Кризата со ковид-19 ги актуелизира прашањата за улогата на владите во справувањето со епидемијата. Нема дилема дека одговорноста за справување со оваа криза во најголема мера паѓа на државите. Македонија не е и не може да биде исклучок. Резултатите од неуспехот на државата да одговори соодветно на пандемијата се толку трагични, колку што беа и предвидливи. Веќе не е тешко да се види и сфати целосниот опсег на неуспесите што ја клекнаа нашата нација на колена. Владата на Македонија не ја исполни својата обврска да ги заштити граѓаните за време на пандемијата на коронавирусот. Поради задоцнетите и несоодветни реакции и мерки за справување со пандемијата, соочени сме со шокантно висока стапка на смртност и неконтролирано ширење на вирусот. Ако кон ова го додадеме и фактот дека Македонија е една од ретките држави што сѐ уште немаат набавено вакцини против ковид-19, тоа само по себе воспоставува prima facie случај против оние што се одговорни за донесување критични одлуки за време на пандемијата, бидејќи пандемијата не може да коси животи без одговорност. Смртта мора да биде компензирана со одговорност. Начинот на кој се однесува власта имплицира дека таа цврсто ќе се спротивстави на секое прашање за правна одговорност за последиците од нејзиното (не)справување и (не)успехот да се подготви и соодветно да ја менаџира пандемијата.
Недостатоците на државите во заштитата на населението под нивна грижа од заканата од ковид-19 го нарушија основното право во меѓународното право за човекови права: правото на живот. Само да потсетам дека правото на живот во согласност со меѓународното право за човекови права ѝ наметнува на владата позитивна обврска да го заштити животот од широк спектар на здравствени и безбедносни ризици, вклучувајќи и ризици поврзани со пандемијата. Државата треба „да преземе соодветни мерки за менаџирање на општите услови во општеството што може да предизвикаат директни закани по живот, или да ги спречат поединците да го уживаат достоинствено своето право на живот“, услови што може да вклучуваат „распространетост на болести опасни по живот“. Државната одговорност настанува кога владата креирала ризици поради неспроведување на мерките за справување со пандемијата, или не го сторила тоа навремено, или на друг начин не успеала да ги заштити јавното здравје и животот на човекот.
Неуспехот на една држава да преземе барем минимални чекори за да го заштити своето население од ширење на ковид-пандемијата го нарушува правото на живот на оние што се заразуваат и умираат. Притисокот за барање потенцијална одговорност на владата во врска со небрежноста и пропустите во однос на мерките за справување со пандемијата е нужен и неизбежен, особено кога бројот на смртни случаи продолжува да расте, а вкупната стапка на смртност по жител е една од највисоките во Европа. Како што е во Македонија. Бидејќи луѓето умираат во значителен број, може да се ангажира членот 2 од Европската конвенција за човековите права.
Тоа што сме далеку од правна држава, тоа што правото ни го сведоа на „волјата на лидерот на владејачката политичка гарнитура подигнато на ниво на закон“, тоа што постои недостиг од јасна законска регулатива и партиско судство, како и соодветната ерозија на политичката одговорност, не значи дека владините службеници никогаш нема да бидат повикани на одговорност зашто не го заштитиле здравјето на граѓаните. Никој не може да си поигрува со правото на живот без одговорност. Да, за да постои повреда на членот 2 од Конвенцијата, треба да се докаже дека жртвата починала како директен резултат на државните активности или пропусти, алтернативно треба да се докаже дека државата не успеала да го заштити животот на луѓето. Не верувам дека ќе биде тешко да се воспостави таквата каузална врска. Кога државата ќе нѐ заборави, треба да ѝ покажеме дека ние не ја забораваме.
Можеби, од метафизичка гледна точка, вредноста на животот е бесконечна, т.е. не може да се измери. Или можеби тоа е само прашање на принцип и животот нема цена. Како и да е, од политичка гледна точка, размислувањето дека изгубените животи за време на пандемијата се само статистичка бројка едноставно е погрешно. Бројките се дел од мерката на одговорност на владите кога животот на нивните граѓани е загрозен од страшна закана како што е пандемијата.
Плаќање за живот и плаќање со живот се два основни елементи што ни помагаат да разбереме која е цената на човечкиот живот од политичка гледна точка. Додека како политика плаќањето со живот е тешко да се оправда и јавно да се прифати, плаќањето за живот се смета за многу полегитимна позиција на власта. „Треба да платиме за да спасиме животи, државата ќе плати“, изјави претседателот Макрон. Затоа што тоа е прашање на одговорност за државата. Ресурсите на државата се користат за заштита на здравјето на населението, спречување болести, лекување болни. За жал, ние животот во пандемијата го плаќаме сами. Тоа ни го потврди и ЕУ. Затоа, време е да ја натераме државата да плати за изгубените животи за да спасиме идни животи. Зашто смртта не е перцепција. Тоа е реалност што ја живееме во моментов.