Добрите вести се дека постои висока јавна поддршка за важноста на вакцините, препознавање на личните придобивки од вакцините и важноста родителите да ги вакцинираат децата
Деновиве, кога јавноста е потресена и жали за смртни случаи предизвикани од мали сипаници (морбили), болест што може да се превенира со вакцина, потребно е здравствените власти и властите воопшто да пристапат кон проблемот на несигурноста и сомневањето кон вакцините и особено кон антивакцинерите што водат манипулативна кампања. Прво треба да се признае дека има проблем. При крајот на декадата на СЗО 2011-2020 за светот (земја), во која сите индивидуи и заедници имаат живот без болести што можат да се превенираат со вакцини, ние имаме епидемија на мали сипаници (морбили). Решението на проблемот не може да се реши само со забрани туку мора да се истражи, да се утврдат легитимните загрижености и изворите на лажни вести и да се подготви јавен пристап како да постигнеме живот без болести што можат да се превенираат со вакцини. И тука треба да се согледаат и глобалните и странските искуства, бидејќи проблемот на несигурноста и сомневањето кон вакцините не е само кај нас и тука.
Деновиве Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и „М-проспект“ го објавија своето истражување на јавното мислење и перцепции за вакцините. Добрите вести се дека постои висока јавна поддршка за важноста на вакцините, препознавање на личните придобивки од вакцините и важноста родителите да ги вакцинираат децата. Девет од десет граѓани (89,7 проценти) веруваат дека вакцините што се во примена се важни за здравјето во нашето општество денес, наспроти само 7,3 проценти, кои сметаат дека не се важни. Тоа е повисока перцепција на важност и од развиени земји како Канада. Три од четири граѓани (74,8 проценти) веруваат дека лично имале придобивки од вакцините. И повторно речиси девет од десет граѓани (86,3 проценти) сметаат дека е важно родителите да ги вакцинираат децата.
Не толку добрите вести се поврзани со (не)довербата во сегашниот систем, неинформираноста, ставот дека научната поддршка на вакцините не е неоспорна, и гледањето на вакцините како прашање на личен избор, а не на јавно здравство. Иако повеќе од половина од граѓаните (56,8 проценти) имаат доверба во сегашниот систем на државата за оцена на безбедноста на вакцините и препораките кога треба да бидат дадени, немаат доверба два од пет граѓани (39,7 проценти). Се чини дека клучен генератор на недовербата е неинформираноста. Граѓаните повеќе се информирани од медиуми (28,8 проценти), од Фејсбук (13,5 проценти) и интернет-портали (11,7 проценти) отколку од матичните доктори (18,4 проценти). Секој втор граѓанин (51,6 проценти) смета дека јавноста не добива доволно информации од докторите за вакцинацијата. Еден од три граѓани (33,1 процент) смета дека родителите имаат право да одлучат дали нивните деца ќе бидат вакцинирани или не, колку што и сметаат дека вакцинацијата е прашање на личен избор, а не прашање на јавно здравство (61,5 процент).
И секој втор граѓанин (54,1 проценти) смета дека безбедноста на детското вакцинирање бара понатамошна дебата, наспроти 38,2 проценти граѓани што сметаат дека науката што ја поддржува безбедноста на вакцинацијата е неоспорна. За споредба, во Канада 39 проценти од граѓаните сметаат дека „науката за вакцинација не е многу јасна“. Недовербата кон сегашниот систем и науката за безбедноста е поврзана со загриженоста за несаканите дејства на вакцините, за што се загрижени две третини од граѓаните (69,7 проценти). Таа загриженост не е заснована на лични искуства, бидејќи помалку од еден од десет граѓани (8 проценти) имал искуство со некој што имал несакана реакција на вакцина, при што дадените примери се покачена температура и аутизам.
Се чини дека прашањето на поврзаноста на ММР или МРП-вакцината за мали сипаници (морбили), заушки и рубеола со аутизмот е еден од генераторите на недоверба во системот на вакцинација. Еден од три граѓани (39,2 проценти) верува дека постои поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, што е повеќе од тие што не веруваат (34,1 проценти). И во Канада значајни 30 проценти од граѓаните веруваат дека сериозни несакани дејства може да бидат предизвикани од вакцините.
Прашањето на несигурноста и сомневањето кон вакцините не е партиско или политичко, односно половина од граѓаните (52,4 проценти) сметаат дека и либералите и конзервативците еднакво се сомневаат во вакцините.
И додека две третини (59,2 проценти) од граѓаните ја поддржуваат забраната за прием на деца што не се вакцинирани, значаен е и отпорот од 35,3 проценти што не се согласуваат. Интересно е да се види колку постои поврзаност на третманот на вакцините како личен избор и неподдршката на мерката. Иако дел од јавноста доживува дека забраната за прием на деца што не се вакцинирани е да се заштитат вакцинираните деца, тоа не така. Забраната е да се ограничат комуникацијата и ризикот за епидемија, со што се заштитуваат невакцинираните деца, бидејќи тие што се вакцинирани секако веќе се заштитени од малите сипаници (морбили).
Здравствените власти треба да ја употребат добрата перцепција на граѓаните за важноста на вакцините и да развијат стратегија како да се справат со несигурноста и сомневањето кон вакцините.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Вакцини