
Изборот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација очекуван со нетрпение, помина со големо разочарување. Меѓу кандидатите имаше активисти за човекови права со повеќе од 20-годишно искуство, како Звонко Шаврески, Мухамед Точи и др., ама за нив не се најде место. На еден од претходните избори за комисијата, пратениците на СДСМ, тогаш во опозиција, со часови аргументираа за изборот на Звонко Шаврески, ама сега кога се на власт, за него нема место во комисијата. Познавам некои од новоизбраните членови, кои иако без искуство се солидни личности, и се надевам дека многу брзо ќе ме демантираат за мојата разочараност. Уште побитен е примерот за промена на директорот на царината, една од институциите што неколку години добива позитивни оцени од ЕУ. Која е потребата да смените директор што е добро оценет? И тоа не е сѐ… Директорот дознава за промената од медиумите, една од карактеристиките на Никола Груевски, луѓе да дознаваат дека се избрани или разрешени од медиумите. Знак дека само лидерот автократ е важен, сите други се потрошен материјал.
Заробувањето на медиумите и прогонот на политичките ривали, поддржувачите на власта го негираат. Но нема одговор зошто релевантни институции го оценуваат системот во Македонија како транзициски или хибриден режим сега во 2020 година, а во 2009 година беше полуконсолидирана демократија? Што е тоа што ја прави власта хибриден режим? Има повеќе работи, но, еве, за почеток, почетокот на 2021 година ја обележи судски процес на тужителот Зоран Заев против Зоран Божиновски, новинар, како врв на неколку процеси на членови на фамилијата на Заев против новинари и политички ривали? Звучи дежа ви, звучи познато? Звучи како судските спорови на Никола Груевски и фамилијата, против новинари, против која цел новинарски еснаф и јавност се здружија? Во тој режим барем нискорангираните советници на премиерот не ги смсираа критичните новинари.
Или, пак, срамежливото туркање на владините реклами, за почеток преку институции како Фондот за иновации, а сега повторно отворено се заговара. Та нели сите беа против владините реклами на Никола Груевски како начин на заробување на медиумите?
Зошто тогаш дилемата за раскрсница? Зоран Заев и СДСМ се одлучија да воведат непосреден избор на претседател на партијата од страна на членовите на партијата. Во тек е реевидентирање на членовите на СДСМ, како ажурирање на членските листи, идни гласачки листи. Како застапник на непосреден избор на партијата, и покрај критиките дека непосредните избори во САД и Велика Британија ги направија партиите заложници на радикалните фракции, сметам дека во Македонија е неопходен чекор за демократизација на партиите, како прв чекор на демократизација на општеството. Но тој чекор сам по себе не е доволен, ако и други функционери на партијата како членовите на Централниот одбор и претседатели на општински комитети не се избираат на непосредни избори. Само така моќта на непосредно избран претседател ќе се проверува и балансира со моќта на други функционери непосредно избрани. На тоа треба да следуваат следни парламентарни избори со отворени листи, како чекор на јакнење на Собранието.
Најсериозниот тест во 2021 година, на правецот во кој ќе се движи Македонија, ќе бидат локалните избори. Со неопходниот оптимизам дека Македонија може да тргне во исправна насока.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020 #2021