Во нашата земја проблемот со сиромаштијата е сѐ поактуелен. На тоа укажуваат и податоците на Државниот завод за статистика дека 21,5 отсто или околу 480.000 од населението живее во сиромаштија. Тоа значи дека во нашата држава, која со Уставот е дефинирана како социјална, секој петти жител живее во беда. Од тоа произлегуваат и препораките на Европската Унија што поскоро стапката на сиромаштијата да се намали. Истовремено сѐ повеќе се актуализира потребата од меѓугенерациска соработка против сиромаштијата и создавањето подобри услови за достоинствен живот на социјално загрозените деца, на невработени и на стари и изнемоштени лица. Социјалната сигурност за овие лица треба да се обезбедува во согласност со начелата на социјална сигурност, хуманост и солидарност.
Познато е дека бројот на старите лица, како хетерогена група од 65 до над 100 години, постојано се зголемува. Според сите релевантни анализи, набргу нивниот број се очекува да изнесува 14,8 отсто од вкупниот број на населението, а десет години потоа и 18,8 отсто. Голем број од нив живеат во сиромаштија поради недоволната социјална заштита, ниските пензии, невработеноста и зголемувањето на вкупните трошоци за преживување. Се смета дека со сиромаштијата се судираат сите лица што живеат сами, а имаат годишен приход од околу 90 илјади денари, како и четиричлени семејства од двајца возрасни и две деца до 14 години, кои годишно не остваруваат повеќе од 180 илјади денари. Со други зборови, прагот на сиромаштијата за самци месечно изнесува околу 7.500 денари, а за четиричлено семејство околу 15.000 денари, што е над висината на просечната пензија. Најголем број сиромашни лица се невработени, примачи на социјална заштита, вработени со ниски или нередовни плати, но и над 100 илјади пензионери, кои примаат пензија од 8 до 12 илјади денари. Од вкупно 320.000 пензионери, околу 40.000 покрај пензија имаат и други приходи и на тој начин некои од нив ја избегнуваат сиромаштијата. Таа се ублажува и со тоа што пензиите навреме се исплаќаат, но проблем претставува што според новото законско решение тие се усогласуваат двапати во годината со 100 проценти само со трошоците за живот. Во претходните години пензиите се усогласуваа 50 отсто од растот на животните трошоци и 50 отсто од растот на просечната плата. Тоа беше поповолно, дотолку повеќе што платите значително се зголемуваат, а тој тренд не може да го следат пензиите. Со тоа најмногу се погодени корисниците на пензија со пониски пензии, кои се борат со сиромаштијата. Масовната група граѓани од третата доба посебно се радуваат на новите вработувања на младите кадри во стопанството, бидејќи на тој начин давачките кон децата и внуците им се намалуваат и повеќе пари им остануваат од пензиите, со што им се подобрува нивната куповна моќ и се ублажува сиромаштијата.
ЕУ со право бара подобрување на стандардот на сите жители во државата. Преовладува мислењето дека за да се намали овој проблем во нашата земја се потребни подобрување на економскиот развој, нови вработувања, зголемени плати врз основа на подобра продуктивност, подобри пензии, поправилно оданочување и слично, но неминовни се и реформи на социјалната заштита. Во минатиот месец е усвоен новиот закон за социјална заштита со кој социјалната помош значително се зголемува. Притоа се промовира одржување социјална сигурност на граѓаните, подобрување на квалитетот на нивниот живот, спречување на социјалната исклученост, како и зајакнување на капацитетите на граѓаните за воведување независен, активен и продуктивен живот. Законски е утврдено право на гарантирана минимална помош на секое домаќинство, кое е материјално необезбедено и нема сопствен имот од кој може да се издржува. Со законот се опфатени сите лица со социјална помош, домаќинства со деца што се со една минимална плата, невработени родители што чуваат деца со попреченост, како и лица над 65 години што не оствариле право на старосна пензија. Имплементацијата на мерките од Законот за социјална заштита се очекува да придонесе да се надмине сиромаштијата на околу 30.000 домаќинства. Едно четиричлено семејство со двајца возрасни невработени и две деца што одат на училиште ќе добиваат покрај гарантирана минимална помош од 6.800 денари, енергетски додаток од 500 денари, детски додаток 1.600 денари, образовен од 1.700 или вкупно 10.600 денари. Наедно со стапувањето во сила на Законот за социјална сигурност на старите лица започна процедурата таа да ја користат над 4.000 лица, кои имаат најмалку 65 години возраст со признаен стаж од еден ден до 15 години. Висината на оваа социјална пензија ќе биде 6.000 денари и паричен додаток од 1.000 денари од октомври до март заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството. Треба да се додаде и тоа дека овие лица според законот добиваат и право на здравствена заштита.
Сиромаштијата ќе треба да се намалува и со програмирана изградба на државни домови за стари лица со ниски примања. Во таа насока, во Скопје, Министерството за труд и социјална политика започна адаптација на државен објект во дом за евтино сместување на околу 100 стари лица. Како придонес во борбата со сиромаштијата и за продолжување на здраво и активно стареење е најавената целосна ревизија на позитивната листа на лекови и нивно поевтинување посебно за стари лица. Бесплатно болничко лекување годинава имаат корисници на старосна, семејна, инвалидска и земјоделска пензија пониска од 14.000 денари. Согледувањата покажуваат дека тој износ треба да се зголеми, но и да се анализира и можноста пензионерите и старите лица да бидат ослободени од плаќање партиципација за лекови што е практика во повеќе земји на Европската Унија и во други земји на европскиот континент. И не само тоа. Иако со намален број корисници годинава продолжи бесплатната бањска рекреација на пензионерите, со што државата стимулира развој на бањскиот туризам.
Од есен за развој на домашниот туризам продолжува субвенционирањето одмор за семејствата со ниски приходи. За оваа цел се издвоени 20 милиони денари, со што над 1.300 вработени, кои ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето-приход од вкупно 22.000 денари, ќе можат да користат одмор во туристички места во Охрид, Преспа, Попова Шапка, Маврово, Берово и други. Од 1 јули се воведува и мерката за поврат на ДДВ на граѓаните што имаат над 15 години и се регистрирани во системот на Е-даноци на УЈП и имаат активна трансакциска сметка. Моите анализи и на другите стручњаци укажуваат дека од ова нема многу да имаат корист сиромашните лица поради нивна многу скромна потрошувачка моќ. Освен тоа, околу 90 отсто од пензионерите и старите лица не се регистрирани во УЈП и не знаат да користат модерни мобилни телефони за скенирање на фискалните сметки. Секако, овие ранливи категории граѓани ќе беа позадоволни ако ДДВ се намалеше на нивните комунални трошоци. Но проблемот дополнително може да се намали со донирање вишок храна. Како што информираат од граѓанската организација „Сите сити“, во нашата држава се создаваат 12 илјади тони отпад безбедна храна, која може да нахрани 26 илјади социјално загрозени лица. Кога е во прашање надминувањето на сиромаштијата во нашата земја треба целосно исполнување на преземените мерки, без компромиси и недоследности, бидејќи во прашање е голата егзистенција на голем број млади, но и стари и изнемоштени лица.
(Авторот е новинар и публицист-експерт за трета доба)