Отсекогаш и насекаде во светот, меѓу луѓето, племињата, заедниците, државите, постоеле и постојат сериозни проблеми, отворени прашања, големи недоразбирања, расправии, кавги, пресметки, убиства и војни. Секогаш кога постоел таков проблем, на крајот се барало и се донесувало некакво решение, кога побрзо кога побавно. Добро или лошо, во зависност од ситуацијата, од реалноста на теренот или од моќта на едниот, а немоќта на другиот. Таква е сега сликата за односите меѓу Македонија и Бугарија, кога бугарската страна бара македонската да го направи невозможното, да се согласи да прогласи дека нема македонски народ, јазик, писмо, дури ни автентичен дух, традиција и вера. Еден ирационален спор, кој тешко ќе може да се реши на општо задоволство, еден заплеткан проблем што уште долго ќе биде расплеткуван. Бугарските политичари Република Македонија, поточно македонскиот народ го сметаат за овцата Доли, првиот вештачки клониран цицач, ако под терминот клонирање се подразбира дека еден организам ги има сосема истите карактеристики наследено од некој друг организам.
Во антиката, во Библијата, во легендите постојат низа случаи на спорови и начини и патишта за нивни разврски. Сепак, две легенди имаат светска, универзална слава, познати по името на своите актери и по начините како решиле сложени проблеми. Едната е постара и се однесува на еврејскиот цар Соломон и соломонското решение, а другата за Александар Македонски и Гордиевиот јазол.
Царот Соломон владеел со Израел десет века пред новата ера. Покрај сите човечки мани што ги имал, останал запаметен не само како многу успешен владетел туку бил прочуен и по своите изреки, по своето снаоѓање во сложени ситуации, по големото знаење, по праведноста, особено по своите мудрости, поради што го добил и името Соломон Премудриот. Се прославил како праведен судија по една случка што важи до денес како симбол на невообичаено, но вистинско и праведно решение.
Во третата „Книга царства“ од Библијата е раскажан тој настан, а легендата тече вака: Две жени блудници што живееле во иста куќа се породиле во разлика од три дена. Набргу едното дете умрело, бидејќи мајка му налегнала на него и го задушила. Таа станала ноќта и своето мртво дете ѝ го подметнала на другата жена, а кај себе го зела живото бебе. Утрината, двете жени почнале караница, жестоко се препирале и не можеле да се разберат. Дошле пред царот да пресуди чие е живото дете и на која треба да ѝ припадне. И едната викала „мое е“, и другата викала „мое е“. Тогаш царот заповедал да му донесат меч и кажал дека живото дете ќе биде пресечено на две половини, како такво да се подели, едната половина од детето да ја земе едната, другата половина другата жена. Во тој момент првата жена спискала: „Честит царе, господаре мој. Дајте ѝ го детето живо на таа што го бара, само не убивајте го“. Другата, пак, мирно рекла: „Нека не биде ни мое ни твое, сечете го‘‘. И царот проговорил и рекол: „Дајте ѝ го живото дете на првата и не убивајте го, таа е неговата мајка“. И сиот народ на Израел „чул за пресудата што ја изрекол царот и затоа го почитуваа многу, бидејќи видоа дека во него има божја мудрост да извршува суд, праведен и честит“ – пишува во Стариот завет.
Поимот „соломонско решение“ оттогаш до денес се однесува на решение што во одреден степен ги задоволува двете страни во судирот, без разлика дали станува збор за судир меѓу две лица, за политичко-партиски судир, за проблем меѓу две земји, па дури и за судир на идеи и слично. Освен „соломонско решение“, за истата работа и со исто значење се употребуваaт и фразите „соломонска одлука“ или „соломонски суд (пресуда)“.
За Соломоновата слава како мудар владетел сведочат стотиците негови изреки и мудрости. Меѓу нив, секако, спаѓаат и оние што говорат за тоа дека „царот со својата правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува“. „Човек што е разобличуван, а останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, ќе нема за него лек“. „Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога нечесниот господари, народот офка“. Неизбежно е да припомниме на една негова запишана мудрост, изречена илјада години пред новата ера, за која многумина мислиме дека е оригинална македонска поговорка. А таа Соломонова мудрост гласи: „кој на друг јама му копа, сам ќе падне во неа“.
Речиси нема човек кому не му е позната легендата, древното предание, за фригискиот град Гордион (во Анадолија, денешна Турција), каде што тамошниот цар ги заврзал рудата и јаремот од една воловска кола со толку заплеткан јазол што никој не можел да го отплетка. Се обидувале многумина, но никому не му успевало да ја реши таа загатка, која се сметала за најголема и најмистериозна во светот, а поставена од човечка рака. Обидите не биле малку, зашто пророштвото велело дека оној што ќе успее да го расплете јазолот тој ќе биде господар на Азија, односно на светот.
По четири века од пророштвото, во Гордион заседнал со војската Александар Македонски, чекајќи да помине зимата и да го продолжи воениот поход кон земјите на изгревот на Сонцето. Додека бил таму, неколкупати се обидувал да го разврзе јазолот, но и покрај сиот ум и сила што ги имал, не успевал да го реши проблемот. На крајот, кога го изгубил трпението, едноставно го извлекол мечот и само со еден удар го пресекол јазолот. По кратка постапка, што би се рекло. Според легендата, притоа, наводно, изговорил уште една кратка но славна реченица. Рекол: „Не е важен начинот – важно е што е решен проблемот“. По тој настан се остварил само дел од пророштвото. Александар станал господар на Азија, но не и на светот. Зошто? Затоа што, наводно, пророштвото кажувало дека оној што ќе го расплете, а не што ќе го пресече јазолот, само тој ќе владее со светот. Го пресекол јазолот, но загатката не ја решил, што има разлика.
Оттогаш „Гордиевиот јазол“ стана општоприфатена светска метафора за тешко решлив проблем, поточно за проблем што може да се реши само на радикален начин. Метафора за брзо и решително дејствување во тешка и сложена ситуација, за дрско и смело постапување кога е нешто премногу заплеткано, презамрсено. Но за самиот ефект од пресекувањето на јазолот, има голем број толкувања, се расправало многу, изнесени се различни мислења, понекаде уште се одвиваат филозофски полемики. Клучната точка каде што се гледаат разликите во гледањата е следна: Ако потегот со мечот на Александар ја симболизира човековата генијална мисла, тогаш јазолот е решен, но ако се набљудува како насилен чин, не е вистинскиот начин да се решава проблемот. Физички победил, но психолошки, целосна победа не остварил. Гордиевиот јазол попусто бил исечен, зашто тој постојано се обновува, нема почеток и крај. Во симболиката јазолот претставува заплет на дејството и расплет на ситуацијата.
Неговото отплеткување, метафорично гледано, значи или-или, или живот или смрт, или решение или ослободување, што ја покажува двојноста на симболот. Јазолот ја исфрла на површина напнатата состојба, нејзината комплицираност и замрсеност, тој е слика на нејасната ситуација, на заплетканоста во туѓа или во сопствената мрежа.
Симболот на јазолот е ист како оној на прапотопските чудовишта: ако челуста е стегната, тоа значи смрт за оној што е во неа, ако е полабава, значи можност за ослободување. Јазолот е и еден вид лавиринт, кој треба да се помине за да се дојде до излезот, односно до решението. Тој може да се отплеткува и низ етапи што ја покажуваат смислата на упорноста и трпението за нешто што е почнато да се доврши докрај. При разврзувањето постои мудро правило, кое го практикувале далекоисточните народи, а се докажало корисно во многу ситуации. Тоа правило гласи: јазлите врзани со определен ред може да се разврзат само по обратниот редослед.